Собранието на денешната седница изгласа Декларација за фер, слободни и демократски избори

t

Собранието попладнево со 73  гласа „за“  и ниту еден „против“ изгласа Декларација за одржување фер, слободни и демократски избори за членови на советите и за градоначалници на општините
и на Градот Скопје.

Декларацијата беше поднесена од претседателот на Собранието, Африм Гаши и координаторите на сите пратенички групи. Во неа, Собранието изразува надпартиско единство за одржување на фер, слободни и демократски избори што заедно со владеењето на правото и почитувањето на човековите права и основни слободи се основните столбови на демократското општество, а се залага за доследно почитување на уставното начело, граѓанинот своето избирачко право да го оствари непосредно, на слободни избори со тајно гласање, а најостро го осудува семејното и групното гласање, како можност за манипулирање со гласовите на граѓаните и влијание врз изборните резултати.

Се укажува на потребата од фер и демократска изборна кампања, при што го нагласува значењето на политичката толеранција и почитта меѓу различните политички и идеолошки опции на учесниците во изборниот процес и во таа насока особено го осудува говорот на омраза, насилството и дискриминацијата, се укажува на значењето на медиумите и на медиумското претставување на учесниците во изборната кампања за промовирање на нивните кандидати, политики и ставови. Во оваа насока ја нагласува потребата од обезбедувањето фер пристап до медиумите на сите учесници во кампањата, а најостро ги осудува кампањите што шират дезинформации и невистини, со цел да се дискредитира некоја личност, институција, политичка партија или организација.

Собраниската декларација осудува и секаков облик на изборна корупција, злоупотреба за партиски цели на државни ресурси и институции, поткуп и уцени и било какво друго однесување на учесниците со кое може да се доведе во прашање почитувањето на демократските вредности и стандарди во целиот изборен процес.

Претседателот на Собранието Африм Гаши пред пратениците порача дека со Декларацијата Парламентот испраќа силна и јасна порака за обединување над партиските разлики  за изразување на силната волја да гарантираат слободни, фер и демократски избори.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Училишна кошничка до 15 проценти попуст, е…

Подготвена е нацрт-одлуката за воведување на училишна…

Заврши одморот за пратениците

Со одржувањето на денешната Работна сесија на…

Огласи за пет вработувања во Собранието, платите…

Отворени се огласи за пет работни места…

Владата го демантира СДСМ: Шише вода од…

Владата ги отфрли како „невистинити“ и „целосно…

Влада: Обезбедени се над 10 милиони евра…

Владата донесе Одлуката со која се менуваат…