Чарли Чаплин – културен феномен гладен за знаење(втор дел)

t

Светски икони – мода, филм, музика, стил (19.1)

Чарли Чаплин – културен феномен гладен за знаење(втор дел)

Чаплин е филмски универзум сам за себе – актер, сценарист, режисер, продуцент, монтажер, а повремено и композитор на филмска музика. Со филмската фарса на мешаници и бркотници, со неговите мимики и со комичните движења тој ни ја подари смеата како наш остров на слободата.

За едни е Скитник, за други Карлитос, за трети Шарло, а за четвртиDer Vagabund. Сепак, за сите, Сер Чарли Спенсер Чаплин е најголемиот актер во историјата на кинематографијата. Еден, единствен, неповторлив. Сите глумци комичари, а и не само тие, кои се појавија после Чаплин, едногласно признаваат дека за нив највисок идеал биле креациите на Чаплин овековечени во ликот на Чарли Скитникот. Еден Вуди Ален вели дека најмногу ги сака природните комедии на Чаплин, а Џим Кери признава дека негова главна цел била да ја достигне креацијата на Чарли. Кога Волт Дизни го создавал ликот на глувчето Мики Маус, самиот кажува дека најпрвин ги проучил движењата, гестовите и мимиките на ликот  Чарли Скитникот. Во поново време гледаме дека Италијанскиот глумец Роберто Бењини го нарекуваат ‘’италијанскиот Чаплин’’, а Џеки Чен, големата кунг-фу ѕвезда, исто така ги засновал своите движења според Чаплин, за кого веле дека му е голем идол. Едноставно не можат да се набројат сите оние кои ги користат карактеристичните движења и комиката на Чаплин и неговата креација Чарли. Сите сакаат да бидат Чарли Скитникот, кого го гледаат како недофатлив идеал во филмската уметност. Повеќе од сигурно е дека Чаплин и неговиот алтер-его Чарли ќе живеат вечно.

Се поставува прашањето од каде доаѓа големата успешност на Чарли Чаплин?

Вистинскиот одговор е дека тој е синоним за постојано учење и развој. Уште од самиот почеток, неговиот исклучителен атлетизам, експресијата што ја поседувал и искажувал, грациозноста со која зрачел, беспрекорната точност што го одликувала, и безграничната инвентивност и генијалност во работењето, го издвојувале и разликувале од останатите. Како што напомнав, со невидена инвентивност и немерлива креативност го создал ликот на Скитникот. Тоа е малиот генијален и легендарен човек со кратки мустаќи, бастун во рацете, со широки панталони, големи чевли на нозете и црн шешир-полуцелиндер на главата.

Во првата и втората декада од 20-от век тој беше најпознатиот и најславниот актер на планетата. Најголем број од нас-неговите обожаватели, Чарли Чаплин најмногу го познаваме како актер. Познати ни се неговите 35 кратки неми филмови,во кои го создаде ликот на Скитникот,  но треба да знаеме дека тој бил добар писател и извонреден режисер. Ги паметиме неговите филмови како што се Жената од Париз, Потрага по злото, Циркус, Светлата на големиот град, Модерни времиња, Големиот диктатор и многу други, кои беа прифатени од публиката, а добро оценети од филмските критичари. Со неполни 30 години станал славен, богат и најмоќен филмски творец на светот.

Бил успешен затоа што поседувал неверојатен и извонреден талент. Истовремено го одликувала неисцрпна и огромна енергија за работа и творење. Овие свои црти и карактеристики тој ги стекнувал, развивал и усовршувал благодарение на неговата воља за учење и постојана желба за усовршување и напредување. Секогаш сакал да оди напред  и да остварува прогрес во својот занает. Дури и кога бил на врвот на својата популарност и слава, како најплатен актер и творец во филмската уметност, тој не бил во целост задоволен со знаењето и умеењето што ги поседувал. Неговата желба за учење и развој  го направила успешен и допринела да функционира  беспрекорно во се што работи. Најмногу од се тој бил генијален комичар.

Денес, 100 години од создавањето, многу од неговите филмови се сметаат за ремек дела. Чарли Чаплин целиот свет го цени како еден од најголемите филмски творци на сите времиња. Сите филмски критичари се едногласни дека во својата глума Чаплин ги поседува најпрефинетите пантомими, најдлабоките емоции и највдахновената поезија на филмската игра. А гледачите пак сме воодушевени од неговата интимна магија во актерството и од немата грандиозност што ја покажува на филмското платно.  Не случајно велеше дека движењата на филмот многу поубаво се разбираат отколку зборовите. До крајот на својата кариера Чарли Чаплин не престана да  учи и да се развива како актер. Затоа е прв и единствен, оригинален и неповторлив.

Овој генијалец е пример и поука за сите кои сакаат да учат, но и да научат. Неговиот пример ја посочува неопходноста од фокусирање на прашањата или проблемите што треба да се решат. Можеби и не сте свесни колкава е вашата моќ кога проблемот ќе го вметнете во жижата на вашата свест. Вие тогаш станувате млин на идеи. Потребно е и  понатаму да се фокусирате на било што од кое можете да добиете информации, кои се отскочната даска за вашиот скок. Потрудете се тој да биде квантен, а не обичен-линеарен.

Затоа мислете латерално и доживувајте ги и претставувајте си ги работите визуелно. 

Барајте аналогија, но во никој случај немојте да ги одбегнувате нелогичните  работи.

Размислувајте за нив, бидејќи тие можат да ви помогнат повеќе отколку што и  самите мислите. Стиснете ги забите и тупаниците и зачекорите напред. Ваше е да  работите. Обидете се секој ден да направите барем по нешто и барем малку за својата  идеја.

Многу брзо ќе бидете изненадени дури и запрепастени од ефектите што ќе ги  добиете.

Бидете упорни и покажете одлучност. Ништо повеќе не може да ви помогне од  упорноста и одлучноста што ќе ја покажете. Вашата упорност и одлучност се помоќни од вашиот талент, од вашето образование, од вашата генијалност, од вашето богатство и од сите нив заедно.

Упорноста и одлучноста се семоќни.

Сотир Костов

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Еден Стpaтег, една Струмичка Барбика и немopaлна…

Колумната е кратка приказна за селските и…