8 Март: Цвеќиња или конкретни мерки – Како да се постигне вековниот идеал за рамноправност?

t

8 Март е Меѓународниот ден на жената, денот кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност.

По тој повод Инфомакс разговараше со Стојан Мишев од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените ЕСЕ.

Здружението ЕСЕ е прво од ваков тип во Македонија, основано е во 1994 година како Хуманитарна асоцијација за еманципација, солидарност и еднаквост на жените- ХА ЕСЕ , насочувајќи ја својата работа кон подобрување на состојбата на жената и нејзина поголема застапеност во одлучувачките структури. 

Денес Здружението е познато по работата во областа на семејното насилство, а како еден од најпознатите проекти може да се истакне платформата за бесплатна правна помош за жените што претрпеле семејно насилство.

Го прашавме Мишев за симболиката на овој ден и како ЕСЕ го гледа 8 Март.

Александра Петровска, Инфомакс: Вие сте прво Здружение во Македонија кое ја обработува тематиката на еднаквост, еманципација на жените и проблемите со семејното насилство.

Дали може да ни кажете како ја гледате симболиката на 8 март?

Стојан Мишев, ЕСЕ : Како организација која долги години работи на унапредувањето на положбата на жените во нашата држава, меѓународниот ден на жената го користиме како повод за информирање на јавноста за родовата нееднаквост,  односно проблемите со кои се соочуваат жените во различните области од општественото живеење. 

Бидејќи ставовите по ова прашање се поделени, прашавме дали жените во Македонија докрај се избориле за сопствените права.

Александра Петровска, Инфомакс: Дали во Македонија жените се избориле докрај за нивните права и дали сметате дека денешниот ден се одбележува на правилен начин. 

Стојан Мишев, ЕСЕ: За жал, досегашниот пристап на државата беше главно декларативен, односно се усвојуваат закони и стратегии за унапредување на родовата еднаквост без притоа да се овозможат ниту основните предуслови за нивно спроведување во пракса.

Владата и надлежните министерства не покажаа политичка волја, ниту пак алоцираа соодветни буџетски средства за преземање на потребните мерки и активности на ова поле. Како резултат на ваквиот пасивен однос, во еден подолг временски период имаме опстојување на родовата нееднаквост и дискриминација врз жените во општеството.

Жените се уште се соочуваат со ограничен пристап до правда и неможност да ги решат секојдневните правни проблеми со кои се соочуваат,  неефективна заштита од семејното насилство, неповолна положба на пазарот на труд, недостаток на основни здравствени услуги, недостасува суштинското учество во јавниот и политичкиот живот итн. 

Здружението упати апел до владата да се преземат итни мерки за намалување на родовиот јаз наместо да делат цвеќиња.

Александра Петровска, Инфомакс: Упативте апел до владата наместо да подарува цвеќиња да  преземе конкретни мерки за намалување на родовиот јаз . Имате ли вие конкретни мерки кои би можеле да ги предложите? 

Стојан Мишев, ЕСЕ: Здружение ЕСЕ континурано укажува на ваквите состојби и бара од државата преземање на конкретни мерки за подобрување на состојбата на жените во различните области на кои што работиме.  Притоа, потребно е Владата и надлежните министерства и институции  да го променат досегашниот декларативен пристап, со преземање на супштински мерки за унапредување на состојбите со родовата еднаквост во општеството.

 Овие мерки треба да бидат засновани на специфичните потреби на жените, затоа бараме перспективата на жените, односно нивно задолжително вклучување во процесите на планирање, спроведување, мониторинг и евалуација на владините програми и буџетски средства. Ја нагласуваме потребата за итно спроведување на сеопфатни превентивни активности, односно кампањи за подобрување на разбирањето во јавноста за тоа што претставува родовата нееднаквост, дискриминацијата, семејното насилство.

Потребно е  промовирање на законските права и механизмите за заштита на жените жртви на дискриминација и насилство, како и итно процесуирање на пријавените случаи од страна на надлежните институции. Неопходно е ослободување од плаќање на судските трошоци во постапките иницирани од жени што претрпеле семејно насилство, со цел да можат ефективно да ги решат секојдневните правни проблеми со кои се соочуваат.

Да се планираат соодветни мерки за економско јакнење на жените, со фокус на ранливите групи на жени и нивните потреби за вклучување на пазарот на труд.  Ова се само дел од мерките кои Здружение ЕСЕ ги предлага согласно различните области на кои работиме како организација.

