Добро утро со Инфомакс: Се колнам во името на Бога, верата и честа, дека отсега ќе служам колку што можам за слобода на нашата татковина Македонија!

t

Широкото ослободително движење што ја зафатило Македонија во 90-тите години од XIX век довело до формирање на тајна револуционерна организацијa, наречена најпрво МРО, а потоа и ТМОРО, ВМОРО, ВМРО…

Иницијативата за тоа ѝ припаднала на македонската интелегенција. Македонските студенти во странство започнале да создаваат разни друштва во чија основа влегле револуционерните цели.

Од своја страна, тешките социјално-политички услови во земјата исто така придонесувале за спонтано создавање на групи, чија основна задача била самоодбрана од разните  злосторници.
Во 90-тите години од XIX век скоро во сите делови на Македонија егзистирале организирани групи од селани за самоодбрана. Само во непосредната околина на Битолско имало неколку такви групи.

На 23 октомври 1893 година (стар стил) во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се собраа шестмина млади мажи за да ги ставаат основите на тоа, кое што ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – професор, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Aрсов – професор, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – професор, родум од с.Гуменџе, Ениџе Вардарско, основаат конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет.

По обемната дискусија во која дошле до израз погледите на секој поединец, најпосле, според тврдењето на И.Х.Николов, се поставиле следниве цели пред новата организација: да биде тајна и револуционерна; нејзината територија да ја сочинува Македонија во географските и етнографските граници, поради што ќе се вика внатрешна; во неа да членуваат лица што се родени и што живеат во Македонија, без разлика на вера и народност. Политичката цел на организираните Македонци била: автономија на Македонија, да се чува самостојноста на Организацијата, за да не падне под влијание на политиката на владите на соседните слободни држави.

На состанокот се решило еден од присутните, Петар Поп Арсов, да изработи проект на устав. Подоцна, кога овој Устав бил прифатен, се извршило и конституирање на новата организација. За претседател бил избран Христо Татарчев, а за секретар-касиер Даме Груев.

Низ годините Македонската револуционерна организација била, и се’ уште е симбол на непокорот, на пркоста, на отпорот на македонскиот народ и борбата за независна држава. МРО е неразделен дел од генетскиот код на секој Македонец, кој се пренесувал од колено на колено, исто како идејата за слободна Македонија.

Добро утро Македонци, во продолжение заклетвата која ја давале новите членови на Организацијата:

“Се колнам во името на Бога, верата и честа, дека отсега ќе служам колку што можам за слобода на нашата татковина Македонија и Одринско; ќе ги слушаме наредбите на нашите главатари; нема никому да ги кажеме скришните народни работи. Ако не ги слушаме наредбите на нашите главатарии ако некому, свесно или несвесно, кажеме за она што сега го гледаме, што го слушаме и што го работиме да бидеме убиени од браќата со оружјето што сега го целиваме. Амин”

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Новиот претседател на Аргентина, Милеи, положи заклетва

Новиот претседател на Аргентина, Хавиер Милеи денеска…

Нека е вечно ВМРО, нека е вечна…

Поранешниот премиер на Република Македонија и лидер…

Апасиев за 23 Октомври: МАКЕДОНИЈА е долга…

МАКЕДОНИЈА е долга и широка работа. Затоа,…

Добро утро со Инфомакс: Да не чекаме…

Македонскиот револуционер Гоце Делчев, срцето на Македонската…