Френк Синатра: Живот на негов начин (прв дел)

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил(13.)

Френк Синатра: Живот на негов начин(прв дел)

Стил, или имаш, или го немаш.

Тој ќе ти помогне да се издигнеш над другите.

Френк Синатра

Непосредно пред ‘’секс, дрога и рокенрол’’ револуцијата, постоеше нешто што се викаше класичен стил. А во тој сегмент никој не му беше равен на Френк Синатра. Секоја епоха има свои идоли, но само мал број од нив израснува во нешто што генерациите го препознаваат како икони на стилот. А токму тоа е убедливо најпопуларната музичка ѕвезда во САД – музичар, актер, забавувач, авантурист, заводник, пријател на политичарите, близок со мафијашите… Да, сето тоа Френк Синатра, го прави најголема поп ѕвезда и единствен глобален феномен на 20от век.

Синатра беше човек чиј стил на живот, пеење, облекување и однесување, даде лице и идентитет на цела една епоха. Со негово мото ‘’Ако не го живееш животот, умирањето е досадно’’, кое често го истакнуваше, ни кажуваше дека поентата е да сакаш и да си овозможуваш задоволства, на себе и на други, но, истовремено и да задржиш позитивен пристап во се, без разлика што ти се случува во животот. Никој во очите на јавноста не живееше до таа мера самоуверено и со толкава лежерна елеганција како Синатра. Тој негов елегантно заводлив сјај, ги  стави во сенка многуте проблематични особини кои славниот пејач, актер и забавувач ги имаше.

Инаку, музичката легенда Френк Синатра, родена е пред еден век на 12. 12. 2015 година. Боксот посебно го привлекувал и сакал да стане спортски новинар. И самиот признал дека доколку правилно не го насочила неговата мајка Натали, која сите ја викале Доли, најверојатно ќе станел криминалец. Не е неважно што уште од најрана возраст сакал да стане и пејач. Прв музички идол му бил Бинг Крозби, а до крајот на животот најмногу се воодушевувал од неповторливата Били Холидеј. Како и да е, неговиот живот го обележаа убавите интерпретации, пријателството со политичарите, врските со луѓето кои беа во судир со законот, но и бројните жени и обожавателки, кои просто лудуваа по него. Посебно се интригантни гласините за неговите врски со ‘’подземјето’’(го нарекуваа маестро со крвави манжетни), и пријателствата со Вили Морети, Сем Џијанкано, па дури и со мафијашкиот бос Лаки Лучијано. Контрадикторен беше и во политичките ангажмани. Учествуваше во кампањите на демократите Рузвелт, Труман и Кенеди, а подоцна се приближи на Никсон, за да на крајот целосно пристапи на републиканците за време на мандатот на Реган.

Почесто од политичките убедувања ги менуваше жените. Иако беше идеален љубовник,  не се покажа добар во улогата на сопруг – се женеше четири пати, а имаше безброј љубовни врски и афери. Се женеше со Ненси Барбато, со која имаше три деца, Ненси, Френк јуниор и Кристина. Втора сопруга, воедно и најголема љубов, му беше Ава Гарднер, со која доживеа многу страст, кавги и љубоморни сцени. Со младата Миа Фароу стапи во трет брак, а последен пат се женеше со Барбара Маркс, со која остана до крајот на животот. Списокот на славни личности со кои имал врска или афера, е долг, но најпознати се: Мерлин Монро, Џуди Гарланд, Лорин Бекол, Енџи Дикинсон, Лана Тарнер, првите дами на САД Џеки Кенеди Оназис и Ненси Реган.

Немал музичко образование, не знаел да чита ноти, ама имал совршен слух. Секако и глас, кој воодушевуваше милиони негови обожаватели.На почетокот беше интересен изведувач на балади со нежен глас, потоа стана идол на сите девојки, а на крајот неговата верна публика ја сочинуваа претставници на сите генерации.

Како се случи тоа?

Едноставно, тој недвојбено  е најголемиот интерпретатор, забавувач и шоумен во историјата на американската популарна музика, како напиша музичкиот критичар Џон Роквел, а за многу други, несомнено е и најголема музичка ѕвезда на 20от век. Синатра со својот неповторлив глас и оригинална интерпретација, непогрешливо знаеше да изрази емоции на љубовен состанок и разделба, на оптимизмот на утрото и меланхолијата на касните саати, тагата на осаменоста и радоста на дружењето. Неговите песни(Night and Day, Young et heart, One for my Baby, Only the lonely, Come fly with me, Stranger in the night, It was very Good Year, You make me feel so young, My Way), обележаа цела една епоха, ги пееше цела една нација и повеќе генерации обожаватели кои со неговите музички хитови танцуваа, пееја, пиеја, сакаа и тагуваа. А тој, со својот талент и шарм едноставно привлекуваше и заведуваше. Тинејџерките во средината од минатиот век со него “летаа на месецот“, танцуваа меѓу ѕвездите, уживаа во убавините на пролета. Им влегуваше под кожа, ги научи дека некаде над виножитото се остваруваат соништата, за нив никогаш не беше ‘’Странец во ноќта’’, а ширум планетата го нарекуваа “синоокиот“.

Роден е во градот кој никогаш не спие – Њујорк, се искачи на врвот на славата и таму остана до крајот на животот. На родниот град му подари музичка химна – ‘’Њујорк, Њујорк’’, а тој му се одолжи што веќе неколку месеци со изложби, предавања, концерти, документарни филмови и други најразлични ивенти, славеше јубилеј 100 години со Синатра. Има и зошто: тој ја одбележа популарната америчка култура. Со него, уште кога радиото беше најмоќен медиј, пред Елвис и Битлси, започна масовното обожавање, што посебно се однесуваше на младата женска публика, која вриштеше на неговите концерти.

И не само тоа! –Во хотелите после концертите го бараа обожавателките – тинејџерки и дами во години – го чекаа во неговите хотелски соби, само да проведат една ноќ со него. Едни бараа да им се потпише на брусхалтерот, други го пречекуваа облечени само со бунда од нерц и ниту едно парченце облека под неа, а не ретко неговото друштво го бараа познати ѕвезди и богати дами од високото општество. А како и не би? Ги привлекуваше неговата харизма, чија основна одлика беше што се во животот работеше на свој посебен начин, при што едноставно пленеше со изразени вокални способности, и не случајно новинарите го ословуваа со прекарот – ‘’Глас’’. Во животот беше темпераментен, контроверзрн, па и мистериозен. Со големи падови и уште поголеми подеми во кариерата. Премногу жени, алкохол и афери(приватни, љубовни, политички). А стилот, автентичен, посебен, елегантен, фраер со маркантен изглед, сини очи што заверуваат и харизма што привлекуваше како магнет.

(продолжува)

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…