Солунските атентатори, малубројна но идејно единствена и компактна група: Треба да сториме се, за да ја заболи Европа, удирајќи ја по џебот – Ние сакаме да ги жртвуваме сопствените, а не народните животи

t

Солунските атентатори: Преку храбри бомбашки напади и самоубиствени динамитни диверзии во вечност

Треба да сториме се, да ја заболи Европа, удирајќи ја по џебот…

Ние сакаме да ги жртвуваме сопствените, а не народните животи…

Гемиџиите

Во историјата на Македонија и на македонскиот народ има многу бурни и значајни настани кои го привлекуваа вниманието на балканската, европската и светската јавност. Еден од најзначајните такви настани се солунските атентати, тн “динамитни диверзии“ изведени од револуционерно анархистичката група наречена “Гемиџии“. Тоа се нашите бродари(гемиџии, од “гемија“, што на турски значи чун, брод, лотка) кои се простиле од животот од кој не очекувале ништо добро и му се препуштиле на житејското море, со цел или да успеат или, да ја извадат својата гемија, кораб на суво, на песокот од обалата. Поинаку кажано, луѓе кои се простиле од своите животи и ја пуштиле својата животна лотка по бурното море, која или ќе излезе на брегот, или ќе се разбие од Сцилите и Харибдите и ќе потоне. Ова е кратка дефиниција за  нивната бунтарска животна филозофија.

Време на извршување на овие бомбашки напади и динамитни диверзии се 29ти, 30ти април и 1ви мај 1903 година. Место на оваа храбра, самоубиствена но и крвава драма е градот Солун – град во кој беше сконцентриран поголемиот дел од македонската интелегенција, балканските трговци, странските дипломатски мисии во Отоманското царство и претставништвата на странските институции како банки, пошти, фабрика за гас и верски и образовни мисии. Организатори, подготвувачи и извршители на овие атентати биле припадниците на Солунскиот кружок “Гемиџии“: Јордан Поп Јорданов-Орце, Коста Кирков, Димитар Мечев, Тодор Органџиев, Илија Трчков, Тодор Богданов, Ѓорги Богданов, Владимир Пингов, Илија Поп Јорданов и Милан Арсов од Велес, како и Павел Шатев од Кратово, Марко Бошнаков од Охрид, Димитар Коштанов и др. Сите биле на возраст од 18 до 22 години, со исклучок на Д. Мечев, Д. Кочтанов и М. Бошнаков, кои биле нешто постари и претходно членувале во ТМОРО.

Десетмина од нив фрлале бомби во кафеаните “Алхамбра“, “Њоњо“, “Египет“, пред “Гранд хотел“, во “Бошнак ан“, го потонале францускиот брод “Гвадалкивир“, активирале динамит во Отоманска банка, поштата, плинарата, германскиот клуб, и шестмина од нив загинале, а четворица останале живи, биле фатени, судени и осудени. И така едни убиени, други осудени и во зандани, ама пораката на Гемиџиите останала за вечни времиња: “… Атентатите се дело на група македонски патриоти. Удираме со нив по совеста на цивилизираната Европа во името на еден народ, потиснат во ропство. Бараме интервенција од слободниот свет! Долу тиранијата! Слобода на народот!…“

Солунските атентати биле многу добро организирани и извонредно одлично изведени. Младите “Гемиџии“ на дело покажале дека може да се добие максимален ефект при минимални цивилни жртви. Многу впечатливи се записите на Христо Силјанов за солунските атентати и “Гемиџии“. Тој е човек кој ја напиша најдобрата хроника за македонската револуционерна борба и Илинденското востание, за Гемиџиите и нивниот самопожртвуван револуционерен чин, меѓу другото ќе напише: “Но се што може да се земе како прекор на динамитчиите, бледнее пред величината на нивниот дух. Тој дух кој, се гледа, стасува до страотни ефекти низ поговорно уривање, е исполнет со чуден идеализам и исткаен со необични контрасти. Во кусиот интервал до експлозијата, првата грижа на Орце е да го спаси директорот на банката со неговото семејство. Каква морална убавина и колку човечко благородство има во тој гест на суровиот водач! Тој водач кој не отстапувајќи од успехот во почнатото страшно дело, со својата брутална строгост, често ги тероризираше своите другари…..“.

