Сиљановска Давкова на средба со командантот на НАТО за Европа, генерал Гринкевич: Стабилноста на Западен Балкан е неразделна од безбедноста на евроатлантската заедница

t

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во седиштето на Врховната команда на сојузничките сили во Европа, оствари средба со генерал Алексус Грегори Гринкевич, врховен сојузнички командант за Европа.

Сиљановска-Давкова ја реафирмираше посветеноста на земјата на колективната одбрана и придонесот кон безбедноста на сојузниците, истакнувајќи дека стабилноста на Западен Балкан е неразделна од безбедноста на пошироката евроатлантска заедница. Според претседателката, целосната евроатлантска интеграција и членството на земјите од Западен Балкан во ЕУ е важен дел од безбедносната европска структура.

Како што соопштуваат од кабинетот на претседателката, таа укажа дека нерешените спорови, политичките тензии и институционалната ранливост го прават регионот подложен на хибридни закани, дезинформации и злонамерни надворешни влијанија, поради што се неопходни поголема отпорност, подготвеност за кризни состојби и заштита на критичната инфраструктура.

За неа, континуираното присуство на КФОР и другите мисии на НАТО е од суштинско значење за мирот и стабилноста на Косово и поширокиот регион.

Сиљановска-Давкова потсети дека земјата е посветена на развивањето на одбранбените способности согласно НАТО-целите, при што во тек е ажурирање на стратегиските документи за одбраната и долгорочниот развој на способностите на Армијата.

Според неа, модернизацијата не подразбира само набавка на современа опрема, туку и внимателно планирање, долгорочни инвестиции и тесна соработка со сојузниците, усогласени со потребите на Армијата и барањата на Алијансата.

Посебно ги издвои Коридорите 8 и 10, нагласувајќи дека нивната географска положба и инфраструктурна поврзаност се значајни за исполнување на мисијата на Алијансата.

Таа посочи дека земјата се залага за почитување на суверенитетот, независноста и територијалниот интегритет на Украина, во согласност со меѓународното право и Повелбата на Обединетите Нации, изразувајќи подготвеност за продолжување на соработката со сојузниците во рамки на заедничките механизми за помош.

На крајот, претседателката ја потврди определбата на Македонија да биде доверлив и конструктивен сојузник, придонесувајќи кон колективната одбрана, регионалниот мир и безбедноста на евроатлантската заедница.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сиљановска Давкова на средба со командантот на…

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во седиштето на Врховната…

„Фајненшл тајмс“: НАТО ќе му дозволи на…

НАТО ќе ѝ дозволи на Украина да…

Венс: Украина не треба да биде членка…

Украина не треба да биде членка на…

Романскиот претседател повика на посилен надзор на…

Романскиот претседател Никушор Дан изјави дека Црното…

Бугарскиот министер за одбрана: Побаравме од НАТО…

Интензитетот на нападите во Црното Море се…