Терористот од Брисел е убиен, се бараат помагачите

t

Белгиските власти потврдија дека официјално е идентификувано лицето за кое се верува дека синоќа убило двајца шведски навивачи и кое било застрелано утрово.

Сега и официјално е потврдено дека се работи за лицето за кое државното обвинителство го наведува само името и првата буква од презимето – Абдесалем Л.

Денеска полицијата го пронашла во кафуле во бриселската општина Шаербек, откако нешто пред осум часот добиле повик од сведок, се вели во соопштението на белгиското државно обвинителство.

„Нешто пред осум часот утринава, сведок ја известил полицијата во Брисел дека го забележал наводниот извршител на нападот во кафеана во Шаербек“, се вели во соопштението.

Тој бил застрелан во престрелката, а по неколку обиди да го оживеат, починал утринава во бриселската болница во 9:38 часот, потврди белгиското државно обвинителство.

Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, денеска изјави дека е „шокиран“ и „тажен“ од нападот во кој загинаа двајца шведски навивачи во Брисел пред натпреварот од квалификациите за ЕП 2024 меѓу Белгија и Шведска.

„Длабоко сум шокиран и тажен од трагичната смрт на двајца Швеѓани во Брисел, во близина на стадионот каде што Белгија беше домаќин на Шведска. Во име на ФИФА и фудбалската заедница, упатувам најдлабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите. Нашите мисли се со луѓето на Белгија и Шведска, нивните репрезентации и нивните федерации“, напиша првиот човек на Меѓународната фудбалска федерација на Инстаграм.

Натпреварот Белгија – Шведска беше прекинат по нападот на полувремето при резултат 1:1. Гостите поведоа во 15. минута со голот на Виктор Ѓокерес, а израмни Ромелу Лукаку од пенал во 31. минута.

Белгиската министерка за внатрешни работи Анелис Верлинден потврди дека кај напаѓачот е пронајдено автоматското оружје употребено во убиството.

Министерката додаде дека се уште не може да потврди дали сторителот на нападот дејствувал сам или имал помошници. „Станува збор за сериозен напад и за безбедноста на жителите на нашата земја. Федералното обвинителство ја истражува можноста сторителот на нападот да имал соучесник“, рече министерката.

Според првите елементи на истрагата, Абдесалем Л., за кој се претпоставува дека е атентаторот, е државјанин на Тунис, на возраст од 45 години, кој илегално живеел во бриселската општина Шаербек.

Тој побарал азил во ноември 2019 година, кој бил одбиен една година подоцна. Но, потоа полицијата не успеала да го пронајде за да му го врачи решението дека мора да ја напушти Белгија. Полицијата го сомничи за трговија со луѓе, нелегален престој и напад врз државната безбедност.

Тој е осомничен дека вчера вечер пред почетокот на фудбалскиот натпревар меѓу Белгија и Шведска убил двајца шведски државјани, кои ги носеле репрезентативните дресови, а уште едно лице е тешко рането.

Министерката за внатрешни работи Анелис Верлинден рече дека полицијата го зголемила надзорот околу шведските дипломатски претставништва. Надзорот е засилен и околу продавниците на шведскиот ланец за мебел ИКЕА. Се претпоставува дека овој терористички напад е одговор на серијата палења на Куранот, светата книга на исламот, кои се забележани во Шведска во последните години.

Федералното јавно обвинителство повеќе не исклучува можна поврзаност меѓу синоќешниот напад и конфликтот во Израел и Газа како што беше објавено вчера. „Првично рековме дека нема никаква врска со настаните во Газа, но сега утврдивме дека тој изразил поддршка за палестинскиот народ на социјалните мрежи. Значи, можеби тоа одигра улога, ги истражуваме сите можни насоки. Истрагата ќе ги открие точните мотиви“, рече Ерик Ван Дер Сипт од обвинителството.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Орбан: Потребна ни е промена во Брисел!

Унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на…

Белгија започна истрага за руското мешање во…

Белгискиот премиер Александар де Кро денеска изјави…

Турција уапси 48 осомничени поврзани со ИСИС…

Турција уапси 48 осомничени поврзани со Исламската…

Авионот на Блинкен приземјен поради дефект, тој…

Авионот со кој леташе американскиот државен секретар…

Песков објасни зошто властите не го поврзуваат…

Официјалните власти на Руската Федерација не ги…