Макрон се жали: Русија стана закана за Франција и Европа
Париз е отворен за разговори за проширување на францускиот нуклеарен чадор на нејзините европски партнери, рече претседателот Емануел Макрон во обраќањето до нацијата во средата, во кое предупреди дека Русија е закана за цела Европа.
Истакнувајќи ја уникатната улога на Франција во Европа благодарение на нејзината способност за нуклеарно одвраќање, Макрон рече дека е отворен да разговара за проширување на таа заштита на европските сојузници.
Во својот телевизиски говор, Макрон исто така истакна дека Франција ќе мора да почне да троши повеќе за одбраната и најави продолжување на помошта за Украина.
Тој, исто така, најави доаѓање на „нова ера“ поради промената на меѓународниот поредок бидејќи САД имаат нова администрација.
„Знам дека со право сте загрижени за актуелните настани кои го нарушуваат светскиот поредок“, рече Макрон во својот говор.
„Русија стана закана за Франција и Европа“, рече тој, додавајќи дека „да се гледа и да не се прави ништо би било лудост“.
Европските земји се обидуваат да ги зголемат трошоците за одбрана и да ја задржат поддршката за Украина, откако претседателот Доналд Трамп ја замрзна американската воена помош за Киев и покрена сомнеж за посветеноста на Вашингтон кон своите европски сојузници во НАТО.
Макрон најави и дека следната недела планира меѓународна средба за можно распоредување мировни трупи во Украина.
„За да се осигураме дека Русија нема повторно да ја нападне Украина по мировниот договор, мора да се подготвиме за тоа“, рече Макрон.
„Следната недела ќе ги собереме во Париз началниците на Генералштабот на земјите кои сакаат да ги исполнат своите обврски во овој поглед.
Макрон рече дека Франција, заедно со Украина и другите европски земји, подготвиле „цврст и траен план за мир“ и дека штом ќе се постигне мир, европските мировни сили би можеле да бидат распоредени за да го обезбедат.
Тој додаде дека неговата нација мора да биде подготвена ако САД повеќе не се со неа.
„Сакам да верувам дека САД ќе останат на наша страна, но мора да бидеме подготвени ако тоа не е случај“, рече Макрон, ден пред клучниот самит на Европската унија за Украина и европската безбедност.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Насилно ја внел својата 17-годишна девојка во…
Полицијата во Велес приведе 21-годишен жител на…
Гранати од Првата светска војна пронајдени при…
Две артилериски гранати заостанати од Првата светска…
Жена натепала скопјанец откако се скарале за…
Скопјанец вчера нападнат од жена откако настанало…
Штипјанка измамена за речиси 5.000 евра од…
42- годишна жена од Штип вчера пријавила…
За одредени пациенти имало и до осум…
Во лекувањето на одредени пациенти учествувале од…