Светски икони: Одри Хепберн – идеал на едноставноста и елеганцијата

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(18.)

Одри Хепберн – идеал на едноставноста и елеганцијата

Одри Хепберн е архетип на современата жена. Таа го постави фундаментот на женскиот културен манифест. Вистинско олицетворение на идеалот на женственоста. Жена со неверојатна убавина, неодолив шарм, немерлива добрина, големо срце, а пред се со ретка дамска отменост и префинетост. Од почеток до крај над и надвор од холивудските афери, сензации и скандали.

На 20 јануари годинава навршија 30 години од заминувањето од овој свет на неповторливата Одри Хепберн, една од најубавите жени на светот и омилена актерка. Позната е како обожавана актерка, стилска икона, посветена мајка, хуманитарка, филантроп и портпарол на сите деца во светот. Призната и славена икона на филмската индустрија и стил, чија кариера го достигна актерскиот и моден Олимп во време на златната доба на селебрети Холивуд.

Секако, таае синоним за елеганција, женственост, нежност и стил. Со едноставен изглед и скромно однесување ги освои срцата на милиони луѓе во светот и стана една од најпознатите и најсаканите дами од светот на шоу-бизнисот. Имаше сјај во нејзините очи, позитивна енергија во нејзината насмевка и нешто магично во нејзината вонвременост и природна елеганција. Го иновираше стилот кој предизвика револуција во конвенционалните идеи за убавина во Холивуд и светот. Кратка коса, капри панталони, машки крој на сакоата, балетанки и големи очила за сонце –се само некои од нејзините доприноси за модната историја. Сите знаеме дека нејзиниот стил не беше наметнат од стилистите. Во суштина, стилот и беше одраз на нејзиниот карактер, а нејзиниот карактер пак поседуваше длабочина од која извираат сите вредности на нејзината личност.

Сјајот на оваа софистицирана и нежна филмска дива не е избледнет ниту денес – три децении од нејзината смрт. Тенка, елегантна, урамнотежена. Едноставно тоа е ненадмината принцеза на стилот. Да, токму така, имаше однесување на принцеза. Принцеза со грациозност, префинетост, елеганција и чедност. Префинетоста на Одри беше зачудувачки природна, едноставно одраз на нејзиниот карактер. Беше и остана најдобар заштитен знак на брендот Живанши. Симбол на елеганција и шарм, но и неуморен амбасадор на УНИЦЕФ. Денес нејзиниот стил го практикува Гвинет Палтроу. 

Едни ја нарекуваа најелегантната жена на сите времиња, а други велеа дека трагите што ги остави таа се апсолутно присутни насекаде, па таа ќе се памети како жената со најважен изглед на 20 век. Поточно, таа е модна икона на сите времиња. Сè уште не е надмината големината и влијанието што Одри Хепберн ги има во светот на модата.

Сепак, засекогаш остана принцеза. И ден-денес ја паметиме со малиот црн фустан и мачкестите очила за сонце во култниот филм Појадок кај Тифани. Овој филм дефинитивно ја востоличи како неприкосновена кралица на стилот. Тоа беше време кога во Холивуд на мода беше имиџот на дивите како Мерилин Монро, Рита Хејворд и Ава Гарднер. За разлика од другите славни глумици беше ненаметлива, свежа и  единствена. Со својата тенка и висока појава им пркосеше на тогашните стандарди за убавина, а со својот ненаметлив шик им се спротивставуваше на сите модни правила на тогашната холивудска машинерија. А од друга страна гледано пак изгледаше како лик од филм: чувствителна, нежна, романтична, но истовремено и храбра жена. Со невидената женственост и едноставноста на стилот, од неа, сите беа разоружени, но и фасцинирани до максимум. На почетокот, медиумите и  модните критичари ја нарекоа модерна на немодерен начин, за да потоа со право биде прогласена за модна икона на сите времиња.

Ги поседуваше сите нешта за една модна икона: шарм, невиност и талент. Секако елеганцијата и стилот беа врв на сè. Нејзиниот изглед отсекогаш беше проекција на женственост, а не на отворен и нагласен сексапил. И денес, кога веќе таа одамна не е меѓу живите, таа сè уште е модна икона и безмалку сите од светот на модата се обидуваат да доловат барем мал дел од нејзиниот стил, убавина и дух. Како и да гледаме, колку и да анализираме, таа и по толку време од нејзиното појавување на филмското платно, останува синоним на женственост и стил, а сите филмови во кои глумеше станаа и сè уште се легендарни. Од мал црн фустан и мачкести очила во Појадок кај Тифани, до долги здолништа со ремен во Празник во Рим. Одри ќе биде запаметена по големата доза на женственост што просто зрачеше од неа, и по елегантната облека креирана од нејзиниот омилен креатор Живанши.

Актерка хероина на љубовта

Одеднаш и од никаде се појави во филмот Празник во Рим во улога на принцеза која по секоја цена сакаше да види каков е животот на обичните смртници. Оваа лирска комедија и донесе оскар, но и ја направи една од најпопуларните артистки во Холивуд. Ликот  го толкуваше со дотогаш невиден шарм,  и едноставно од нејзината личност сјаеше ведрина и невина радост. Со нив, ведрината и радоста, како да ја заситуваше потребата од заштита што се бара во љубовта која истовремено е толку достапна, но сепак недофатлива.

И нејзините останати ликови како Сабрина, во истоимениот филм на Б.Вајдлер, Наташа од Војна и мир, на К.Видор, но и оние од филмовите Смешно лице на С. Донен и Љубов напладне на Б.Вајдлер, секогаш триумфираа во љубовта на саканиот човек. Слични по темперамент, чувствителност и потреба за љубов, се и нејзините ликови во филмовите Појадок кај Тифани, на Б.Вајдлер, Шарада на С.Донед и Сама во темнината на Т.Јанг, во кои таа успева да ја спаси љубовта која и значеше се во животот. Во сите овие филмски хитови таа беше симбол на љубовта која победува, па може да се каже дека не само што ја обележи епохата во која живееше и глумеше, туку стана и трајно остана мерна единица за женственост, грациозност, совршен изглед, добрина и хуманост.

Кога на 20 јануари 1993 година ја загуби битката со ракот за неа тагуваше целиот свет. На нејзиниот погреб, во близината на Лозана, во Швајцарија, каде ги живееше последните години од животот, покрај членовите на семејството, беа сите челни луѓе на УНИЦЕФ, нејзините два поранешни сопрузи, и голем број колеги од филмската индустрија и шоу-бизнисот. Додека Грегори Пек ја рецитираше омилената и песна ‘’Љубовта никогаш не престанува’’ од Рабинтрад Тагоре, на нејзиниот гроб последната ружа ја положи Ибер Живанши, нејзиниот најдобар другар. Што повеќе да се каже за оваа миленичка на љубителите на филмот и муза на многу модни креатори? – Без двоумење безвременска модна икона број еден. На крајот, таа е муза што инспирира и  привлекува со моќ на магнет.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…