СПЕЦИЈАЛЕН ИЗВЕСТУВАЧ НА ОН: Во регионот постојат сили кои сакаат да го негираат македонскиот идентитет

t

Специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата на малцинствата, Николас Леврат, оцени дека на Балканот постојат силни структури кои се обидуваат да го негираат македонскиот идентитет, посочувајќи и на различните стандарди во Европската Унија кога станува збор за заштитата на националните малцинства.

Изјавата на Леврат доаѓа по обраќањето на претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, на меѓународен состанок во седиштето на Обединетите нации во Женева.

„Природно, македонското прашање е сложено. Како што знаете, тоа се однесува дури и на името на земјата. Според тоа, сосема е јасно дека во регионот постојат силни сили кои сакаат да го негираат секој македонски идентитет како таков“, изјави Леврат.

Стерјовски пред претставниците на меѓународната заедница предупреди на политичкиот и институционалниот притисок што, според него, Бугарија го врши врз Албанија, користејќи го своето членство во Европската Унија за промовирање на бугарскиот идентитет меѓу Македонците во Албанија.

„Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија“, порача Стерјовски.

Тој укажа и на проблемите со образованието на македонски јазик, зачувувањето на националниот идентитет и културата, политичката застапеност и економскиот развој на областите населени со Македонци.

Леврат, пак, посочи дека иако заштитата на малцинските права е дел од Копенхашките критериуми за членство во ЕУ, во самата Унија постојат различни стандарди.

„Некои земји-членки на ЕУ понекогаш дури и го негираат самиот концепт на заштита на малцинствата“, истакна специјалниот известувач на ОН.

Тој додаде дека досегашните меѓународни механизми главно се насочени кон општата заштита на малцинските права, без подетално разгледување на прашањата поврзани со дефинирањето на идентитетот на малцинствата.

Леврат нагласи дека внимателно ја следи состојбата со Македонците во регионот, посочувајќи дека со ова прашање се занимаваат и Советот на Европа и ОБСЕ.

Засега, сепак, не беа најавени конкретни дополнителни активности во рамките на неговиот мандат за заштита на правата и идентитетот на Македонците во регионот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

СПЕЦИЈАЛЕН ИЗВЕСТУВАЧ НА ОН: Во регионот постојат…

Специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата…

(Видео) Ни Рокас не знае што ќе…

Евроамбасадорот Михалис Рокас порача дека историските прашања…

МВР: Три лица уасени и регистрирани 13…

Тринаесет нарушувања на јавниот ред и мир…

Ахмети и Џафери го честитаа Денот на…

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и поранешниот…

Граѓаните бараат спас кај Народниот правобранител: Поднесени…

Само од почетокот на годинава до канцеларијата…