Рустеми вели дека автопатот Кичево-Охрид не може да биде готов до Нова Година

t

Директорот Рустеми вели дека проблемите настанале уште со првото проектирање на патот, односно проблем настанал со косините кои не биле проектирани како што треба па затоа, во 2018 година, проектот морал да претрпи промени. Дополнителен проблем е тоа што државата не го завршила целосно процесот на експропријација навремено.

„Ние влеговме во експропријација на земјиштето до новите граници, каде се појавија свлечиштата. После тоа требаше ново проектирање и стабилизирање на косините. За жал, можно е и по трет пат да се влезе во експропријација“, рече Рустеми.

Тој кажа дека сите мостови се направени, но проблемот настанал со појавувањето на 11 свлечишта за кои треба да се направи анализа и докуементација за стабилизација на земјиштето. Иако премиерот Димитар Ковачевски и министерот за транспорт Благој Бочварски минатата година оптимистички изјавуваа дека автопатот Кичево-Охрид ќе биде пуштен во употреба од 1 јануари 2024 г. кога истекува финалниот рок, сепак сега Рустеми вели дека ваква опција не е можна. За разлика од Ковачевски, кој неодамна кажа дека ќе се разгледа и опцијата да се раскине договорот со „Синохидро“, Рустеми вели треба да се зборува за негово продолжување.

„Не зборуваме за раскинување, туку за негово продолжување. Треба да имаме техничко решение за стабилизирање на сите косини и свлечишта. Ангажиравме и Фидик експерт кој ќе направи целосна анализа на договорот со сите последици. После тоа Владата и Собранието ќе одлучат како ќе продолжиме со проектот после Нова година“, изјави Рустеми.

Рустеми потенцираше и дека експропријацијата за луѓето низ чиј имот поминува оваа траса не е готова, но дека тоа не претставува проблем за да се изведуваат градежни работи на најголемиот дел од автопатот.

Претходно, Ковачевски рече дека досега потрошените 600 милиони евра за изградбата на автопатот нема да одат во неповрат, затоа што добар дел од патот или некаде над 75 проценти е изграден, меѓутоа, како што додаде, проблем е самото проектирање и репроектирање кои не биле направени на квалитетен начин, поради што изградбата трае веќе 10 години.

Ревизијата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) во Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), во однос на финансиските и процедурални аспекти на капитални проекти, кое е во тек, и ангажирањето експерт за ФИДИК (Меѓународен стандард за реализација на меѓународни договори), според Ковачевски, треба да дадат одговор на прашањето дали кинескиот изведувач и ангажираните подизведувачи се во состојба да го изградат автопатот.

Во овој момент неговото довршување го оневозможуваат новите 11 свлечишта кои во последниот период се појавиле на делницата.

„Од таа страна тоа е нешто што ќе мора да се исправи, меѓутоа од друга страна се поставува едно многу важно прашање. Дали тој изведувач и неговите субконтрактори коишто ги ангажирал, после 10 години се во состојба да изградат вакво автопатско решение. И второ, самите проектантски куќи коишто имаат лиценци за да проектираат вакви големи инфраструктурни проекти, тоа го направиле на начин на којшто треба да биде направено и коешто ќе овозможи брза, квалитетна и навремена изградба на автопатот. Ова се прашањата коишто треба да ги одговорат овие две анализи коишто се прават, коишто Министерството за транспорт и врски ќе треба да ги достави до Владата“, рече Ковачевски.

Истовремено, додаде тој, анализите на ФИДИК-експертот ќе треба да кажат кои би биле ефектите доколку би се продолжило со истиот изведувач или би се прекинала соработката, односно дојде до раскинување на договорот.

„Во тој случај (на раскинување на договорот), постојат финансиски импликации коишто можат единствено да бидат дефинирани од страна на меѓународен арбитражен суд којшто е наведен во договорот (во Париз н.з.), кој е изгласан во Собранието и сите анекси се гласани во Собранието. Така што, врз основа на сите информации коишто ќе бидат прибрани, ќе биде предложена одлука до Собранието и на крај Собранието ќе го има финалниот збор, односно сите пратеници во истото, бидејќи Собранието со закон ја задолжило Владата да работи на ова решение и на овој начин и со тој изведувач од Кина“, рече Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Иран и Русија планираат изградба на гасовод…

Иран планира во соработка со Русија да…

Испораките на руски гас за Турција речиси…

Испораките на руски гас за Турција преку…

Во изминатото деноноќие 11 пријави за семејно…

Во изминатото деноноќие, на територија на целата…

Хоџа: Инвестициите во еколошки технологии носат почист…

Напредокот на терен е очигледен, а зелениот…