Синдикатот на полицијата со писмо до Собранието: Спасовски ги партизираше и чистачките од МВР, а сега барате департизација – Кого ќе вработува без јавен оглас?

t

Синдикатот на полицијата на Македонија денеска преку официјалната Фејсбук страна упати отворено писмо до пратениците од Собранието на РМ во врска со предложените измени на Законот за внатрешни работи и Законот за полиција од страна на МВР.

Во писмото тие објаснуваат според нив спорни одредби во Предлог законите на МВР. Особено го коментираат тестот за интегритет кој го гледаат акко можност за линч, можноста за вработување без јавен оглас со одлука на Министерот и партизацијата на МВР.

Во продолжение нивното писмо:

“Навидум на прв поглед кога ќе го прочитате или слушнете Министерот Спасовски ќе сватите дека човеков се бори, дека прави реформи, дека во МВР никогаш не било подобро, дека во МВР „тече мед и млеко“, ова преку отворено писмо го истакнуваат од Синдикатот на полиција во Македонија.

-Го читаш и си мислиш дека МВР ги живее најдобрите години…..Да така е за Министерот, за неговите советници за неколкумина раководители по секторите за внатрешни работи. Но, да се вратиме на темата а тоа е вчерашната објава „Реформитре во МВР продолжуваат“ .WOW, колку помпезен наслов колку само добра реклама, колку само на сила одозгора фарбан наслов а внатре во него содржи гнило, таква штета што откако ќе се направи ќе треба години и години да се исправи а можеби и нема…

Да, како на тие што не се нивни така и на тие што се „наши“…. Но да почнеме со ред и да објасниме се со цел со нашата реакција да предизвикаме поголема свест како кај вработените така и до Пратениците во Собранието и колку може да придонесеме кон сопирање на овој „лудило“ предлог закон кој некој сака да го донесе…..

Вчера Спасовски на неговата ФАН страна соопшти: „Реформите во МВР продолжуваат – предложени до Собранието измени на Законот за внатрешни работи што овозможуваат уште поголема ефикасност на полицијата:

▶ Интегритет на работниците во Министерството,
▶ Деполитизација на вработените во МВР,
▶ Оперативна независност на полицијата,
▶ Реформска измена во делот на дисциплинската постапка за вработените во Министерството
▶ Воведување децидна обврска за пријавување имот/интереси“.

Да почнеме по ред….

1. Интегритет на работниците во Министерството.

Со ова законско решение се предвидени како кандидатите за вработување во МВР, така и за сите вработени во Министерството. Наведовте дека резултатот од Тестот може да биде и индикатор за поведување на предистражна постапка. Негативниот резултат е предвиден како потежок случај за дисциплинска одговорност и основ за поведување на дисциплинска постапка.


Она што не кажавте е дека Одделот за внатрешна контрола ќе го прави овој таканаречен тест за интегритет. Да, службата која 2 години како ние, така и вработените ја критикуваат дека освен „нарачани“ предмети (чест на поединци) за друго скоро и не и е намената. Кој ќе гарантира дека внатрешната контрола нема да предложи тест што никако нема да може да се положи а со тоа ќе биде основ на дисциплинска постапка, и веднаш онаа популарна мерка на Министерот „едно ниво подоле“.

До каде ќе води ова лудило … до бескрај??? За кого , за неистомислениците и професионалците? Второ со нерешен тест ќе спроведувате ПРЕДИСТРАЖНИ ПОСТАПКИ (ПИМ мерки, следење на комуникации, следења….). Ќе одите над ЗКП!?

Зошто не сте предвиделе дали пред почетокот на тестот за интегритет работниците кои ќе го спроведуваат тестот дали на работникот ќе му ги образложат причините поради кои се спроведува тестот за интегритет? Што ти е целта со оваа европска реформа Министре Спасовски. Знаеш ли каква штета ќе направиш со тоа, а ќе им оставиш да направат тие што ќе дојдат после тебе? Ова не смее да се дозволи да помине.

“Интегритет е уште една фундаментална вредност што веднаш ја препознавате кога го гледате во однесувањето на колегата. Но тешко е да се опише адекватно за да се обезбеди”.

2. Деполитизација на МВР, односно на вработените.


Да сме за ова и треба да биде така. Но дали после овие 5 години што направивте, после политизација буквално и на чистачките во МВР, после ставање на било кој на високи позииции затоа што бил „од партија“ ќе веруваме дека за ова намерите ќе ви бидат искрени? Да ти веруваме дека ќе бидеш ист за сите иако во овие 5 години тоа никако не го докажа? Па зар не знаеш дека со ова задираш во Уставот на Република Македонија и за многу време ова ќе ти падне доколку судот си ја работи работата.

