Колумна на Сотир Костов: Друже “академик“, ако и понатаму мислиш дека Бугарите биле административци, ти пожелувам да те администрираат такви

t

Писма до Македонците(3.)

Блгарска војска, жандармерија, “браници“, “паисиевци“, “легионери“ и “ратници“…. како административци во Македонија

Да, ама само во главата на господинот Драги Георгиев и блгарските политици. Инаку, во реалноста сите тие го чинеа бугарскиот фашистички окупаторски режим. Да одиме со ред. Окупацијата на Македонија од страна на бугарскиот фашистички окупатор во Втората светска војна беше обид за решавање на македонското прашање во корист на Бугарија и нејзината монархофашистичка власт.

Крајната цел на поробувањето беше окупација на Македонија, со цел да се изврши денационализација и асимилација на македонскиот народ. За таа цел Бугарија во Македонија постави воен, полициски, административен и културно-просветен фашистички систем, кој во пракса се покажа како режим, бидејќи прогонуваше, затвораше, измачуваше и убиваше недолжни млади луѓе и граѓани, комунисти и припадници на партизанското движење.

Ударна тупаница на тој систем беа војската, полицијата и жандармеријата. Бугарската војска окупацијата ја изврши со Петата армија, со четири дивизии и Вториот корпус со три дивизии. Полицискиот апарат се состоеше од две обласни полициски управи во Скопје и Битола, три градски и 21 околиски управи. Постоеја воено-политички чети, моторизирана полиција, коњички полициски ескадрон и посебен род полиција за заштита на објекти и установи.

Се воспоставија и воени и граѓански судови(околиски, обласни и апелациони), со широки овластувања. кога на ова ќе се додаде кметството со кметско намесништво, како и финансиските органи, па централното комесарство за снабдување, и инспекциските служби сликата, полека, ама сигурно се разјаснува.

Сите овие државни, судски, воени и полициски органи беа потпомогнати од бугарската црква(Ученички христијански друштва), бугарското школство(управители, директори, учители и други административци), и од најразлични т.н. културни комитети, клубови и организации, од типот на Браник, Легионер(Сојуз на бугарските национални легиони – радикални фашисти за “Велика обединета Бугарија“, соработници на ванчовистичката ВМРО, копија на италијанските фашисти), Ратници(борци против антифашизмот и комунизмот), Јунак(борба против Соколите во Македонија), Отец Паисиј(Себугарски младински сојуз) и др.

Сите тие со агресивна пропаганда изведена преку културни, образовни и спортски комитети и клубови, библиотеки, радија, театар, кина и филмови, со помош на бугарската црква и Ученички христијански друштва, но и со специјалниот закон за промена на македонската националност во бугарска, го сонуваа сонот Македонија припоена во Бугарија. Е тоа е “администрацијата“ туто комплето, во смисла цело е кога има се и секого, за сешто.

Штета, им се изјалови – не бидна ништо од тоа. Јебига друже Георгиев – судбина. Ама и лоша карма(твоја), тоа што не успеа фашистичкиот бугарски окупатор во Втората светска војна, сега преку тебе “на мала врата или преку прозор“, сака да го постигне профашистичката бугарска политичка врхушка. Не бива бе баче Георгиев. Не, не и не! Не го бива тоа! Еве и зошто.

Сосема накратко да ја претставам фашистичката организација “Браник“. Создадена е по иницијатива на премиерот на владата на Бугарија, Богдан Филов, а потврдена со Указ на царот Борис III 29 декември 1940 година. Значи, евидентна вмешаност на две државни структури – владина и царска. Идеологијата и структурата на организацијата Браник беше целосно националистичка, фашистичка и расистичка, со мото “Борис, Бугарија, Господ!“ и амблем “Б“ на униформата, во служба на големобугаризмот. Основни цели и задачи на огранизацијата беа создавање на државен национализам и фашизирање, т.е. ширење на фашистичката идеологија кај младите Бугари(копија на законот за Хитлеровата младина “Хитлер југенд“ од 1936 година) во Бугарија.

