Тим од врвни експерти ќе се справува со дојавите за бомби

t

Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека на состанокот на Советот за координација на безбедносните служби одржан пред десетина дена било формирано тело што го сочинуваат експерти од овие институции кои ќе работат на заштитата од хибридни закани, меѓу кои се и дојавите за бомби кои речиси секојдневно пристигнуваат на електорнските адреси на училишта и на јавни објекти во земјава.

Телото, како што информираше Ковачевски, ќе го координира Бирото за јавна безбедност, односно Министерството за внатрешни работи.

„На тој совет присуствуваа министрите за внатрешни работи, за одбрана, за надворешни работи и  директорите на трите разузнавачки служби – Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Агенцијата за разузнавање (АР) и Военото разузнавање. Се дискутираше за сите овие дојави за бомби. Формиравме тело кое што го сочинуваат најголемите експерти од сите овие институции што ги набројав. Со телото ќе координира Бирото за јавна безбедност, односно Министерството за надворешни работи во делот на обезбедување на сајбер безбедност и заштита од хибридни закани и дополнително дијагностика на системот во делот на неговата отпорност кој што ќе биде направен на врвно професионално ниво“, рече Ковачвски во интервјуто за МРТ.

Почетокот на дојавите за поставени бомби, за кои Ковачевски посочи дека се хибридни напади, тој го лоцираше паралелно со почетокот на војната во Украина, односно руската агресија врз земјата.

„Станува збор за хибридни напади во најголем дел, бидејќи доколку ги погледнете дојавите за бомби кои што ги имаме кај нас истото тоа се случува и во други земји членки на НАТО, но и во земји кои не се членки. И дојавите за бомби практично започнаа со започнувањето на војната, со агресијата на Русија врз Украина кога почнаа и овие појави во различни држави. Доколку се погледне и самата содржина на пораките тогаш се гледа дека се работи за организирана активност и затоа велиме дека се хибридни закани, затоа што пораката која се добива при дојава за бомба во Македонија  и таа која се добива во Црна Гора или Германија практично има иста содржина, односно закани од политички и од геостратешки карактер“, додаде тој.

Дополнително, додаде тој, има и имитирачки закани кои се прават од наши граѓани, во најголем дел малолетници.

Тука сакам да пратам порака како родител и како премиер дека младите не треба да го прават тоа, бидејќи станува збор за тешки кривични дела од областа на тероризмот. Сметам дека не треба овие луѓе уште од млади години да се наоѓаат на такви листи кои што ќе ги карактеризираат целиот нивни живот како терористи. Упатувам апел до сите млади и сите граѓани да не навлегуваат во такви активности бидејќи тоа не носи добро на општеството, а најмалку им носи добро на нив“, рече Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Зеленски: Русија минатата недела употребила над 600…

„Руската борбена авијација, со сите средства, мора…

ДЕТАЛИ ЗА МАСОВНИОТ НАПАД НА РУСКАТА ВОЗДУХОПЛОВНА…

Украина изврши голем напад на аеродром лоциран…

Тринаесетгодишник испратил 380 лажни закани за бомби…

Француските агенции за спроведување на законот во…

Ковачевски: Техничката влада е дефинирана со закон,…

 Техничката влада е дефинирана согласно закон и…

СДСМ ЌЕ ИМА СВОЈ ПРЕТСЕДАТЕЛСКИ КАНДИДАТ Ковачевски…

Ковачевски изјави дека на вечерашната седница на…