Меџити, Касами и Гаши најавија бојкот на изборите ако немаат член во ДИК
Ниту опозицискиот Европски сојуз за промени ќе има член во ДИК без поддршка од СДСМ и ДУИ, ниту кандидатот на Алијанса за Албанците ќе помине без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Европскиот сојуз за промени (ЕСП) предводен од Изет Меџити, Билал Касами и Африм Гаши ќе ги бојкотира изборите ако Собранието не го изгласа нивниот кандидат за член на Државната изборна комисија (ДИК), предупреди пратеникот Фадил Зендели. Огласот за член на ДИК е завршен и ЕСП преку писмо го информира претседателот на Собранието Талат Џафери дека Абдуш Демири е нивниот кандидат за ДИК. Ако се потврди дека конкурирала и Алијанса за Албанците, тогаш од власта ќе зависи чиј и дали воопшто Собранието ќе избере нов член на ДИК, бидејќи за избор е потребно двотретинско мнозинство.
– Демири ги исполнува сите услови предвидени со закон за оваа функција. Свесни за важноста од фер и демократски избори, загрижени за транспарентноста и независноста на процесот и нагласувајќи го фактот дека во ДИК нема член од албанската опозиција, цениме дека изборот на нашиот кандидат е легитимен, релевантен и неопходен. Очекуваме изборот да не биде узурпиран за какво било политичко пазарење, туку да се обезбеди застапување и на нашите интереси во оваа комисија. За да се избегнат какви било манипулации и сомневања за изборите, цениме дека ова е можност да докажеме дека сме земја што цели кон ЕУ и дека постапуваме врз основа на европските норми – рече Зендели.
Според Зендели, Изборниот законик јасно укажува дека во ДИК четири члена има власта, а три опозицијата. Откако Алијанса стана дел од власта, Комисијата остана без еден член зашто Кренар Лога стана министер за правда. Иако Алијанса е владејачка партија, таа најави дека ќе конкурира на огласот бидејќи смета дека нејзе ѝ припаѓа местото во ДИК. Аргументот е дека последните парламентарни избори била опозициска партија, наспроти Беса која на изборите одеше на заеднички листи со СДСМ и беше дел од власта. Алтернатива, пак, на последните избори настапи во коалиција со Алијанса, додека Демократско движење на Изет Меџити тогаш не постоеше како партија. Лидерот на Алијанса Арбен Таравари неодамна изјави дека е можно партијата да ја напушти Владата и како опозициска ќе го задржи местото во ДИК.
Изборот на член на ДИК оди директно на пленарна седница. Зендели очекува кандидатот на Европскиот сојуз за промени да биде член на ДИК.
– Во претходните контакти со СДСМ, ни рекоа дека ќе нема проблем да се спроведе се што е законско, а ВМРО-ДПМНЕ веќе се изјасни дека ова место во Комисијата ѝ припаѓа на албанската опозиција – вели Зендели.
Доколку партиите од власта СДСМ и ДУИ решат да го поддржат владиниот партнер, тогаш е извесно дека кандидатот на Европскиот сојуз за промени нема да го има потребното двотретинско мнозинство. Од друга страна ниту власта не ќе може да обезбеди 80 гласа за кандидатот на Алијанса за Албанците без гласовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во таков случај и натаму ќе фали еден член во ДИК.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во неколку наврати укажа дека ДИК мора да се комплетира, во спротивно можно е да пропаднат изборите, односно да бидат оспорени одлуките на Комисијата. Според него, Македонија ќе се најде во уставна криза поради нерамнотежа во ДИК.
– Овој диспаритет предизвикува загриженост за интегритетот и за правичноста на изборниот процес. Доколку навремено не биде номиниран претставник од опозицијата, постои можност целиот изборен процес да се соочи со предизвици од самиот почеток, што можеби ќе доведе до правни спорови во институциите – предупреди Мицкоски.
ДИК брои седум члена – претседателот и еден член се со поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, три члена се од владејачката СДСМ и по еден од владејачката ДУИ и од албанска опозициска партија која на последните избори освоила најмногу гласови.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Mихајлова: Тоа што сум родена во Македонија…
Ива Михајлова даде интервју за бугарските медиуми.На…
Трамп: Америка со последните избори направи голем…
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска оцени дека…
Сиљановска-Давкова упати сочувство до Полска по нападот…
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изрази сочувство до семејствата…
Пред 85 години првпат е изведена песната…
На денешен ден, 8 ноември, пред точно…
Нови случаи на семејно насилство: закани со…
Маж се заканувал со дрвен предмет на…