Новак: Поради украинските напади врз рафинериите, Русија принудена да увезува горива
Русија почна да увезува горива за домашниот пазар поради недостигот предизвикан од украинските напади со беспилотни летала врз рафинериите и зголемената сезонска побарувачка – соопшти рускиот вицепремиер Александар Новак, пренесува ТАСС.
– Увозот веќе почна – изјави Новак, без да прецизира во какви количини се увезуваат горивата и кои земји се испорачатели.
Вицепремиерот соопшти дека руските власти усвоиле и регулаторни измени со кои се овозможува производство на дополнителни количини горива со пониски еколошки стандарди – „Евро-2“, „Евро-3“ и „Евро-4“. Според Новак, во блиска иднина неколку руски рафинерии треба да ја обноват работата по планираните ремонти, што треба да ја зголеми понудата на домашниот пазар.
Тој истакна дека руската влада секојдневно ја следи состојбата во соработка со нафтените компании и регионалните власти за пренасочување на испораките кон областите каде што има недостиг.
– Владата постојано го следи развојот на настаните. Секојдневно ја следиме состојбата заедно со компаниите и регионите. Разгледуваме каде е потребно дополнително да ги пренасочиме тековите, бидејќи во моментов навистина настапува втора фаза – тензична состојба на пазарот – рече Новак.
Русија, која традиционално е нето-извозник на нафтени деривати, е принудена да прибегне кон вонредни мерки – ограничување на извозот на бензин и дизел, ублажување на барањата за квалитетот и увоз на деривати – поради продолжените украински напади врз нејзината енергетска инфраструктура. Нападите го ограничија капацитетот за преработка на сурова нафта и придонесоа за недостиг на бензин и други горива во повеќе региони.
Недостигот почна да се продлабочува во мај и до јули се прошири во голем дел од земјата. Иако во јуни беа укинати дел од ограничувањата за продажба во Москва, во август бензинските станици во руската престолнина и Московската област повторно воведоа рестрикции на количините што може да се купат:
„Газпром нефт“ ја ограничи продажбата на бензин и дизел на автоматизираните бензински станици во Москва на 40 литри по клиент, додека на останатите објекти горивото се продава до 60 литри по возило.
„Роснефт“, најголемиот производител на нафта во Русија, воведе ограничување од 30 литри бензин по возило на своите бензински станици во земјата, додека продажбата на дизел останува без ограничувања.
„Татнефт“ ја ограничи продажбата на бензин на 50 литри по возило.
„Лукоил“ исто така воведе ограничувања во Москва и околината, без да ги прецизира точните количини.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Европските разузнавачки служби предупредуваат: Русија би можела…
Европски разузнавачки раководители предупредуваат дека Русија би…
Русија нападна десет украински региони за една…
Во изминатите 24 часа руските сили нападнаа…
ОН: Речиси 900 силувања од руските војници…
Руските трупи извршиле речиси 900 ужасни чинови…
РУСКИ ДРОН УБИ СВЕШТЕНИК ВО УКРАИНСКИ МАНАСТИР…
Руски FPV-дрон удрил во манастир во селото…
Адмирал на НАТО: Силите на Алијансата се…
Силите на НАТО се подготвени за потенцијален…