Министерство за транспорт: До крајот на годинава одлука за завршување на автопатот Кичево-Охрид

t

Ангажиран е експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на Договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализиација на овој проект и до крајот на годината ќе се донесе одлука со најсоодветно решение за завршување на изградбата, најави денеска Министерството за транспорт и врски.

-Во однос на прашањата поврани со проектот за изградба на автопатската делница Кичево-Охрид информираме дека во овој момент во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и услогласеност како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции. Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта, преку Надзорниот орган ангажира експерт за Фидик договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот, како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид, соопшти Министерството за транспорт.

Ова, како што објаснува, е потребно од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата на Македонија ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект.

Од Министерството за транспорт информираат дека појавени се 11 нови свлечишта на трасата и поради тоа ќе се ангажираат меѓународни експерти кои ќе дадат предлог проектански решенија и мислење за целокупниот проект.

-Реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Македонија, истиот е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите активности за негова реализација, истакнува Министерството за транспорт.

Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела најави дека ќе побара ревизија на Договорот за изградба на автопатската делница од Охрид до Кичево.

– Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и се уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот, рече Ковачевски, во обраќање на Конференција за патната инфраструктура во Охрид.

Ковачевски истакна дека е недозволиво после десет години пратениците повторно да разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години.

Како што дополни премиерот, треба да се направи ревизија и врз основа на неа да се донесе одлука. -Една од опциите е секако и раскинување на договорот, нагласи премиерот Ковачевски, најавувајќи и можна специјализирана ревизија на проектот и сите пропусти.

Според оценката на дел од експертите учесници на конференцијата, проектната документација, геотехничките ископувања, експропријацијата и неефикасните административни постапки се главните причини поради кои доцни изградбата на автопатот.

Автопатската делница Охрид – Кичево е дел од Коридорот 8, со вкупна должина од 57 километри, а цената од првично предвидените 374 милиони достигна 598 милиони евра. Изградбата на автопатот почна во февруари 2014 година и после неколкуте анекси и продолжувања на роковите требаше да биде целосно завршен до крајот на оваа година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Од 12:00 до 16:00 часот ќе се…

Во реон на автопатот A2 Кичево-Охрид, што…

Автомобил излета од патот Охрид-Кичево, тешко повредена…

Малолетничка е тешко повредена откако вчера автомобил…

Автопатот Кичево-Охрид ќе ја чека новата Влада…

Новиот договор за доизградба на автопатот Кичево…

Битиќи за автопатот Кичево-Охрид: Сите треба да…

Вицепремиерот Фатмир Битиќи во своето видеобраќање за „Блумберг Адрија“…

Ќе има нов анекс, Кинезите ќе продолжат…

Владата по денешната седница објави дека ќе…