Македонски светилници(1.) Последната стрелба на херојот Христо Узунов/Херојската драма во Цер?

t

Христо Узунов е голем македонски син – револуционер и херој, со чиј револуционерен лик и дело ги воспитуваме генерациите македонски. Има и зошто, поточно, еве зошто тој е светол пример за револуционерна пожртвуваност, за родољубие, за храброст и за саможртва. На 24 април 1905 г., две години по Илинденското востание, еден настан – храбар и одважен револуционерен чин – повторно ја потресе Македонија. Тоа беше саможртвата, храброто погибие на Христо Узунов и неговите соборци во с. Цер – битката со турскиот аскер, позната како Драмата во Цер. Тоа е битка и драма во која борците се бореа беспоштедно со непријателот, и кога останаа без муниција, па така последните куршуми ги употребија за свое погибие за да не паднат живи во рацете на башибозукот турски. Но, да одиме по ред.

Христо Узунов потекнува од револуционерна и преродбенска фамилија (роднина на Григор Прличев). Роден во Охрид, на 22 февруари 1878г., каде и завршил прогимназија, а подоцна и гимназија во Солун. Учествува во ученичката револуционерна група, нејзин претседател е, и главен организатор на бунтот на учениците од 1896г. Задоен од идеите и револуционерната дејност на Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров, израснува во голем револуционер на Македонската револуционерна организација. Првин бил учител во училиштето во Охрид, воспитувал млади генерации, а подоцна во секое охридско село организирал селско началство.

Неколкупати бил затворан, ама не потклекнал и останал доследен на своите идејни ставови и револуционерни убедувања. Тоа најдобро се гледа од писмото што и од затвор и го напишал на својата мајка “Мила Мајко, јас сум прв твој син и мој долг е да бидам околу тебе за да не чувствуваш потреба од ништо. За твојата беспределна љубов, за илјадите неволји и страданија, за безбројните бесони и мечтителни ноќи… јас должам најголеми грижи и неизмерна синовска љубов. Но, можам ли, кога ги чувствувам болките на нашата измачена Татковина да не се оддадам со љубов на најверен син на нејзиното свето Дело. Маките на Татковината се повеќе од сите страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам, се чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе, која си ме родила… “: Писмото е сведоштво за хероизам, за љубов (кон две мајки – родената и мајка Македонија), за преданост кон Организацијата.

Со својата самопрегорна револуционерна дејност на теренот и меѓу македонскиот народ, Узунов од охридската револуционерна организација направил “држава во држава“, поделена на 10 реони, со главен центар во Охрид и подцентар во Струга. Организирал и бројни комитски чети, и како началник на сите револуционерни сили во Охридско и Струшко, направил план од 14 точки за вооружено дејствување во тој регион. Учесник е во Илинденското востание 1903-та и после големите жртви, загубени животи, палежи и силувања од аскерот и башибозукот врз македонското недолжно население, пред селаните во с. Куратица, храбро и самокритички изјавил: “Браќа, сонце сакавме, а ни искра не добивме. Сакавме и ние како и другите, при слобода да живееме, а еве со крв и оган се натопи нашата земја. И за се – знаете ли – јас сум виновен. Затоа ви се предавам – што сакате правете со мене. Предајте ме, убијте ме… “. Но, народот и понатаму го поддржува и е со него во борбата до конечна слобода и независност.

Узунов е еден од ретките револуционери, војводи и комити, кој до крајот на својот живот не стапи во Бугарија, не побара засолниште и помош од страна, т.е надвор од својата Татковина Македонија. Во поилинденскиот период продолжува со својата револуционерна борба, се поврзува со револуционерите од Серскиот револуционерен округ на чело со Јане Сандански и заедно се борат против врховизмот, против бугарскиот шовинизам и против бугарските претензии кон Македонија. Во таа света мисија на 23 април 1905г. со четата доаѓа во с.Цер, каде ноќта е опколен од турскиот аскер, командуван од кичевскиот кајмакан. Со своите востаници храбро влегол во нерамноправна борба против турскиот аскер и до последен момент не сакал да се предаде, и покрај неколкуте предлози за предавање од турците. После цел ден беспоштедна битка со аскерот хероите храбро, со својата последна стралба, пукаат во себе, не сакајќи да паднат во рацете на непријателот.

После херојскиот чин на храбтите македонски синови, кога Кајмакамот од Кичево ги видел мртвите тела на македонските борци, изјавил: “Војници дали гледате како умираат хероите! Ние ги сметавме за разбојници, а излезе дека се тие револуционери. Не, тие не се разбојници. Ние им оддаваме почит зашто тие со својата смрт докажаа дека се борци за правда и дека се маченици за слобода… Вистински херои се овие луѓе“

А еве што изјавил и запишал како историско сведоштво за потресната слика на убиените војводи и комити и за нивниот херојски чин Италијанецот Еторе Лодди: “На другиот ден после бојот ја видов во Цер страшната слика што никогаш нема да ја заборавам. – Труповите на единаесет млади јунаци сите со отворени рани по градите и по челото. Се самоубија, за да не паднат живи во рацете на непријателот. Ми го покажаа војводата. Узунов лежеше прострен на подот со раширени раце, а погледот на неговите мртви и отворени очи гледаше горе, во бескрајот. Од челото уште течеше крв… Ја видов Македонија во тој момент – маченица, велика, непобедива! “

Своето предсмртно писмо војводата Узунов и го дава на една жена од с.Цер и и вели: “Последен пат зборувам сестро, кажи им на другарите дека славно ќе умреме, смртта е последна кога нема слобода. Нека бидат уверени дека Делото ќе победи. Македонија ќе роди нови борци, ние ќе живееме во спомените ваши. Кажете им дека сме предадени“. Поконкретно за овие историски факти и за херојското дело на Христо Узунов и неговите комити во следните продолженија.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ванковска: Мојата цел не беше да победам,…

Кандидатот за претседател на Левица, Билјана Ванковска…

Ковачевски: Јасно е дека граѓаните не казнија…

Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва порача…

Пендаровски: Резултатите не се такви какви што…

Резултатите не се такви какви што ги…

Полиција пред штабот на „Вреди“ додека ДУИ…

Кордон полицајци е распореден пред штабот на…

Битиќи: Коалицискиот капацитет ќе биде одлучувачки за…

„За вториот круг на претседателските избори клучно…