МВР ги подучува тетовци: Оружјето не е за по свадби

t

Колку далеку може да „патува“ куршум испукан во воздух, што доколку некој присуствува на веселба на која се пука, дали и каде смее да пука лице што поседува дозвола за носење оружје. Ова се дел од прашањата што беа одговорени на денешната блиц-лекција за учениците во општина Теарце, која се одржа во рамки на кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“.

Од Секторот за внатрешни работи Тетово истакнаа дека континуирано преземаат активности за превенција, откривање и санкционирање на ваквите нарушувања на јавниот ред и мир.

„Апелирам до моите сограѓани и до сите граѓани да се воздржуваат од пукање со огнено оружје затоа што секој куршум испукан дури и во воздух мора да заврши некаде и може да доведе во опасност нечиј живот. Должен сум уште еднаш да ве потсетам дека употребата на оружје е дозволена само на лиценцирани места (полигони), а физичките лица кои имаат лично оружје за кое поседуваат дозвола треба да го чуваат на безбедно место“, рече Амир Далипи, началник во СВР Тетово.

Целта на кампањата што ја реализираат Министерството за внатрешни работи (МВР) и Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП е да ја зголеми свеста за ризиците и опасностите од пукањето на веселби и воопшто од носење и злоупотреба на мало и лесно оружје.

„Оваа кампања и овој настан нека бидат повод добро да размислиме за последиците од пукањето на веселби. Да ја подигнеме свеста за да ја заштитиме иднината на нашите деца. Ајде да се здружиме во име на безбедноста на граѓаните, да имаме резултат, бидејќи безбедноста на граѓаните не зависи само од институциите, туку и од свеста и однесувањето на секој од нас поединечно. Отсега натаму во нашата општина да не слушаме пукотници за време на семејните собири. Да славиме со срце, а не со оружје“, порача градоначалникот на Теарце, Нухи Незири.

На денешниот настан беа прикажани видеоматеријалите што ги подготвија МВР и УНДП со цел едуцирање и информирање на населението.

„Доколку некој сега излезе од оваа сала и пука во воздух, тој куршум за период од 20 до 90 секунди ќе падне на земјата, се разбира во зависност од аголот на пукање. Тоа оловно зрно може да заврши тука во непосредна близина, но и дури три километри подалеку од местото на пукање, во соседното село. Секој испукан кушрум има мета, а таа мета може да биде некое дете кое се враќа од училиште, нечија сестра, нечиј брат, сопруг или сопруга. Затоа, пораката која сакам да ја пренесам денеска е дека секој од нас може да придонесе и да спречи трагедија доколку одбие да биде сведок и дел од прослави каде што се слави со огнено оружје и се пука“, порача заменичката на постојаниот претставник на УНДП, Сања Бојаниќ.

Во полошко секое лето страдаат граѓаните од залутани куршуми испукани по семејни веселби. Пред неколку години во Гостивар, малолетник го загуби животот од залутан куршим, а изминатово лето, неколку лица беа повредени.

Инаку Кампањата „Секој куршум има мета! Слави со срце, не со оружје“ се спроведува во исто време во Македонија и во Косово како дел од проектот „Прекуграничен интегриран институционален пристап во борбата со нелегална трговија со оружје и мало и лесно оружје“. Овој проект е финансиран од владите на СР Германија, Обединетото Кралство, Франција, Шведска, Холандија и Норвешка преку Мултипартнерскиот доверителен фонд, а e поддржан и од Европската Унија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бојмацалиев: МВР работи исклучиво по закон за…

Денеска (24.04.2024) дополнителниот заменик министер за внатрешни…

Жител на Тетово остана и без 21.000…

СВР Тетово информира дека жител на тетовскиот…

И денеска можат да се подигнат готови…

Лични документи можат да се подигнат и…

МВР, ЈО и АНБ се комплетно подготвени…

Во врска со претстојните избори денеска во…

Тетовец му се заканувал на полицаец преку…

Жител на Тетово му се заканувал на…