Леонардо да Винчи: Гениј кој ги измисли јазикот на сликите и менталните мапи

t

Великани на светската историја(11.)
Гениј кој ги измисли јазикот на сликите и менталните мапи(прв дел)

Луѓето со многу висока генијалност се најактивни кога извршуваат најмала работа
Генијалноста е способност комплицираното да се сведе на едноставно.

Минатата година се навршија 570 години од раѓањето на универзалниот гениј Леонардо да Винчи. Вреди да го одбележиме тој јубилеј со потсетување на животот и делото на овој гениј. Леонардо да Винчи бил познат сликар, вајар, изумител, истражувач на природата и творец на многу изуми. Сите се согласуваат со едно, а тоа е дека таков генијалец се раѓа еднаш во илјада години. А тој бил токму тоа – генијалец.
Роден е во местото Винчи. Многукратниот талент што го поседувал, бил забележан уште во најраното детство. Сите му се восхитувале. Бил силно момче, со сјаен дух и широко срце. Учел цртање, математика, музика и механика.
За него науката и уметноста биле работи што се поврзани една со друга. Всушност, тој наоѓал чудна поврзаност на се што е во природата, перцепцијата на човекот и мислите, визиите (сликите) во главата. Од тие причини бил многу љубопитен, постојано ја опсервирал работната и животната средина, сакал да ги поврзе работите, во смисла на поврзување на неговите откритија со уметноста што ја создавал. Систематички ги набљудувал работите, а пота детално ги анализирал до најмали детали. Постојано трагал по водечките принципи, служејќи се со дијаграми, графикони, цртежи и скици, со цел да ги формулира и реши проблемите. Како дете седел со книга пред врата, ги набљудувал облаците и го запишувал она што го гледа. Подоцна, како повозрасен, тајно сецирал трупови за да го продлабочи своето знаење за човечкото тело, мускулатурата, коските и пропорциите.
Уште како млад размислувал како вистински научник. Бил талентиран и за сликање и вајање. Се интересирал и за мечување, јавање и танцување. Прекрасно пеел и свирел на лира. Се верува дека со својата музика успеал да и измами и насмевка на Мона Лиза. Токму таа дискретна насмевка ја овековечил при сликањето на портретот на наведената госпоѓа. Истата е и предмет на дискусија на стручната јавност веќе повеќе декади, и секој има своја верзија на објаснување од каде доаѓа безвременската убавина, како на насмевката, така и на портретот на Мона Лиза, во целина.
Инаку, Леонардо, постојано цртал и гледал разни фигури во облиците, пепелта, калта и другите дамки што сите ги пренесувал на сликарското платно. Тврдел дека очите се прозорци на душата и ни помагаат да ги разбираме и цениме делата на природата. Тој можеби е најсоодветниот пример за голем креативен ум кој го користи јазикот на сликите за да генерира илјадници брилијантни и иновативни идеи. Ја проучувал природата и мечтаел за универзумот. Особено се интересирал за летот на птиците бидејќи сакал да ја направи првата машина за летање. Познати се таканаречените Леонардови бележници во кои тој користел слики, дијаграми, симболи и илустрации, како најчеста форма на бележење на мислите кои надоаѓале во неговиот ум.
Централно место на неговите бележници или метафорично кажано душата на тие бележници се цртежите и скиците кои поради тоа што содржат безброј чисти и креативни генијални мисли денес се сметаат за едни од највредните книги на светот. Овие цртежи и скици му помогнале на Леонардо да размислува на различни полиња, како на пример уметноста, психологијата, инженерството, акванаутиката, биологијата и др. За Леонардо јазикот на зборовите бил на второ место по јазикот на сликите. Тој него го користел за да ги поттикне или опише своите креативни мисли и откритија, но сепак, врвната алатка што ја користел за креативното размислување бил јазикот на сликите.
Прашање од милион долари е: дали денес постојат луѓе како Леонардо? Можеме ли денес некого да го споредиме со него? Има ли субјект во политиката(разбира се во Македонија) кој барем малку наликува на Леонардо да Винчи? Тешко е да се најде некој толку сестран и извонреден. А само замислете си што би се случило, владата на Зоран Заев, или на Димитар Ковачевски да го има својот Леонардо, Њутн или пак Галилејо? Што милите, како тој би се справувал со проблемите во врска со името, идентитетот, историјата, евроинтеграциите и слично? Или пак со проблемите како енергетска криза, ценовен шок, инфлација или сиромаштија? Изгледа малку се занесов….ајде да не забегувам, и така за тоа се претплатени забеганите политички елити на власта што без прекин не малтретира и мобингува.
Додека ги најдеме одговорите Леонардо и понатаму ќе биде човек-научник, човек-генијалец, за сите времиња. Неговиот дух се пренесува низ вековите. Инвентивноста што го красеше ја чувствуваме и денес. Неговиот творечки и мистериозен живот и неговото креативно дело уште долго ќе бидат инспирација за истражувачите и творците и за тие што со мислите се во иднината.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Рашковски тврди дека го местат: Децата имале…

Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски,…

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…