Криминална шема во Грција: Измамници со фиктивни компании ја оштетиле државата за над 13,3 милиони евра
Криминална организација во Грција, преку фиктивни компании и лажни фактури, ѝ нанела штета на државата од над 13,3 милиони евра, соопшти грчката полиција, јавија грчките медиуми.
Во рамки на истрагата, во поширокиот регион на Солун биле уапсени петмина, меѓу кои и двајца кои, според полицијата, биле раководни членови на криминалната организација. Уште 18 лица биле идентификувани како поврзани со случајот.
Според истрагата, организацијата дејствувала најмалку од септември 2022 година. Нејзините членови основале компании за општа трговија со фиктивни управители, преку кои вршеле трансакции и издавале даночни документи со цел да избегнат плаќање ДДВ и други даночни обврски.
Шемата функционирала така што производи биле набавувани од компании во земји членки на Европската Унија без ДДВ, по што биле пласирани на грчкиот пазар преку фиктивните компании. Даночните обврски биле префрлани на имињата на фиктивните управители, но не биле уплаќани во државниот буџет.
Покрај даночната измама, членовите на организацијата, како и нивни роднини и пријатели, биле пријавувани за социјално осигурување без да се плаќаат соодветните придонеси, со што дополнително била зголемувана штетата за државата.
За да ги избегнат контролите на надлежните институции, членовите постојано основале нови компании и менувале фиктивни управители. Според полицијата, на лицата што биле користени како фиктивни управители им биле исплаќани меѓу 500 и 1.500 евра месечно, а во некои случаи биле ангажирани и лица во состојба на социјална маргинализација.
Грчките власти продолжуваат со истрагата за целосно расчистување на случајот и утврдување на улогата на сите лица поврзани со криминалната организација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Радев прогнозира дека мафијашките убиства низ Бугарија…
Бугарскиот премиер Румен Радев смета дека убиствата…
До 12 часот во Србија гласале 34,55…
До 12 часот гласале 34,55 отсто од…
Малолетник (15) од тетовско Боговиње е ранет…
МВР информира дека вчера попладне во 14:10…
Рама најави построги казни за протестите во…
Албанскиот премиер Еди Рама најави пакет законски…
БРАВО! 18-годишен делчевец пронашол лични документи и…
Пример за чесност и граѓанска одговорност: 18-годишен…