Левица: Родител на малолетничката која го предводеше врсничкото насилство во Ѓорче е лице вработено во Општината директно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ
Иако Општина Ѓорче Петров со денови е во фокусот на јавноста поради монструозниот случај на врсничко насилство врз шестоодделенка, од Левица критикуваат дека институциите се однесуваат како да станува збор за маргинален инцидент, а не за аларм што бара итна и сериозна реакција. Според информациите кои пристигнале до Левица, родител на малолетничката која го предводи насилството е партиски вработен кадар во Општината, односно како што велат, лице вработено директно од штабот на ВМРО-ДПМНЕ и за краток период позиционирано на повисока функција.
„Во таа насока, „мерките“ што се преземени не се насочени кон расчистување на случајот, туку кон негово заташкување: бришење на фотографии со конкретното лице, инструкција истото да не се појавува на работа одреден период, координирано отсуство на целиот сектор за образование токму на седница на Комисијата каде се знаеше дека ќе се отвори прашањето за врсничкото насилство, отсуство на градоначалникот од седницата по случувањето, паѓање односно нефункционалност на веб-страницата на Општината по што исчезнуваат информации поврзани со вработената.
Во меѓувреме, состојбите во училиштето не се подобруваат. Напротив, според нашите информации, малолетниците инволвирани во бруталното насилство добиваат можност да одат на екскурзија, додека родителите, од страв за безбедноста на сопствените деца, се принудени да ги повлекуваат од тие активности“, порачуваат од опозициската партија.
Според Левица, во истото училиште, под раководство на директорката Гордана Насковска, подолг период се случуваат низа потресувачки и непримерни ситуации.
„Советниците од Левица континуирано алармираат – за дел од нив јавноста знае, за дел не поради избегнување на двојна виктимизација на жртвите. Но, наместо интервенција, Општината систематски ги прикрива слабостите и не дозволува проблемите да се именуваат, а камоли да се решат. Најзагрижувачко во сето ова е што во центарот на институционалното однесување не се децата, туку заштитата на кадри. Децата треба да бидат највисок приоритет – тие се најранливиот сегмент и најголемата одговорност на секое општество. Кога системот избира да штити поединци наместо нив, тоа е показател за длабока девијација во вредносниот и институционалниот поредок.
Затоа, молкот не е опција. Прикривањето не е решение. Одговорноста не може да се одложува. Повторно бараме ОСТАВКА од директорката Гордана Насковска. Доколку истата не ја поднесе, бараме нејзино итно разрешување“, стои во партиското соопштение.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Левица до Филипче и Мицкоски: Немаме хипотеки…
Присуството на Левица на јавната трибина „Што…
ВМРО-ДПМНЕ: СДС да не шират паника, Филипче…
Пензионерите денес имаат конкретени резултати кои што…
ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ си ги мерат „АРМИИТЕ“…
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ денес повторно…
АФД победи на покраинските избори во Мекленбург-Западна…
Крајнодесничарската Алтернатива за Германија (АфД) извојува победа…
ВМРО-ДПМНЕ: На Филипче му смета секој успех…
Филипче денес се најде да зборува за…