Петрова-Чамова по средбата со Муцунски: Најдобрата гаранција за Северна Македонија е исполнување на обврските од 2022

t

Бугарија ја поддржува европската перспектива на Македонија, но очекува земјата да ги исполни обврските преземени во рамки на европскиот консензус од 2022 година, вклучително и уставните измени, порача бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова по средбата со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски во Софија.

„Очекуваме да бидат исполнети како уставните измени, така и сите останати елементи од договорниот консензус од 2022 година“, рече Петрова.

Таа оцени дека разговорот со Муцунски бил конструктивен и посочи дека побарала од македонската страна да ја објасни временската рамка во која планира да ги исполни преземените обврски.
„Побарав да разберам, од нивна страна, од министерот Муцунски, како ја замислуваат временската рамка за тоа да се случи. Оттаму сметаат дека треба да се изгради чувство за доверба. За мене основниот начин да изградиме доверба е исполнување на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во таа насока“, рече Петрова.

Бугарската министерка нагласи дека Софија нема дополнителни барања надвор од веќе договореното во 2022 година.

„Најдобрата гаранција е исполнувањето. Важно е да видиме какви чекори се преземаат, а од наша страна можеме да кажеме дека немаме други очекувања освен оние што се запишани во 2022 година“, рече таа.
Во однос на барањето на македонската страна за гаранции дека по уставните измени нема да следуваат нови блокади или услови, Петрова рече дека ниту една земја членка на ЕУ не може однапред да гарантира како ќе се одвива целиот пристапен процес.

„Ниту една земја членка не може да ѝ даде гаранции на која било друга земја кандидат за понатамошниот процес. Она што може да го даде е политичката подготвеност да се придржува до преземените обврски. Сметам дека Бугарија ја покажа таа подготвеност“, посочи таа.

Официјална Софија и претходно го застапуваше ставот дека целосното спроведување на обврските од европскиот консензус од јули 2022 година е услов за одржлив напредок на Македонија кон членство во ЕУ.
На средбата било разговарано и за случајот со Ива Михаилова, која е обвинета во Кочани за тешко кривично дело поврзано со сообраќајна несреќа во која загинало едно лице. Петрова ја поздравила подготвеноста на македонската страна да овозможи вклучување на бугарски лекари во проценката на нејзината здравствена состојба.

„Тоа е хуманитарен случај кој треба да го разгледуваме низ таа призма. Се надевам дека навистина ќе го постигнеме најдобриот резултат, а тоа е таа да биде излекувана што е можно поскоро“, рече Петрова.
За враќањето на посмртните останки на цар Самуил, бугарската министерка рече дека темата не била дел од разговорите со Муцунски, но оцени дека настанот има обединувачко значење и не треба да се гледа во негативен контекст во односите меѓу двете земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Петрова-Чамова по средбата со Муцунски: Најдобрата гаранција…

Бугарија ја поддржува европската перспектива на Македонија,…

Британија и Германија создаваат заеднички механизам против…

Британија и Германија најавија ново безбедносно партнерство…

Европа под финансиски притисок: Стравувањата за францускиот…

Нов бран продажба на европските државни обврзници…

Почина жената чие иселување ја крена Шпанија…

Марија дел Кармен Абаскал, 87-годишната жена чие…

Платите во Европа растат, но куповната моќ…

Работниците во Италија, Шпанија, Франција и Велика…