Муцунски на Бледскиот стратешки форум: Европската интеграција треба да ги трансформира институциите, а не идентитетите

t

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на министерската сесија „Геополитички превирања: Централна и Југоисточна Европа во свет на коридори, безбедност и проширување“, одржана во рамките на Бледскиот стратешки форум.

Во своето обраќање, министерот Муцунски се осврна на актуелните геополитички и безбедносни предизвици, стратешката важност на транспортните коридори, регионалната отпорност и европската перспектива на Западен Балкан.

Тој нагласи дека членството во НАТО претставува значајна предност преку споделувањето информации, заедничките политики за отпорност и одвраќање, но истовремено предупреди дека безбедносните ризици во регионот остануваат присутни. Во тој контекст, посочи на руската агресија врз Украина, влијанието и активностите на Кина и Иран, како и на пошироките конвенционални и неконвенционални закани, вклучително и сајбер-влијанието и обидите за економска принуда.

Посебен акцент беше ставен на стратешкото значење на Коридорите VIII и X. Муцунски истакна дека нашата држава е единствената во регионот каде што се вкрстуваат двата коридора, нагласувајќи дека транспортната и енергетската инфраструктура имаат директно значење за економската, политичката и безбедносната отпорност.

„Нашата отпорност е силна онолку колку што е силна нашата инфраструктура“, порача Муцунски.

Осврнувајќи се на европската интеграција, тој нагласи дека инвестициите во инфраструктурата и регионалната поврзаност мора да бидат придружени и со јасна политичка инвестиција во проширувањето на Европската Унија.

„Доколку Европа сака да зборува со јазикот на геополитиката, тогаш проширувањето не може да го гледа низ логиката на бирократијата. Потребна е стратешка визија. Кога земјите кандидати постигнуваат напредок и се целосно усогласени со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, тој напредок мора да биде видлив“, истакна министерот.

Муцунски посочи дека претходните проширувања на Европската Унија биле резултат не само на исполнувањето на критериумите, туку и на политичка волја и стратешка одлука дека проширувањето е во интерес на Европа.

„Вистинска пресвртница би било неколку земји од регионот да станат членки на Европската Унија. Тоа би било доказ дека термините ‘моментум’ и ‘прозорец на можности’, кои ги слушаме веќе неколку години, конечно се целосно разбрани и сфатени“, нагласи Муцунски.

Воедно, оцени дека од Брисел доаѓаат охрабрувачки сигнали за нов пристап кон политиката на проширување и нејзино приспособување кон актуелниот геополитички контекст.

„Нашето барање е јасно – европската интеграција да биде модел за трансформација на нашите институции, а не обид за трансформација на нашите идентитети. Оценувајте нè врз основа на заслугите и според тоа дали, во време на геополитички превирања, сме усогласени со надворешната и безбедносната политика на Европската Унија“, порача Муцунски.

Во своето обраќање, министерот го истакна и примерот на Словенија и Хрватска како земји кои, и покрај предизвиците во минатото, денес имаат силни односи и можат да претставуваат важен пример и поддршка за земјите од Западен Балкан во градењето посилна регионална соработка и стратешка отпорност.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Жерновски до Муцунски: Изјава како да си…

Поранешниот заменик-министер за надворешни работи Андреј Жерновски…

СДСМ: После свадба тапани е реакцијата на…

После свадба тапани, се реакциите на кабинетот…

Муцунски ќе одлучува дали членовите на Антикорупциска…

Членовите на Државната комисија за спречување корупција…

(Фото) Левица прашува дали директорката на „Лазо…

ДАЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ООУ „ЛАЗО АНГЕЛОВСКИ“ ВРШИ…

Муцунски: Кадровски промени во ВМРО-ДПМНЕ се симбол…

Овие кадровски промени кои што вчера се…