Европа да се подготвува за „голем број жртви“?!

t

Според информации објавени во некои европски медиуми, во Брисел „зад затворени врати се одржуваат специјални состаноци во строго ограничен круг на учесници и сценарија за можни напади со голем број жртви на европско тло“.
Имено, повеќе амбасадори на земји членки на Европската Унија во изминатите денови разговарале за тоа „како би реагирале европските институции доколку континентот се соочи со тешка хибридна операција со човечки загуби“.

Сценаријата за кои се дискутирало предвидуваат „координирање на реакциите, испраќање специјализирани тимови, активирање финансиска помош и усогласување на официјалните пораки кон јавноста“. Според медиумите, „станува збор за подготовка за можни настани, а не за потврда дека конкретен напад е непосредно планиран“.

Меѓутоа, токму начинот на кој ваквите подготовки се претставуваат отвора сериозно прашање за тоа дали Европа се подготвува да спречи некакви „антиципирани кризи“ или перманентно влегува во процес на навикнување на јавноста да живее со очекувањето на воен напад однадвор?!

Брисел го позиционира стравот како нова политичка реалност

Наш извор од Брисел упатува на „сè поголемата преокупација на европските институции со сценаријата за хибридни закани и можните последици од нив“.

Јавно достапните информации во меѓувреме (бриселски „Политико“) потврдуваат дека „во ЕУ се разгледуваат механизми за координиран одговор на вакви ризици“.

– Постои значајна разлика меѓу подготвеноста за вонредни ситуации и политичката клима што се создава кога во центарот на јавната комуникација постојано се поставуваат најцрните можни исходи. Формулацијата „голем број жртви“ сама по себе има силно психолошко дејство. Таа не информира само за безбедносен ризик туку и создава слика за можна катастрофа, која, иако не е непосредно најавена, почнува да се доживува како реално очекување. Кога таквите предупредувања се надоврзуваат на најави за нови безбедносни стратегии, специјализирани тимови и дополнителни финансиски инструменти, се создава впечаток дека Европа се подготвува за неизбежна конфронтација. А токму неизбежноста на конфликтот е една од најопасните пораки што политиката може да ѝ ги испрати на јавноста – вели нашиот извор од Брисел.

Брисел вперува прст во виновникот, но одговорите не се секогаш конечни

Во европската безбедносна дебата Русија сè почесто се посочува како „одговорна за различни форми на хибридно дејствување, вклучувајќи и саботажи, сајбер-напади и операции насочени кон критичната инфраструктура“.

Европските претставници ги наведуваат овие ризици како причина за посилна координација и поголема подготвеност.
Од друга страна, Москва ги отфрла обвинувањата за организирање хибридни напади врз европските држави. Меѓутоа, проблемот не е само во тоа кој кого обвинува туку и во прашањето колку внимателно се утврдува одговорноста пред да се донесат политички заклучоци. И самите сценарија што се разгледуваат во Брисел, според медиумите што го откриваат ова, го отвораат прашањето „што ако се случи напад со човечки жртви, а во првите часови или денови не може со сигурност да се утврди кој стои зад него“.

– Во такви околности, избрзаното посочување виновник може да има сериозни последици. Ако политичките пораки ја надминат доказната основа, безбедносната процена лесно може да се претвори во инструмент за дополнително заострување на односите. Во атмосфера на висока недоверба, сомнежот станува обвинение, обвинението станува политичка позиција, а политичката позиција може да се претвори во оправдување за нови мерки на конфронтација – брифира нашиот извор од европската администрација во Брисел.

Нови формати, нови фондови, нова психологија на кризата

Брисел разгледува начини за побрзо распоредување стручни и интервентни тимови, мобилизирање европски финансиски средства и усогласување на комуникацијата по евентуален сериозен инцидент. Се подготвуваат и пошироки безбедносни рамки, со поделба на задачите меѓу Европската Унија и НАТО. Од институционална перспектива, овие мерки може да имаат оправдана цел: и се прикажува во јавноста дека се преземаат во насока „да се избегнат хаос, институционални недоразбирања и доцнење во помошта доколку навистина се случи напад“.

Но, од политичка перспектива, се наметнува и едно друго прашање поврзано со тоа „каква порака испраќаат европските лидери кога сè поголем дел од нивната агенда се организира околу лабавата претпоставка за следната голема безбедносна криза?!