Нејзината структура се состоеше од 9 одделенија, од кои најистакнати беа организационо, пропагандно, школско, одржување врски со други фашистички младини, спортско, финасиско, а дејствувањето се одвиваше преку дружини, чети и јадра. Во Македонија активноста на Браник беше насочена против прогресивната младина во Македонија, со цел нејзино превоспитување во фашистички и нацистички дух, а се спроведуваше во бугарските училишта во Македонија преку осум паралелни програми. Посебна активност на блгарските браници, потпомогнати од малубројните им македонски колеги им беше поткажување на илегалци – млади скоевци, партизани и Евреи од Македонија.

Браниците дури и го надминуваа идеалот на “Санстефанска Бугарија“, и одеа неколку чекори понапред кон “Нова Европа“ – со крв и жртви освоен простор потребен за бугарската среќа.

Е сега драги мои Македонци кажете ми вие што е ова? Чиста окупација спроведена од државната власт на Бугарија, при што се употребени сите можни човечки, институционални, воени, полициски и финансиски ресурси за територијално заземање на друга држава(Македонија) и потчинување на народ(македонски), преку репресија и убиства, со крајна цел – негова денационализација и асимилација.

А сега, му се обраќам на освестениот административец, благонадежен академик: Друже “академик“, ако и понатаму мислиш дека Бугарите биле административци, а не фашистички окупатори, тогаш ти пожелувам цел живот да те администрираат такви административци. Ти тоа и го заслужуваш. Чесно и поштено. А!? Што велиш? Убаво желание. Онака, чисто административно. И без никаква задна намера.
Уф, за малку ќе ги заборавев Хитлер, како идол на “административците“ од Блгарија, и Маркс, како негова спротивност. Колку за едно мало наравоучение.

Знаеме дека Фирерот го учеше занаетот на спасител на човештвото, фрлајќи им на два стаорци парчиња леб и уживајќи во нивната борба околу лебот.

Тука се повикувам на сарказмот или цинизмот на почитуваниот Љубиша Георгиевски, кој знаеше да каже дека судбината така ги дели улогите: два субјекта добиваат нешто што може да му припадне само на едниот од нив.

И сега, некој моралист, ќе рече дека луѓето не се стаорци. Јас со тоа се согласувам, ама не знам дали тоа е подобро или полошо за нив?! Да не заборавиме дека Маркс, сакаше да верува дека и стаорците ќе се претворат во луѓе(?!?). Само прашање е дали ќе го заборават, сосема и дефинитивно, својот стаорски багаж и дали, претворувајќи се во луѓе, нема да го загадат и онака веќе премногу загаденото човештво?

Некој ќе рече тоа е само технологија на судбината. Друг ќе додаде, абе тоа судбината сака да се занимава со режија. Не, драги мои Македонци, тоа се само сеќавања што болат. Реално е, и го паметиме само насилието, а се друго е утешение грешних.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бугарски бесрамности и македонски ќор-сокаци: Политичари аматери…

БУГАРСКИ БЕСРАМНОСТИ И МАКЕДОНСКИ ЌОР - СОКАЦИ…

Никовски: Украина носи несогледливи последици за сите…

УКРАИНА НОСИ НЕСОГЛЕДЛИВИ ПОСЛЕДИЦИ ЗА СИТЕ Се…

Трифун Костовски: Институциите не ги штитат граѓаните…

ЕУРОСТАНДАРД БАНКА, ЖРТВА НА ПОЛИТИЧКИОТ СИСТЕМ ВО…

Сотир Костов: Неподносливата леснотија на манипулирање –…

Неподносливата леснотија на манипулирање Како да не…

Костов: Смрдеата од неисчистените Авгиеви штали на…

Денес ќе ви презентирам како блгарската историческа…