Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(5.) Битка за вистинска демократија во Македонија

t

Зошто наместо функционална, имаме формална демократија?(5.)

Битка за вистинска демократија во Македонија
/Првиот чекор е слободни, фер и демократски избори/

Ако ги анализираме сите досегашни избори во Македонија и извештаите за нив од ОБСЕ/ОДИХР, ќе забележиме дека, стандартите слободни, фер и демократски избори, се испочитувани само во 1900-та, 1998-та и 2002-та. Во сите останати има безброј неправилности, недоследности и прекршување, како на меѓународните стандарди за избори, така и на домашната изборна легислатива. Склони сме оваа вистина да не си ја признаваме, ама затоа, кога најмалку очекуваме, вистината ни експлодира во лице. Така, честопати бевме сведоци на бедата и срамотилакот на парламентот, извршната власт, судството и контролните механизми на системот. Видовме државна и партиска корупција, злоупотреба на јавните фондови, злоупотреба на функциите во јавниот сектор без малку во сите јавни институции. Ова непримерно и надвор од законот однесување на сите наведени чинители е инфлагранти компромитација на принципите на правда, еднаквост (недискриминација) и владеење на правото.

Ништо повеќе нема да биде исто после аферите Катица и СЈО, Рекет 1 и 2, собранискиот изборен инженеринг, и државната и партиска изборна корупција. Свеста за одговорна власт е падната на најниско ниво, а граѓаните изразуваат се поголем цинизам кон јавните и практични политики на политичките партии. Победниците на нефер и недемократски избори секогаш ја живеат нелагодноста, т.е. фатеноста во стапицата на “Проклетството на победникот“(winner’s curse). Тоа е еден вид непријатно чувство кога задоволството на победникот е поматено од сознанието дека платил превисока цена за “победата“.

Значи, изборите, како комплексен политички чин, се индикатор и катализатор на видот и степенот на политичката социјализација и култура. На вонинституционален план, изборите се битни за создавање поволна психолошка клима, за стабилност на политичката заедница и за идентификација на граѓаните со неа, а на институционално политички план пак, резултатот на изборите, доколку тие се слободни и непосредни, е легитимно претставничко тело кое ја презентира вољата на избирачите.
Сакаме ли да го достигнеме европското и светското демократско ниво, тогаш треба да знаеме дека ни претстои битка за вистинска демократија во Македонија.
Зошто?

Најпрвин затоа што македонското општество е партиски фрагментирано до тој степен што на граѓанската активност (невладини организации, здруженија синдикати) често се гледа како на “продолжена рака“ на власта, а богами и на опозицијата. Етничките и политичките расцепи се длабоки. Како на филмска лента се надоврзуваат историските и општествените околности од 1990 година до денес:

 Недемократска транзиција како општествена деструкција;
 Нетранспарентна, срамна и неправедна приватизација на општествениот и државниот капитал;
 Создадена е голема армија на стечајци и невработени;
 Предизвикано е богатење на малцинството на сметка на осиромашување на мнозинството кое и ден денес е во тек;
 Создавање на мала група на пост комунистички олигарси;
 Дозволено е увоз на терористи и предизвикување на етнички конфликт во 2001 година;
 Државата и општеството постојано се во политичка, економска и морална криза;
 Присутна е несватлива несоработка помеѓу власта и опозицијата;
 Има се поголем број на масовно и неказниво кршење на човековите права;
 Корупцијата, кронизмот и непотизмот се се помасовни и досегаат до врвовите на власта;
 Македонското општество е длабоко фрагментирано;
 Демократскиот процес е забавен и поткопан;
 Маргинализирана е партиципативната улога на граѓанинот во демократијата;
 Борбата за власт е бескрупулозна, жестока и нефер и во неа најчесто се користат недозволени и незаконски средства.

Краен резултат на сето ова е 78то место на Македонија на листата на Економист за развој на демократијата. Според таквиот индекс на демократија Македонската демократија е оценета како хибридна и е во друштво на Ел Салвадор, Украина и Бангладеш.
Предвид сето ова на Македонија, како држава и општество со мал опит во демократските води, ни треба најдобра демократија. Демократија која ќе го достигне врвот. Тоа со маргинализирани државни институции, поради коруптивното однесување на партиите на власт, непотизмот и кронизмот, тешко дека ќе го постигнеме. Она што во актуелниот миг ни е потребно е демократизација на самата демократија.
Политичките партии морат да се навикнат многу повеќе и уште подобро да соработуваат со граѓанскиот сектор. Во таа смисла охрабрувањата за силна граѓанска култура се неопхпдни и повеќе од потребни – сега и тука. Само така граѓанската сфера ќе биде поттикната од власта, која пак од своја страна таа е нејзина културна основа. Кога на овој двоен сооднос власт/влада – граѓански сектор/граѓанско општество, ќе се додаде и економијата, го добиваме триножното столче на демократијата за кое зборува Ентони Гиденс, и додава дека тие треба да бидат урамнотежени(Ентони Гиденс, Забеган свет, Филозофски факултет, Скопје, 2003).
Вистинската демократија во Македонија може правилно да се развива и притоа да прогресира, а не да стагнира и регресира, само ако се направат структурни промени во основата на системот, ако на нив се надоградат демократски односи на многу повисоко ниво од сегашното, и ако процесот го водат лидери со демократски капацитети.
Само така блокираното македонско општество ќе биде одблокирано, активирано и насочено во демократски прогрес. Воедно, тоа е и првиот чекор за справување со забеганите политички елити, што во финала ќе доведе до нивни неминовен пораз. Значи лидершип, и борба за демократија. Ништо не доаѓа и не се добива без борба. Демократијата на лице изгледа како кревко цвеќе. Ама во суштина е жилава билка, способна да преживее, и покрај сите авторитарни атаци врз неа. Тоа е и причина повеќе да се истрае во битката да демократија во Македонија. Првиот пак чекор во таа битка за демократија се фер, слободни и демократски избори.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Вероника Консевиќ обезбеди бронза за Македонија во…

Македонија освои уште еден медал на Медитеранските…

Србија набавува офанзивно оружје, тоа треба да…

Европа мора да ја зајакне сопствената безбедност…

Зеленски: Велика Британија и Франција го деблокираа…

Украинскиот Претседателот Володимир Зеленски денес изјави дека…

Елмас официјално претставен во дресот на Аталанта:…

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас вечерва на…

Утре без струја делови од Скопје, Тетово,…

Поради планирани зафати на електродистрибутивната мрежа, утре,…