Бидејќи главнен приоритет на ЕСЕ е заштита на жените ѓртви на семејно насилство и превенција на истото прашавме какви активности преземаат по однос на тоа прашање.

Александра Петровска, Инфомакс: За жал семејното насилство во Македонија се уште е присутно во голем процент . Кои се активностите кои вие ги преземате за сузбивање на овој тип на насилство? 

Стојан Мишев, ЕСЕ: Особено загрижува тоа што семејното насилство бележи континуиран тренд на висока застапеност во еден период од 20 години. Здравствената КОВИД-19 криза и мерките за ограничено движење на населението дополнително придонесоа за влошување на состојбата на жените што претрпеле семејно насилство.

Од една страна, забележавме поголем ризик и ескалација на насилството во домот, вклучително и специфични форми на психолошко и економско насилство, додека истовремено жените се соочија со отежната комуникација со институциите и неможност да ги решат проблемите со кои се соочуваат. Здравствената криза ја нагласи потребата за решавање на сите недостатоци во постоечкиот систем за заштита, како и адаптирањето на постапувањето на институциите во услови на криза.

Во Здружение ЕСЕ повеќе од 20 години преку Центарот за правна помош обезбедуваме бесплатна правна помош и психолошко советување за жените, односно правни совети, писмени поднесоци и судско застапување за заштита од семејно насилство и решавање на поврзаните правни проблеми, како што се разводот на брак, старателството, издршката, имотните односи, надомест на штета и др.

Заради зголемување на информираностa на жените за време на вонредната состојба предивикана од КОВИД 19, ја креиравме првата интернет платформа за правни совети за жените што претрпеле семејно насилство pobarajsovet.mk

Суштински дел на нашата работа е вклучувањето на самите жени во целиот процес, односно редовно консултирање со цел утврдување на специфичните проблеми со кои се соочуваат во пристапот до правда и комуникацијата со надлежните институции.

Истовремено, работиме со практичарите од надлежните институции, како што се полиција, судовите, ЦСР,  со цел јакнење на нивните знаења и вештини за работа со жени што претрпеле семејно насилство.

Редовно спроведуваме активности за информирање на јавноста за природата на семејното насилство, вклучително специфичните форми на психолошко и економско насилство, како и за законските механизми за заштита на жените што претрпеле семејно насилство. Континуирано бараме од Владата, надлежните министерства и институции преземање на конкретни мерки за подобрување на состојбите со семејното насилство.  

Александра Петровска, Инфомакс: За крај ќе ве замолам да упатите порака до жените, општеството и институциите по повод денот на жената.

Стојан Мишев, ЕСЕ: По повод денот на жената, сакаме да ја нагласиме улогата на државата, односно бараме од Владата, надлежните министерства и институции алоцирање на буџетски средства и преземање на суштински мерки за подобрување на состојбата на жените што претрпеле семејно насилство:

  • Спроведување на сеопфатна кампања за информирање на јавноста за природата на семејното насилство и законските механизми за заштита, како и поттикување да се пријавува семејното насилство во институциите. Притоа, потребно е користење на алтернативни канали за комуникација со цел соодветно информирање на различните групи на жени: мобилните  оператори, јавните претпријатија за струја и вода, поголеми ланци на супермакерти, аптеки, локалните кризни штабови и други;

  • Формирање на посебен државен фонд за надоместување на трошоците за кирија и живот на жените што претрпеле семејно насилство и нивните деца;

  • Итно постапување после пријавување на семејното насилство во ЦСР, полиција, судови, односно приоритизирање на предметите на семејно насилство и почитување на предвидените законски рокови.   – заклучуваат од ЕСЕ.

Честит 8 Март и од Инфомакс, посакуваме поскоро надминување на родовиот јаз, помалку дискриминација, а повеќе рамноправност во секоја смисла на зборот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Притвор за тројца мажи кои претепале две…

Основното јавно обвинителство Кочани поведе постапка против…

Македонските ракометарки загубија од Шпанија

Македонската женска ракометна репрезентација загуби вечерва на…

(Видео) Шокантно: Маж тепа жени во метро…

Надзорните камери во Барселона снимија шокантен напад…

Психичкото семејно насилство зема замав, сѐ почесто…

Ако претходните години најчеста форма на семејно…

Црвена полумесечина: Речиси 180 жени во Газа…

Палестинската Црвена полумесечина објави дека 180 жени…