Објавено на:

Европо што направи?! Хрватска по бугарски терк најавува вето за три соседни земји поради историски прашања?

t

Следејќи ја Бугарија, сега и во Хрватска има навестувања за вето против кандидатите за пристап во ЕУ. Се работи за Србија, Босна и Црна Гора. Како оправдување служат отворените историски контроверзии, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

Примерот на Бугарија создаде преседан, пишува ФАЦ.

Сега кога владата во Софија успеа да ги направи историските билатерални прашања со Македонија официјален дел од преговорите за пристапување во ЕУ, оваа идеја почнува да им се допаѓа на другите земји-членки. Во Хрватска, која ѝ се приклучи на ЕУ во 2013 година како последна нова членка до денес, веќе почна дебата за ова.

Прашањето е какви предуслови треба Загреб да им наметне на соседните земји Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, кои доколку не се исполнат, може да резултираат со вето за блокирање на пристапниот процес на овие земји (или, во босанскиот случај, отворање на пристапните преговори).

Хрватската академија на науките и уметностите претстави и труд за ова. Под насловот „Придонес за заштита на хрватските интереси“ се наведени мноштво опции за можна блокада. Од Босна, на пример, треба да се бара уставна реформа. Босанските Хрвати се растргнати меѓу сецесионизмот на Србите и унитаризмот на муслиманските Бошњаци. Затоа е неопходно тие да добијат свој сопствен дел од земјата, таканаречен ентитет – вклучувајќи ги „сите права што произлегуваат од него“, како што се вели во документот.

Најголем дел од барањата се насочени кон Србија

Од босанската влада во Сараево, исто така, би се барало да ја признае „вистинската, ослободителна улога на Хрватска и Хрватите“ во одбраната на државата од српската агресија во босанската војна (1992-1995). Според загрепскиот документ, ова вклучува и босанските власти да престанат со „лажно обвинување на Хрватите на суд“, односно повеќе да не ги казнуваат воените злосторства наводно извршени од Хрватите во Босна. Дополнително се спомнуваат и наводно нејасни граници.

Од Црна Гора би се барало воспоставување загарантирани пратенички места за малото хрватско малцинство во земјата. Црногорската држава би морала и да плати за учеството во српската агресија врз Хрватска во 1990-тите. Во тоа време, Дубровник, меѓу другите места, беше гранатиран од црногорска територија. Загреб сега вели дека ако Црна Гора сака да постигне напредок во преговорите за пристапување во ЕУ, мора да побара прошка за злосторствата извршени во тоа време.

Сосема очекувано, најдолгиот каталог на барања е насочен кон Србија. Белград мора да престане да „поттикнува непријателство кон Хрватска“ и да се откаже од „митот за Јасеновац“. Јасеновац беше најголемиот концентрационен логор во таканаречената „Независна Држава Хрватска“, која му беше помал партнер на Хитлер на Балканот помеѓу 1941 и 1945 година. Според веродостојни истражувања, околу 70.000 Срби, Евреи, Роми и хрватски комунисти биле убиени во Јасеновац. Хрватските екстремисти, од друга страна, го омаловажуваат Јасеновац како еден вид камп за опоравување, со театарски групи и танцови. Во Србија, пак, бројот на жртвите е мошне напумпан. Сега Хрватската академија на науките индиректно ѝ препорачува на својата влада да го користи нееднаквиот баланс на силите во разговорите за пристапување за да го протурка погледот на Загреб за Јасеновац како обврзувачки.

Историските прашања би можеле да го запрат процесот на пристапување

Според предлогот на Академијата, „политички коректната“ оценка на улогата на кардиналот Алојзије Степинац, кој беше надбискуп на Загреб за време на Втората светска војна, може да стане и критериум за прием на Србија. Исто така, враќањето на украдениот архивски материјал од времето на Втората светска војна и „хрватската пролет“ во социјалистичка Југославија. Сè што е релевантно за историјата на Хрватите на етнички хрватската територија и пошироко ќе треба да се врати. Покрај тоа, Србија мора да ја признае својата агресија врз Хрватска во 1990-тите, првенствено со плаќање на штетата направена за време на српската инвазија.

Некои од барањата предложени од Академијата изгледаат сосема разбирливи. Фактот дека Загреб бара враќање на украдениот архивски материјал не може да се отфрли како националистичко лудило. Севкупно, сепак, каталогот на барања е деликатен поради основниот став зад него: не се работи за отворена дебата за историски теми, што остава простор и за нијанси и сиви зони, туку за обид да се пропише одредена „историска вистина“ како единствена правилна и обврзувачка.

Тенденцијата да се втурнат билатералните историски спорови од академскиот свет во дневната политика и да се направат услов за продолжување или дури и за почеток на пристапните преговори со ЕУ е сигурен начин за конечно запирање на пристапниот процес на Балканот. Резултатот би бил дека спорот за бројот на жртвите во концентрационен логор или улогата на католички свештеник за време на нацистичката ера ќе одлучи дали цела земја ќе биде блокирана, дали на цела генерација ќе ѝ биде дозволено да се приклучи на ЕУ или не.

Може да се тврди дека Академијата на науките и уметностите не е хрватската влада, вели ФАЦ, така што нејзиниот труд не ја претставува надворешната политика на Хрватска. Но академиите во државите во регионот се особено блиски до владите, се гледаат себеси и се сметаат за нивна продолжена рака. Секако, загрепската академија веднаш ја проследи својата анализа до претседателот Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ.

Тоа би требало многу да му се допадне на Милановиќ, хрватски националист. Веројатно е само прашање на време кога тој или другите политичари во земјата ќе ги прифатат идеите на Академијата како свои. Ова брзо може да доведе до политичка динамика од која е тешко да се најде излез, бидејќи силите што се подготвени на компромис се прогласуваат за „предавници на татковината“.

Следните блокади на преговорите за проширување на ЕУ би биле логична последица. На крајот на краиштата, тоа дефинитивно би се вклопило во сликата за процес во кој оригиналните критериуми за пристапување – институционалната стабилност, функционалната држава со владеење на правото, почитувањето на човековите права, функционалната пазарна економија и сличните барања – играат само споредна улога. Наместо тоа, се одржува еден вид вето-фестивал. Споровите се за средновековните кралеви, доцните отомански борци за слобода и католичките теолози, завршува ФАЦ.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Се пребаруваат гробиштата во Злот: Еве каде…

Додека цела Србија се прашува каде е…

Вучиќ најави нови инвестиции од француски компании…

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска изјави…

Осомничените за убиството на Данка не покажале…

„Навистина ми е неразбирлива таа ладнокрвност при…

Вучиќ од Париз: Стекнувањето на „рафали“ би…

Започнавме со важни средби за нашата земја,…

Хрватска очекува поголем економски раст од просекот…

Економијата на еврозоната веќе некое време е…