Ковачевски доби мандат за состав на влада – планира да ја предложи околу 10-11 јануари

t

Претседателот Стево Пендаровски вчера врз основа на членот 84, став 1, алинеја прва од Уставот, му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, откако од СДСМ добил известување за предлог за мандатар, поддржано од политичките партии кои заедно имаат мнозинството во Собранието.

По добивањето на мандатот Ковачевски изјави дека тоа за него преставува чест и одговорност, најавувајќи дека ќе формира „нов тим луѓе кои треба да одговорат на сериозните предизвици кои не чекаат од почетокот на следната година“.

Тој посочи дека сме соочени со долгогодишни проблеми и оти затоа се потребни стабилни, храбри и одговорни луѓе кои, како што рече, ќе понесат одговорност, да се соочат и да ги надминат сите препреки со цел заштита и грижа за граѓаните и најави дека новата влада ќе има јасна цел, обезбедување сигурност, подобар живот и иднина за граѓаните.

– За тоа е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење што ќе биде одлика на тимот кој јас како мандатар ќе го составам, нагласи Ковачевски, најавувајќи дека ќе се залага да се врати довербата на граѓаните во политиката и во институциите и ветувајќи независни институции и правично општество.

Ковачевски планира Владата да ја предложи околу 10-11 јануари идната година, односно во пократок рок од уставно предвидениот.

Принципот на одговорност, изјави синоќа Ковачевски, ќе биде одлика на управувањето.

– Технократскиот начин на управување обично се поврзува со цврста рака на владеење, меѓутоа за мене тоа значи еден мерит систем на раководење, каде што секој којшто извршува одредена јавна функција, треба одговорно и чесно да ги извршува своите задачи, согласно со зададените цели. Секој, низ личен пример, да работи во интерес на граѓаните и да одговара при непостапување, рече Ковачевски.

Тој додаде дека од работата на новата Влада може да се очекува силна посветеност на економските реформи во државата, силна посветеност на справувањето со најгорливите прашања, а тоа се предизвиците од енергетската глобална криза, корупцијата, владеењето на правото, како и продолжување на патот за влез во ЕУ.

Ковачевски нагласи дека фокусот на неговата влада ќе биде на економскиот развој на земјата и финансиска поддршка за семејствата.

– Не смееме да дозволиме политички поделби и бескрајни расправии, кои прават голема штета на развојот и реализација на проекти и реформи кои се потребни за подобар живот на сите, додаде Ковачевски.

Пред, Пендаровски да му го довери мандатот на Ковачевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека од новото раководство на СДСМ и од мандатарот очекува продолжување на политиките на Зоран Заев.

– Имав прилика да слушнам едно интервју на Ковачевски, стерилно, буквално не можам да препознам некоја политичка, лидерска реченица која ќе можам да ја коментирам. Затоа очекувам само продолжување на политиките и ништо друго, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека од Ковачевски не слушнал ништо ново и не очекува никаков пресврт во однос на политиките на Владата што тој ќе ја предводи. Министерот за правда Бојан Маричиќ пак оцени дека Ковачевски во врска со новото раководство на СДСМ успеал да спои различни групи на луѓе.

– Секое време носи нов тим и раководство. Ова е една убава можност за освежување на врвот на СДСМ, има луѓе кои се докажани во својата професија една мешавина на нови кадри, Ковачевски покажа способност да ги спои различните групи, луѓе и да ги спои во овој врв јас сум убеден оптимист дека ќе има успех, нагласува Маричиќ.

Во однос на тоа дали ќе биде дел од новата влада, Маричиќ истакна дека тоа ќе го каже новиот мандатар. – Јас сум на располагање и сум подготвен. Би презел каква било должност која ќе ми се понуди во новиот концепт на мандатарот, изјави Маричиќ.

Собранието минатата недела ја констатира оставката на премиерот Зоран Заев, со што почна да тече рокот од десет дена во кој претседателот Пендаровски треба да го довери мандатот за формирање нова влада.

Централниот одбор на СДСМ на седницата што се одржа во понеделникот официјално го потврди Ковачевски како кандидат за нов премиер.

Откако Ковачевски го доби мандатот за формирање нова Влада, се очекува во текот на првата половина на следниот месец тој до Собранието да ги достави програмата за работа и составот на новиот владин кабинет, по што пратениците ќе треба да гласаат за избор на новата влада. За да биде избран, за предложениот владин кабинет треба да гласаат најмалку 61 пратеник. Новото парламентарно мнозинство составено од коалицијата предводена од СДСМ, заедно со ДУИ, Алтернатива и ДПА има 64 пратеници во Собранието.

Претседателот на Собранието Талат Џафери образложувајќи ја целата постапка за избор на нова влада, изјави дека очекува таа да ја преземе функцијата на 17 јануари 2022 година.

Мандатарот, како што истакна Џафери, во рок од 20 дена од приемот на мандатот треба да излезе пред Собранието со предлог персонален состав на новата влада и програма за работа на владата.

– Во моментот кога ќе се добие персоналниот состав и програмата на владата, тогаш почнува рокот на Собранието – во рок од 15 дена од тој момент да се свика седница за избор на влада. Седницата трае два дена. Вториот ден, пред 24 часот треба да се гласа за нова влада и очекувам некаде 10-11 да добијам предлог состав на владата и програма и врз основа на консултации со пратеничките групи кои се во Собранието, да се определи датум за одржување седницата. Најверојатно тоа ќе биде 15-16 јануари, да се одржи дебата два дена, вториот ден на 16, пред 24 часот да се изгласа новата влада, која на 17 изутрината би ги презела функциите во министерствата, односно во владата како тим со мандати и со сите овластувања коишто произлегуваат од одлуката со избор, изјави Џафери.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Како може лидер да не ја…

Лидер е човек кој тоа што ветил…

(Видео) Американски топ дипломат го уништи Христијан…

Заменикот на државниот секретар на САД, О'Брајан…

Ковачевски: ДПМНЕ го кочи европскиот пат на…

Одговорноста има име и презиме, тоа е…

Ковачевски во Виена: Економската соработка и интеграција…

Економската соработка и интеграцијата на земјите е…

Срдечна средба на Ковачевски со Александар Сорос

Премиерот Димитар Ковачевски на маргините на Парискиот…