Хаг: Албански сведок изјави дека бил приведен и малтретиран од ОВК во 1998 година
На судењето на четворица водачи на поранешната ОВК пред Специјализираните совети на Косово во Хаг, сведок од албанска националност сведочеше дека бил уапсен и малтретиран од ОВК во близина на Призрен во летото 1998 година.
За воени злосторства и злосторства против човештвото врз Албанците, Србите и Ромите, во 1998-1999 година беа обвинети тогашните членови на Главниот штаб на ОВК Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи.
За да го заштити својот идентитет, сведокот сведочеше зад затворени врати, под псевдонимот W04571.
Обвинителите, во резимето на неговата јавна изјава, наведоа дека сведокот бил уапсен во август 1998 година од припадници на ОВК и одведен во локалниот штаб на таа паравојска.
Војниците на ОВК таму го испрашувале и го претепале, велејќи му дека „мора да и помогне на ОВК“.
Додека бил во притвор, сведокот W04571 „видел други притвореници на кои забележал знаци на сериозно малтретирање“, рекоа обвинителите во резимето на изјавата на сведокот.
Од една од придружните судски документи произлегува дека сведокот бил принуден да потпише одредено „признание“ во притворот на ОВК.
Според обвинителите, сведокот, кој сведочеше преку видео врска, се уште ги чувствува последиците од злоупотребата во притворот на ОВК.
Според обвинението, ОВК извршила планирано и систематско насилство врз Албанците кои ги прогласила за „соработници“ на српските власти, „предавници“ и „шпиони“.
Заедно со Србите и Ромите, војниците на ОВК незаконски им ја одземаа слободата на овие Албанци, ги тепаа, малтретираа и убиваа во десетици импровизирани центри за притвор, тврдат обвинителите.
Откако одговори на прашањата на обвинителите, сведокот беше вкрстено испрашуван од бранителите на обвинетите.
Обвинението од 10 точки ги товари Тачи (55), Весељи (56), Сељими (52) и Красниќи (73) за прогон по политичка и етничка основа, затвор, незаконско апсење и притвор, други нехумани дејствија, сурово постапување, присилно исчезнување, тортура (две точки) и убиство (две точки).
Според обвинението, припадниците на ОВК под команда на обвинетите ги извршиле гореспоменатите злосторства во 42 нелегални притворски центри на ОВК во Косово и Албанија против приближно 407 притвореници, од кои најмалку 98 биле убиени, од март 1998 до септември 1999 година.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Се огласи Албанецот осомничен за убиството на…
Артан Хајризи негираше дека е вмешан во…
Српската полиција уапси поранешен припадник на ОВК…
На административниот премин Мердаре денеска е уапсено…
Утре продолжува судењето против поранешните водачи на…
Судењето на четворицата поранешни лидери на ОВК,…
Албанец уапсен на Деве Баир
Албанец уапсен на еден македонски граничен премин. …
Албанец им зел 11.000 евра за да…
Педесет и седумгодишен жител на тетовско село,…