Во прилог на оправданоста на нивниот чин е и пишувањето и на Крсте Битовски, кој меѓу другото запишал: “Динамитните бомби што гемиџиите ги фрлале по кафеаните биле направени со долг фитил, за да им се даде можност на гостите благовремено да го напуштат локалот. Целта, значи, била да се урива, да се дига што поголем шум преку динамитните експлозии, и со тоа да се создава паника, да се напаѓа непријателот, но сето тоа, по можност, да се изврши со што помалку жртви меѓу невиното население“. Ова го осведочува и самиот Павел Шатев, кој во своите записи истакнал: “Јас во душата си се радував што целиот параброд ќе изгори и што нема да има ниту една човечка жртва, за што со својата акција ние никогаш не сме се стремеле кон човечки жртви, уште повеќе кога се знае дека патниците на парабродот се невини по однос на нашата македонска кауза….“.

Солунските атентатори, изведените од нив солунски атентати-серијата од динамитни диверзии и бомбашки напади се кристално јасен показ колку тешко се доаѓало до слободата во Отоманската империја. Тие се и доказ за која е и каква е цената на слободата. Гемиџиите неповратно и непоправливо беа задоени со анархистички идеи. Беа млади момчиња кои доброволно отидоа во смрт. Тој самоубиствен чин за нив беше влез во колективната меморија на македонскиот народ, што со тек на времето се претвори во чин на вечно паметење. Покажаа и докажаа дека имаат огромна нескршлива волја за допринос на македонското дело, волја што ја реализираа преку однапред испланирана смрт во револуционерна акција.

Револуционерната и смртната завет ги реализираа така што: Едни, на турските куршуми им се спротивставија со своите млади гради; Други, се набија на војнички бајонети; Трети, прегрнуваа од нив активирани бомби. На тој начин тие го изразија завриениот благороден гнев на својата Татковина Македонија и за век и веков, ги завештаа Македонците со најпрекрасниот пример на самопожртвуваност.

Гемиџиите биле малубројна група, ама идејно единствени и компактни. Решителноста да ги спроведат солунските динамитни диверзии и атентати им била на највисоко ниво.

И покрај сите неосновани напади врз нивните разорни револуционерни дејства, фактите содржани во искажувањето на нивните современици, а особено записите на Павел Шатев, покажуваат дека тие биле проникнати со чувство на длабок хуманизам. Тој нивни хуманизам се искажувал во текот на изведувањето на самите акции, кога самите одеа во прегратката на својата смрт, притоа внимавајќи да се избегнат непотребните невини жртви.

Факт е дека гемиџиите одамна престанале да мислат и да се грижат за нивните животи. Затоа и шесторица од нив ја предизвикале и реализирале својата храбра смрт. Но уште поголем факт е и непобитна вистина дека во најкритичните моменти за време на изведување на солунските атентати и диверзии, совесните гемиџии со најголема присебност се грижеа да ги заштитат животите на невините луѓе.

Гемиџиите и се подадоа на смртта во цветот на својата младост. Нивна храбра смрт и диверзиите што ги спроведоа, како што се експлозијата на бродот Гвадалкивир, кревањето во воздух на Банк отоман, прекинувањето на осветлувањето во Солун и другите диверзантски и бомбашки акции, им покажаа на Турција и Европа дека Македонија нема да се смири додека не стане независна и слободна.

Драги мои Македонци, овој величествен чин на нашите храбри Гемиџии е идеализам, фанатизам, ама пред се револуционерно дејство, реализирана заклетва со извршена мисија.

Браво за нив. Пред нив и нивното храбро дело, можеме само да се поклониме и да им оддадеме почит.

Сотир Костов

П.С.

Во текот на мај месец ќе следува серијал за Гемиџиите

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Солунските атентатори, малубројна но идејно единствена и…

Солунските атентатори: Преку храбри бомбашки напади и…

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…