Семејствата на загинатите во Ласкарци по укинувањето на пресудата: Врховен ја одложи правдата, а дел од родителите не се веќе живи
Семејствата на загинатите и повредените во автобуската трагедија кај Ласкарци, со список на своерачни потписи, остро реагираа на одлуката на Врховниот суд да ја укине пресудата на Апелациониот суд и предметот да го врати на повторно одлучување.
Во реакцијата тие посочуваат дека ваквата одлука повторно ги отвора болните рани и ги оживува траумите со кои семејствата се соочуваат со години по трагедијата.
„Трагедијата не заврши со денот на трагичниот настан. Таа остави тешки и долготрајни психолошки и здравствени последици врз семејствата. За жал, некои од родителите кои ги загубија своите деца не ја дочекаа правдата што со години ја очекуваа“, се наведува во реакцијата.
Семејствата нагласуваат дека ниту една судска одлука не може да ги врати загинатите, но оти правдата е најмалку што државата им го должи на жртвите, повредените и нивните најблиски.
„Потсетуваме дека човечкиот живот нема цена. Ниту една пресуда не може да ги врати нашите најмили, но правдата е најмалку што државата им го должи на жртвите, повредените и нивните семејства“, велат тие.
Од надлежните институции бараат конечната одлука да се темели на фактите и доказите презентирани во текот на судскиот процес. Според нив, тие докази јасно укажале на причините што довеле до трагедијата и биле основа за утврдување одговорност во првостепената, а потоа и во второстепената постапка.
Семејствата бараат постапката да не се одолговлекува дополнително и да нема компромиси при утврдувањето на одговорноста за изгубените човечки животи.
„Законот мора да важи еднакво за сите, а правдата мора да биде достапна за секој граѓанин“, порачуваат семејствата на загинатите и повредените во трагедијата кај Ласкарци.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Семејствата на загинатите во Ласкарци по укинувањето…
Семејствата на загинатите и повредените во автобуската…
Врховниот суд објави образложение за укинување на…
Врховниот суд го објави образложението на одлуката…
Манасиевски: За кубење коса 4 години, за…
Ова се двојните аршини на мал дел…
ВЛЕН: Случајот Ласкарци е симбол на неуспехот…
Седум години по трагедијата кај Ласкарци, семејствата…
Јане Бабаровски, осуден за несреќата кај Ласкарци,…
Во официјално соопштение, Судот информираше дека осудениот…