– Секоја нова стратегија, секој механизам за итна реакција и секој дополнителен фонд има своја институционална логика. Сепак, нивното постојано поврзување со драматични сценарија може да придонесе за нормализирање на чувството на опасност. Така, во јавноста постепено се создава психолошка рамка во која милитаризацијата изгледа неизбежно, зголемувањето на безбедносните расходи се претставува како единствено разумно решение, а дипломатските иницијативи добиваат сè помал простор. Не станува збор за тврдење дека секоја безбедносна подготовка е непотребна, туку за предупредување дека институционалната подготвеност не смее да се претвори во трајна политика на вознемиреност – вели друг наш соговорник, македонски дипломат со кој ја анализиравме оваа тема.

„Подготовката за мир“ на Брисел многу личи на „подготовка за војна“

Дополнителна неизвесност создава и односот меѓу ЕУ и НАТО.

– Ако се случи хибриден напад со тешки последици, жртви или материјална штета, тогаш ќе мора да се утврди дали станува збор за саботажа, терористички чин или напад што може да отвори прашање за колективна одбрана. Во вакви случаи брзината на реакцијата е важна, но еднакво се важни и доказите, пропорционалноста и политичката процена. Погрешна идентификација на сторителот или непромислен одговор може да предизвикаат последици многу поголеми од првичниот инцидент. Затоа, Европа не треба да избира меѓу безбедноста и дипломатијата како да станува збор за две меѓусебно исклучиви опции. Напротив, одговорната безбедносна политика треба да ги обедини во концептот на заштита на инфраструктурата, истрага заснована врз докази, канали за комуникација и механизми за спречување погрешни процени. Ако, пак, јавната комуникација се сведе на предупредувања за масовни жртви, непријателски операции и потреба од постојано зајакнување на одбраната, ризикот е безбедносната политика да почне да ја произведува токму онаа атмосфера што тврди дека сака да ја спречи – вели нашиот соговорник од Скопје, дипломат од кариера.

Европа има потреба од смирување, а не од политика на неизбежност

На европските граѓани им се потребни институции што ќе ги штитат од реални закани, но и политички лидери што ќе знаат да направат разлика меѓу претпазливост и ширење страв.

– Подготовката за најлошото сценарио во континуитет, како што одамна практикува Брисел, но и влади на некои членки на ЕУ, тешко може да биде дел од одговорното управување. Ако таквото сценарио постојано се наметнува како централна политичка порака, без истовремено да се вложува еднаков напор во деескалација, јавноста ризикува да стане заложник на постојана вонредна состојба во сопствената свест. Европа или барем еден стабилно рационален дел од оваа Европа и некои од европските влади (противмилитантно и деескалирачки насочени) не смеат да дозволат секоја неизвесност да стане аргумент за нов круг политичко заострување, ниту секое сомневање однапред да се претвори во конечна пресуда. Вистинската сила на европските институции не се мери само според бројот на подготвени интервентни тимови, висината на фондовите или брзината со која можат да активираат кризен механизам. Таа се мери и според способноста да спречат паника, да ги контролираат сопствените реакции и да остават простор за дипломатско решение дури и кога политичките односи се на најниската точка.

Прашањето што се наметнува по состаноците во Брисел не е само дали Европа е подготвена за евентуален напад. Прашањето е и дали нејзините лидери се подготвени да ја преземат одговорноста за зборовите со кои ја обликуваат јавната свест. Зашто, меѓу подготвеноста за одбрана и навикнувањето на воена психоза постои тенка, но суштинска граница. А кога политиката ќе престане да нуди веродостојна перспектива за деескалација, стравот лесно станува самостојна политичка сила — и опасна замена за дипломатијата – образложува нашиот искусен соговорник, дипломат од кариера.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Европа да се подготвува за „голем број…

Според информации објавени во некои европски медиуми,…

Фон дер Лајен со остра осуда за…

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…

Луда држава…

Луда држава... Додека бугарските служби се занимаваа…

Седрак: Невозможно е Михаилова да минала на…

Невозможно е да се премине границата како…

(Видео) Хакери претвориле замрзнувачи во грејачи: Речиси…

Необичен кибербезбедносен инцидент е пријавен во Франција,…