Државниот Тутунски комбинат „нанижа“ профит од 2,7 милиони евра

t

Од финансиски приходи од своите вложувања, веројатно од фирма – ќерка, прилепскиот Тутунски комбинат оствари принос во вредност од 4 милиони евра и тие беа доволни да ја покријат загубата од 1,8 милиони евра од оперативното работење. И на крај што би рекле прилепчани „да остане фазла“ и профит од 2,7 милиони евра

Најголемиот тутунски комбинат во земјава и единствен државно поседуван годинава ја заврши со добивка од 2,7 милиони евра. Станува збор за државниот Тутунски комбинат Прилеп кој беше прва од сите откупувачи која ја зголеми цената на суровиот тутун за 15 отсто. 

Официјалните податоци на компанијата покажуваат дека не заработиле од производството и продажба на тутун туку биле во загуба од 1,8 милиони евра на крајот на 2023 година. Но затоа пак благодарение на финансиските приходи од 5 милиони евра оваа компанија успеала да прокнижи нето добивка од 2,7 милиони евра.

Минатата година прилепскиот Тутунски комбинат од продажба на тутун инкасирал 13,45 милиони евра и тоа е резултат на ниво на претходната 2022 година. Во структурата на остварената продажба извозот учествува со 9,32 милиони евра и тој резултат е за само 3 отсто подобар од претходната година. На домашниот пазар компанијата пласирала стоки во вредност од 4,12 милиони евра што е за 3 отсто послаб резултат од претходната година.

Оперативните трошоци на компанијата изнесуваат 15,49 милиони евра и тие се зголемени за 5 отсто. Најголем релативен раст во структурата има кај трошоците за вработените. Тие се зголемени за 22 отсто и на крајот на минатата година изнесувале 3,55 милиони евра.

Во Обазложението кон финансиските извештаи кое може да се најде на веб страницата на Македонската берза за хартии од вредност нема детали за структурата и за основата на финансиските приходи благодарејќи на кои прилепската компанија заврши со добивка. А тоа е очекувано. Затоа што голем број на котирани компании образложенијата ги прават само и усклучиво за да ја задоволат формата, а Берзата не бара повеќе и се задоволува со тоа да се испочитува рокот и формата на овој документ кој за инвеститорите има големо значење.

Единствено во извештајот за Паричниот тек кој е дел од финансиските извештаи може да се најде траг за изворот на средства кои во билансот на успех се прикажани како финансиски приходи. Имено постои веројатност дека приливот на прилески Тутунски комбинат иде од поврат на вложувања во фирма – ќерка. Тоа е заедничката инвестиција, веројатно, со меѓународната тобако корпорација „Филип Морис“. Постои веројатност дека таа од тоа вложување прилепската компанија остварила поврат во форма на дивиденда во вредност од 4 милиони евра што е за 27 отсто повеќе од повратот во 2022 година. 

Извор: Фактор

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Отсуство на државна регулација на банкарскиот сектор…

Отсуство на државна регулација на банкарскиот сектор…

Амнести Интернешнал: Производителите на вакцини алчни за…

Откако постојат вакцини против Ковид-19, болеста за…

Фајзер нема да знае каде да ги…

Американската фармацевтска компанија Фајзер деновиве ја зголеми…