Јовановиќ: „Отворен Балкан“ е еден вид револт кон ЕУ и одговор на незаинтересираноста за побрза интеграција на регионот

t

Сè уште е рано да се даде оценка за економските ефекти од „Отворен Балкан“, иницијативата сепак постои неполна година. Но она што е повеќе од јасно е дека политичките односи помеѓу земјите се подобрени, и тоа е секако голем плус за иницијативата, вели во разговор за „Локално“ Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, по повод самитот на регионалната иницијатива која денеска и утре се одржува во Охрид.

Воочливо е, според него, дека постои заинтересираност кај лидерите на трите земји да се турка идејата.

– Ова е веќе трет самит за помалку од една година, што е добро. Досегашните иницијативи за регионална соработка никогаш немале ваков ентузијазам, истакнува Јовановиќ.

Зошто, според негово мислење, има отпор од другите земји од Западен Балкан за приклучување на иницијативата, поранешниот советник за макроекономска политика во министерството за финансии вели дека резервите делумно се од локално-политички побуди.

– За Косово, работата е јасна – тие во моментов имаат доста лоши односи со Србија и јавно кажуваат дека не сакаат да бидат дел од иницијатива во која е и Србија, која не ги признава како држава. За Црна Гора и БиХ работата е посложена. Тие никогаш не беа децидно против „Отворен Балкан“, кај нив политичарите од самиот почеток беа поделени по прашањето. Резервите делумно се од локално-политички побуди – политичарите кои немаат добри односно со Србија, или Вучиќ, се противат на идејата.

Но делумно се и поради тоа што не е баш најјасно каде ќе оди целиот проект. Пред да се појави „Отворен Балкан“ постоеше друга слична иницијатива – „Берлински процес“, уште од 2014 година, кој беше поддржан и движен од ЕУ, и имаше за цел да ја зголеми соработката во регионот и да ги подготви земјите за влезот во ЕУ. Но „Берлинскиот процес“ замре последниве години, а всушност и никогаш не беше премногу ентузијастички дочекан од страна на балканските држави, кои го гледаа како еден вид замена за полноправно членство во ЕУ, вели професорот.

Посочува дека и сега со појавувањето на „Отворен Балкан“ се појавиле многу прашања – кој стои зад него, дали е тоа замена за ЕУ, дали е можеби против ЕУ, каква е неговата врска со „Берлинскиот процес“, дали тој ќе продолжи или не, дали ќе има две паралелни иницијативи и сл., а сето ова прави некаква резерва кај политичарите, иако не и одбивност.

-Но она што се забележува во Црна Гора и БиХ е дека биснисмените генерално позитивно гледаат на „Отворен Балкан“, а и дел од политичарите, па можно е да има и промена на официјалните ставови на двете земји во врска со нивното учество во иницијативата, смета тој.

За изјавите кои доаѓаат од претседателот на Црна Гора, Ѓукановиќ дека „Отворен Балкан“ не почива на европски вредности и дека иницијативата „не го почитува принципот на инклузија и не ги третира сите земји подеднакво“, Јовановиќ дециден е дека политиката на Балканот е таква, секогаш ќе има политичари кои и најдобрата идеја ќе се обидат да ја извртат, за да извлечат политичка корист од тоа

-Истовремено, ултра-националистите во Србија и Македонија викаат дека „Отворен Балкан“ е отворена врата за Голема Албанија…Најдобар демант дека ваквите тврдења немаат никаква врска со реалноста е фактот што официјални претставници и на САД и на ЕУ го поддржаа „Отворен Балкан“, истакнува тој.

На прашањето дали иницијативата е некаква подготовка пред членство во ЕУ или како замена за Унијата и некаква нова „мини Југославија“, Јовановиќ дека „Отворен Балкан“ попрво е еден вид на револт кон ЕУ, односно одговор на нејзината незаинтересираност за побрза интеграција на регионот.

