“Титаник 2” за Мијалков застаре на 27 март: Основниот суд се спаси од срамот, Апелација да донесе ослободителна пресуда
Скопска Апелација на рочиштето закажано за 13 април само ќе констатира апсолутна застареност на кривичното дело „Примање награда за противзаконито влијание” кое му се става на товар на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поврзано со гласањето на локалните избори во 2013 година кога противкандидат на Зоран Заев беше Васил Пишев од ВМРО ДПМНЕ.
Дека делото застарело уште на 27 март, Апелација можеше да констатира уште на претходното рочиште закажано за 30 март, но поголем дел од останатите обвинети не добија уредни покани и истото мораше да се презакаже.
Инаку на 27 март 2013 година, Мијалков според тврдењата на поранешното СЈО, во два наврати му се јавил на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за да побара од него поддршка во ДИК да се изгласале приговори на ВМРО-ДПМНЕ за локалните избори во Струмица. Двата разговори, како што докажуваше тогаш СЈО, се случиле вечерта после 23 часот.
Во КЗ, член 107 предвидува дека едно дело за кое е запретена казна затвор над 3 години, не може да се гони доколку поминат 5 години од извршувањето. Следниот член 108, кој се однесува на текот и прекинот на застарувањето на кривичното гонење, се вели „Застареност на кривичното гонење настапува во секој случај кога ќе помине двапати онолку време колку што според законот се бара за застареност на кривичното гонење“.
Тоа практично значи дека за ова дело, за кое можноста за кривично гонење застарува за 5 години, апсолутната застареност настапува за 10 години, односно на 27 март 2023 година.
Мијалков е седум години по судови за дело кое непостои
Истрагата за “Титаник 2” беше најавена и стартуваше уште во февруари 2016 година.
Основата на предметот беше дека лидерот на ДПА Мендух Тачи го поттикнал нивниот член во ДИК Бедредин Ибраими да гласа за приговорот на ВМРО ДПМНЕ.
Мијалков беше обвинет дека го поттикнал “поттикнувачот” , нешто што е вон секоја здраворазумска и правна логика, бидејќи ниту Тачи бил службено лице кое тогаш одлучувало самостојно за нешто, ниту Мијалков бил во таква позиција.
Тогашното СЈО не го интересираше ниту фактот дека одлуката на ДИК по жалба отишла на Управен суд кој ги отфрлил приговорите и ја потврдил истата.
СЈО не го интересираше ниту фактот дека откако одлуката се вратила, ДИК едногласно, вклучувајќи ги и членовите од СДСМ решил да го повтори гласањето во Струмица.
Сезоната на политички прогон беше отворена и таа финишираше со првостепена осудителна пресуда во Титаник 2 во 2019 година.
Откако Апелација сериозно ја анализира пресудата против Мијалков, во декември 2019 констатираше серизни повреди на правото и со јасни напатствија ја враќа назад.
Апелација не замижа пред политичкиот прогон и побара да се почитува законот и да се утврдат фактите
Апелација во тогашната пресуда со која го врати предметот утврди дека првостепениот суд, сторил бројни суштествени повреди на постапката од апсолутен карактер, поради кои одлуката била во целост незаконита и неправилна. Жалбениот совет констатирал дека утврдените факти што го чинеле законското обележје на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите во целост противречат на содржината на изведените докази, а воедно првостепениот суд неосновано се впуштил и утврдувал факти за постоење на кривична одговорност за лица кои немаат својство на обвинети во конкретната постапка.
За секој правник тоа практично значи дека нема основа за осудителна пресуда.
За да не се повторува бламажата, Апелација тогаш даде јасни насоки за натамошно постапување по предметот.
Таму беше посочено при повторното постапување, судот да ги отстрани констатираните суштествени повреди, повторно да ги цени изведените докази поединечно и во склоп на една целина, па врз основа на изведениот доказен материјал правилно да ги утврди сите решителни факти во предметот.
Со оглед на фактот дека во истрага на обвинетиот Бедредин Ибраими му биле презентирани два други разговори за кои тој тврди дека даваат сосема поинаков контекст на случајот, а подоцна мистериозно исчезнале од предметот, Апелација порача да се почитува праксата на Европскиот суд за човекови права, односно ЈО да ги обелодени сите материјали што ги поседува, а кои би можеле да му помогнат на обвинетиот.
Апелација констатираше и дека првостепената пресуда е погрешна и во делот кој се однесува на разговорот на Мијалков со Тачи бидејќи Тачи по закон не е одговорно лице за Мијалков да изврши влијание врз него за кое потоа би бил гонет, заклучувајќи дека таква можност да нареди како да се врши определено дејствие во државните институции не му е дадена на обвинетиот Мендух Тачи како Претседател на партија, ниту со Статутот на партијата, ниту со кој било позитивен пропис и таквото дејствие е спротивно на неговата должност да го почитува Статутот на партијата каде што е одговорно лице.
Апелација во својата пресуда изрази зачуденост и околу постоењето на соизвршителство меѓу членовите на ДИК, нагласувајќи дека во таа насока ниту се предложени, ниту се изведени докази од кои би произлегла заедничка волја за извршување на кривичното дело.
Судот целосно ги игнорираше напатствијата во повторената постапка
Разговорите кои ги бараше одбранатљ на Ибраими исчезнаа од СЈО и покрај насоката на Апелација.
На рочиштата се зборуваше за разговори во кои Радмила Шекеринска имала ургенции до членовите на ДИК, но нејзиното “поттикнување” не било “поттикнување” за ЈО.
ЈО и судот целосно ги игнорираа напатствијата ма Апелација од едноставна причина што не може да има нови докази и елементи таму каде што и првично немало дело.
Од 2020 година, во повторената постапка, првостепениот суд ја менува стратегијата. Соочени со немање докази за осудителна пресуда од една страна и политички притисок за носење на осудителна пресуда, судот почнува поретко да ги закажува рочиштата.
Изминативе три години се закажуваа по пет до десет рочишта годишно. Одбраната редовно доаѓаше, но затоа некои од нив се одложуваа заради судот или ЈО.
Кога во некои центри беше забележана стратегијата на судот да се оди кон застарување наместо кон постапување по насоките на Апелација и носење на ослободителна пресуда доколку нека нови докази, започна актуелизирање на предметот и лиферување на неточни информации дека застарува на 7 април.
Закажувањето на неколку рочишта неделно и во периодот на Нова година и Божик, кога не се закажани ниту предмети за убиства и други тешки кривични дела, резултираше со нова осудителна пресуда во која практично нема измени во однос на првата што беше укината.
Со тоа Основниот суд ги задоволи центрите кои вршеа притисоци, но заради застарувањето од друга страна не и остави простор на Апелација повторно да изврши сериозна анализа на пресудата и мериторно да одлучи според насоките кои првиот пат ги имаше дадено.
Дали истите центри сега повторно се обидуваат да извршат притисок врз судот, ќе се види после мериторната одлука на Апелација во врска со жалбите на останатите обвинети.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Левица Градско: Итна еколошка контрола поради загадувањето…
Во центарот на Општина Градско, под плаштот…
Трамп никогаш поостар: Ако го нападне САД,…
Американскиот претседател Доналд Трамп порача дека Иран…
(Видео) Аеродромот во Тел Авив во пламен,…
Израелските одбранбени сили (ИДФ) денес објавија дека…
ДУИ: Злоупотреби на средства од буџетот на…
УИ изразува длабока загриженост за најновиот скандал…
(Видео) Крмов: Имаме скржава власт која одвои…
Пратеникот Борислав Крмов од Левица на седницата…