Комисијата за заразни болести смирува: Нема онлајн настава, училиштата ќе се затворат последни ако има потреба

t

Од Комисијата за заразни болести велат дека на сила се само четири мерки за заштита од ковид-19, за задолжително носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и во старските домови, а наставата ќе почне со физичко присуство за сите

Учениците оваа учебна година ќе ја следат со физичко присуство во училиштата и засега нема можност за одржување онлајн настава, информираат од Министерството за образование и наука. При евентуални кризи од кој било вид, здравствена, енергетска или еколошка, ставот на МОН е дека училиштата последни ќе се затворат, а први ќе се отворат.

Одреден број родители на социјалните мрежи споделуваат загриженост во врска со пандемијата со коронавирус, која не е завршена, како и со енергетската криза. Во семејствата каде што имале потешки случаи со ковид-19, каде што има чувствителни или болни членови, родителите се плашат децата да не го донесат повторно вирусот во нивните домови, а дилема е и енергетската криза што може да донесе студени училишта, темни улици и екстремно загаден воздух. Но, од МОН се категорични:

– Околу начинот на организирање на наставата, препорака дава Комисијата за заразни болести, така што доколку има промена на одлуката за отпочнување на наставата со физичко присуство во училиштата, навремено ќе биде споделена – велат од Министерството за „Слободен печат“.

На прашањето, пак, за потенцијални проблеми зимава од аспект на затоплување на училиштата, за тоа дали имаат анализа како се греат објектите и дали сите ќе имаат доволно пари да обезбедат непречена настава, како и дали се размислува за продолжен зимски распуст или онлајн учење во зима, од МОН велат дека во вонредни околности, училиштата последни треба да се затворат.

– Ако се случи такво нешто, училиштата први треба да бидат повторно отворени. Состојбата ќе се следи и за какви било одлуки поврзани со наставата, јавноста ќе биде информирана навремено – велат од МОН.

Од Комисијата за заразни болести велат дека сите мерки за спречување на пандемијата Владата ги укина пред четири месеци, а на сила се само четири, односно задолжително носење заштитни маски во здравствените установи, аптеките, јавниот превоз и во старските домови.

– Ја следиме ситуацијата и ако има потреба, ќе ѝ препорачаме на Владата да донесе нови мерки. Наставата во училиштата ќе почне со физичко присуство за сите – вели портпаролот на Комисијата за заштита од заразни болести Злате Мехмедовиќ.

Извор: Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Конечно – Се воведуваат стручна матура и…

Владата, на денешната седница, утврди текст на…

Превентивни мерки против Ковид-19 во грчките училишта

По зимскиот распуст поради новогодишните и божиќните…

Минатата недела имало 72 случаи на заразени…

Вкупно 47 пациенти со грип биле прегледани…

(Видео) Во сериозна неизвеност се доведени исплатата…

Градоначалникот на општина Карпош Стевчо Јакимовски денеска…