Објавено на:

Пожар во станбена зграда во Кисела Вода: Станарите евакуирани – со мали деца и бебиња во раце брзале по скалите за да излезат од зградата!

t

Утринава околу 5 часот избувнал пожар во нова станбена зграда во скопската населба Кисела Вода, при што огнот се појавил пред самиот влез на објектот. Настанот предизвикал паника меѓу станарите, кои биле разбудени од силен чад, тропање и звуци на детонации што, како што сведочат, личеле на експлозии, објави 4news.mk.

Според првичните информации и сведоштва на жителите, пожарот најверојатно започнал од електрична инсталација на која претходно се изведувале работи. За кратко време густ чад го исполнил влезниот дел од зградата, што предизвикало итна реакција и евакуација.

„Беше како сцена од хорор филм. Се слушаа удари како бомби. Луѓето панично излегуваа, не знаејќи што се случува. Многу беше страшно, преживеавме огромен стрес“, изјавуваат вознемирени станари за 4news.mk.

Во паниката, семејства со мали деца и бебиња во раце брзале по скалите за да излезат од зградата, при што дел од нив излегле надвор без обувки и само во пижами, оставајќи ги своите лични работи и документи во становите. Детонациите, како што наведуваат жителите, се слушале и на повисоките катови, што дополнително ја зголемило паниката.

По инцидентот, зградата останала без електрична енергија, а станарите изразуваат загриженост дека санацијата и враќањето во нормала може да потрае со недели, па дури и со еден месец. Дополнителна загриженост предизвикува фактот што во објектот има игротека и простор каде секојдневно престојуваат деца.

„Среќа што беше рано наутро и немаше деца надвор. Не сакаме ни да помислиме што можеше да се случи доколку беше преку ден“, велат дел од жителите.

Полицијата од утрово е присутна на местото на настанот, додека надлежните служби треба да ги утврдат точните причини за пожарот и евентуалната одговорност. Станарите бараат итна и темелна истрага за целосно расчистување на случајот.

ФОТО: 4NEWS.MK

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Опожарени две возила во скопски Аеродром

Во раните утрински часови во Скопје избувнал…

(Видео) Гори амбасадата на Пакистан во Белград

Пожар избувна утрово во зградата на амбасадата…

Мачки активирале рингли во Баварија и предизвикале…

Две мачки предизвикале голем пожар во стан…

„На Задушница не се заборава“: Се одржа…

На денот на Задушница, семејствата и блиските…

Пожар во куќа во кумановско Матејче, две…

Две лица завршија во болница откако вдишале…