Разочарување за евроскептиците: Ле Пен не сака „Фрекзит“
Неколку објави на социјалните мрежи тврдат дека Марин Ле Пен, кандидатката на француската крајна десница на претседателските избори во 2027 година, ветува референдум за членството на земјата во Европската Унија (ЕУ) доколку следната година победи на изборите и влезе во Елисејската палата. Објавите, главно напишани на шпански јазик, не даваат дополнителни детали, што е прв показател дека тврдењата се лажни: Ле Пен не бара референдум за „Фрекзит“ доколку стане претседателка, пишува Еуроњуз на француски јазик.
Точно е дека лидерка на „Националниот собир“ е жестока критичарка на ЕУ и дека во минатото се залагала Франција да ја напушти Унијата.
Таа го поздрави исходот од Брегзит, кога Велика Британија во 2016 година гласаше за излез од ЕУ. Напуштањето на Унијата и откажувањето од еврото беа меѓу нејзините главни предизборни предлози во претседателските кампањи во 2012 и 2017 година, пишува медиумот.
Но, оттогаш таа се откажа од овие предлози. На изборите во 2022 година, наместо тоа, се залагаше за темелна реформа на ЕУ одвнатре, со одземање на најголемиот дел од овластувањата на Брисел и трансформирање на Унијата во полабав сојуз на држави.
Промената на ставот на Ле Пен е дел од поширокиот тренд меѓу крајнодесничарските партии во Европа. Пред гласањето за Брегзит, политичари од крајната десница во Холандија, Италија и други земји редовно бараа одржување референдуми за излез од ЕУ, но овие повици во меѓувреме во голема мера стивнаа.
Сепак, Герт Вилдерс, лидерот на крајнодесничарската Партија за слобода, во средата повторно повика да се преиспита членството на Холандија во ЕУ. Пред холандските пратеници изјави дека „Нексит“ е неопходен за да се спречи влезот на мигранти и баратели на азил во земјата.
Дури и ако Ле Пен стане претседателка и организира референдум за „Фрекзит“, мала е веројатноста да победи на него. Истражување на Центарот за истражување „Пју“, објавено претходно оваа година, покажува дека поддршката за ЕУ во Франција се зголемила од 38 проценти во 2016 година на 52 проценти во 2026 година. Сличен раст е забележан и во други европски земји, вклучително и во Велика Британија.
Анкета на „ЈуГов“, спроведена кон крајот на 2025 година, дополнително покажала дека 49 проценти од анкетираните Французи би гласале земјата да остане во ЕУ, додека 27 проценти би избрале излез.
Иако референдум за „Фрекзит“ во моментов не е на дневен ред, Ле Пен, која води во анкетите за првиот круг од претседателските избори со поддршка од околу 33 до 36 проценти, најавила дека би можела да стави други прашања на гласање доколку следната година стане претседателка. Овие изјави можеби придонеле за ширењето на гласините на интернет за наводен референдум за членството во ЕУ.
Меѓу нејзините предлози се референдум за борба против таканаречените „исламистички идеологии“, кој би вклучувал забрана за носење превез на јавни места, како и гласање за измена на францускиот Устав со цел ограничување на имиграцијата.
„Националниот собир“ не одговорил на барањето за коментар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Марин: Нема да има нуклеарно оружје на…
Прашањето за распоредувањето на базите на НАТО…