Што ќе направиш однапред знаеме но веруваме дека до денот на гласањето сите пратеници ќе ја согледаат оваа „скриена порака“ и измама што сакаш да ја сокриеш и ова нема да ти помине. Пак ќе кажеме, да ќе го подржиме ова решение но со твоите резултати кои ги покажа овие години само ни дава причини дополнително да реагираме и спречиме. Затоа што ќе праќаш на дисциплински било кој ќе стави и еден обичен „Like“ или сподели пост кој тебе нема да ти се допаѓа. Е тоа нема да ти го дозмолиме и се надеваме дека нема да ти помине.

3. Реформска измена во делот на дисциплинската постапка за вработените во Министерството.


Ова го поздравуваме и се надеваме дека ќе се развие нов организациски облик, кој ќе гарантира, односно ќе обезбеди висок степен на професионалност, специјализираност, објективност и унифицираност во работата. Барем ќе биде можеби подобро од комисиите по секторите кои „судеа“ по волјата на началниците.

Но во вчерашната објава ……..

Министре не се пофали и дека предвидуваш измена на 76 ставот (1) од ЗВР кој сакаш да гласи:


„(1) По исклучок од членот 71 од овој закон, работен однос без јавен оглас во Министерството се заснова само за работни места за кои во актот за систематизација на работните места, поради видот и природата на работните задачи, како и посебните услови под кои тие се извршуваат, е утврдено дека може да се спроведе постапка за вработување без јавен оглас“. Колку армија без јавен оглас и колку „професионалци“ ќе примиш со оваа реформа?

Она што секој вработен има право и треба да го знае е тоа што во член 107 став 1 алинеа 4 која гласеше „-работникот во целост ги исполнува условите утврдени во актот за систематизација на работните места утврдени за работното место на кое се врши распоредување (вид на образование, потребно работно искуство и сл.)“ – единствено зборовите „во целост“ се бришат. За појаснување членот 107 ги предвидува условите за распоредување на работник.

Единствено овие два збора беа тие што до сега решенијата „паѓаа“ пред судовите како незаконски. Доколку дојде до измена на овој член со ваквото решение понатаму Министерството ќе се доведе во фаза каде враќање назад нема. Незаконски решенија ќе има илјадници и илјадници. Почитувани вработени, Ве молиме сватете ја сериозноста на оваа измена и сите измени во целост за кои говориме, анализирајте и заедно давајте отпор ова никогаш да не се донесе.

Во предложениот член 126 став 1 алинеа 5 зборот, Министре предвидуваш унапредувања „кое е најмногу до три работни места“. Секако ова ќе важи знаете за кого и ова воопшто нема да предизвика никаква професионализација и повторно професионалецот ќе биде газен и понижуван од партиски кадри за кои се сомневаме во нивната стручност и професионалност.

За платата за боледувањата што предлагаш во измените да не биде дел и исклучителната компонента зборувавме и реагиравме од пред некој ден и сето тоа ќе оди на штета на работникот.

Ова на кратко видување на нас ни личи како вовед во СТАЛИНИЗАМ во лоша варијанта. На крајот така и ќе испадне и губитник нема да биде Министерот Спасовски. Губитници ќе бидат сите вработени после сета неправда и катастрофа што ќе им биде нанесена.

Тука ЈАВНО упатуваме АПЕЛ, ПОРАКА И БАРАЊЕ до сите пратеници во Република Македонија. Внимателно земете ги во предвид нашите забелешки и сугестии и со особено внимание придадете им важност пред да ги гласате. Пред да биде доцна❗

После сето ова господине Министер Спасовски многу ни е жал ама уште повеќе многу вредни и мотивирани полицајци ќе изгубите на иднина.

Со почит,

Синдикат на Полиција во Македонија – СПМ, стои во нивното отворено писмо до јавноста.”

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Бојмацалиев: МВР работи исклучиво по закон за…

Денеска (24.04.2024) дополнителниот заменик министер за внатрешни…

И денеска можат да се подигнат готови…

Лични документи можат да се подигнат и…

МВР, ЈО и АНБ се комплетно подготвени…

Во врска со претстојните избори денеска во…

(Видео) Хеликоптерите на МВР исфрлија над 50…

Денеска (15.04.2024) Одделот за воздухопловни единици на…