-Иницијативата се појави во 2019 година, по француското вето за започнувањето на преговорите со нас и Албанија. Балканските земји како да сакаа да ѝ порачаат на ЕУ дека можат и самите да направат нешто, и тоа е една голема позитивна страна на иницијативата. Тоа е и една од клучните разлики од „Берлинскиот процес“, кој беше туркан од ЕУ како своевидна утешна награда за регионот, и затоа никогаш не беше целосно прифатен. Затоа „Отворен Балкан“ има потенцијал, затоа што доаѓа изворно од регионот и не зависи од ЕУ. Во однос на споредбите со Југославија, мислам дека сепак има бројни разлики. Првата е што Албанија, а и Косово, доколку влезе во иницијативата, воопшто не се словенски земји. Втората, можеби уште поважна, е што „Отворен Балкан“ е сепак пред сè бизнис иницијатива, која има за цел првенствено да го олесни движењето на стоки, услуги, капитал и луѓе во регионот, додека Југославија беше пред сè социјалистичка идеја, изјави професорот.

Во однос на тоа дали очекува поттикнување на економскиот раст на земјава со самото членство и кој всушност има најголема корист од неа, според некои проценки кои, вели тој, нашироко се цитираат и се припишуваат на Светска Банка, економските придобивки за регионот од слободното движење можат да изнесуваат до 2,7 милијарди евра годишно, што не е мала сума на пари.

-Дури и да не се толку големи придобивките, сепак ќе ги има, и тоа е несомнено. Нема ништо лошо во тоа камионите полесно да поминуваат граница, луѓето полесно да патуваат, дипломите да бидат признаени во сите држави во регионот, луѓето да можат да се вработуваат во други држави без некакви бирократски процедури. Но една од моите најголеми забелешки на иницијативата е што таа, барем за сега, има премногу тесен фокус и е лимитирана само на слободното движење. На Балканот му треба многу повеќе од слободно движење, тој има многу поголеми економски и социјални проблеми, како висока сиромаштија, невработеност, социјални разлики, слаба инфраструктура, мало вложување во образование и здравство, мала иновативност… Сите овие проблеми потекнуваат од погрешните економско-социјални политики кои се водат во регионот со децении, од приватизацијата на сè што е можно, инсистирањето на мала држава, ниските даноци, евтината работна сила, вели Јовановиќ и додава дека потребное земјите од регионот да расчистат со овие политики, и тоа синхронизирано, сите заедно, и тоа може да се направи само преку вакви заеднички иницијативи.

-Затоа, „Отворен Балкан“, за да биде навистина успешен, мора да прерасне во иницијатива за заеднички регионални економско-социјални политики во насока на надминување на сиромаштијата и сите други социјални проблеми, дециден е членот на Виенскиот институт за меѓународни економски студии.

Колку „зголемувањето на пазарот“ со членство во регионалната иницијатива, според него, ќе донесе нови инвестиции во Македонија, Јовановиќ одговара дека тоа може да биде случај, ако на пример некоја странска компанија инвестира во пограничен регион, па во неа работат работници од двете земји кои ја делат границата.

-Или на пример, ако некоја странска компанија сака да инвестира во регионот, но ниедна од земјите самостојно не може да ѝ обезбеди доволно квалитетни работници, а повеќе земји заедно можат да го направат тоа. Може да доведе и до повисоки домашни инвестиции, поради полесниот транспорт и пониските трошоци.

За тоа каква иднина и предвидува на иницијативата и дали ќе опстане доколку останат само овие 3 земји, професорот е на мислење дека тоа е втората најголема слабост на иницијативата, што во моментов вклучува само три од шесте регионални економии.

-Иницијативата можеби и ќе опстане дури и ако остане во ваков состав, со само три економии, но повеќе ќе наликува на поделен Балкан, отколку на отворен. Затоа напорите во наредниот период морат да бидат првенствено на тоа да се вклучат и останатите економии. Добро е што на претстојниот форум ќе учестуваат преставници од Црна Гора и БиХ, и доколку некоја од нив реши да се приклучи наскоро, тоа би бил позитивен чекор, кој би можел да ги натера и другите економии да се приклучат наскоро, додаде Јовановиќ за „Локално“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Балканот денеска е најтоплиот дел од Европа

Во земјите од регионот денеска се активирани…

Грчките здравствени власти предупредуваат на наглото зголемување…

Властите во Грција предупредуваат на зголемено ширење…

ЕУ донираше 35 милиони евра за Србија…

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека…

Детална истрага за регионалниот крах на електроенергетскиот…

Комитетот за системско работење на Европската мрежа…

Машала: ЕУ ќе даде 500 милиони евра…

Европската комисија го усвои Предлог-буџетот на ЕУ…