За 10 години бројот на студенти се намалил за повеќе од 7 000, УКИМ најголем губитник
Во последните десет години бројот на студенти во земјава се намалил за 7 043, односно за 12 проценти, покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), објавено денеска (1 октомври), кога почнува новата академска 2024/2025 година.
Најголем пад на бројот на студенти, според истражувањето, бележат државните универзитети, додека спротивна на овој негативен тренд е ситуацијата во приватните високообразовни институции каде што има зголемување на бројот на студенти. Бројките и процентите покажуваат и зголемен интерес за студирање на верските високообразовни установи.
Според истражувањето на ЦГК, бројот на студенти во земјава најниското ниво го достигнал во пандемската 2020/2021 година, само малку повеќе од 50 000, а по порастот во следните две учебни години, вкупниот број на студенти повторно паднал во последната учебна година.
Некогашната бројка од речиси 52 000 студенти, која сега е сведена на едвај нешто повеќе од 40 000, го илустрира постојаното намалување на бројот на студенти на државните факултети во последните десет години.
Државните универзитети во постојан пад, УКИМ најголем губитник
Најголем губитник во овој контекст, како што нотира ЦГК, воопшто, е најголемиот државен универзитет – Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје, каде што за десет години има речиси 5 000 студенти помалку.
Во тие рамки, во апсолутни бројки, најмногу студенти загубиле Економскиот факултет во Скопје – 2 273, Филолошкиот факултет – 1 844 студенти и Градежниот факултет – 689.
Во однос на процентуалните загуби, најмногу студенти од УКИМ загубил Шумарскиот факултет – 69 %, потоа Филолошкиот кој загубил 64 % од студентите, потоа Градежниот со загуба од 62 %, Земјоделскиот факултет со 60 % и Правниот факултет со 55 %.
Од сите 23 факултети на УКИМ, различна од генералната слика за падот на бројот на студенти има само четири факултети каде што споредено со бројката од пред десет години сега има повеќе студенти.
Така, најголем пораст од 3 081 студент или 188 проценти повеќе има на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а по него следуваат Медицинскиот факултет со 1 037 или 55 % студенти повеќе, Фармацевтскиот факултет со 106 или 18 % повеќе студенти и Факултетот за дизајн со 43 или 10 % повеќе студенти.
Приватните универзитети со поголем број студенти од пред 10 години
Што се однесува до приватните високообразовни установи, таму, според истражувањето на ЦГК, вкупниот број на студенти осцилира од година во година, но збирно, во последната учебна година на нив имало 4 054 студенти, што е 56 проценти повеќе отколку пред 10 години.
Најмногу студенти на приватните универзитети имало во академската 2022/2023 година, кога имало и најголем годишен пораст, додека нивниот број бил најмал во учебната 2018/2019 година.
Според стручната определба, истражувањето покажува дека убедливо најмногу студенти има на медицинските науки. Повеќе од 10 000 или дури 20 отсто од студентите се запишани на некоја од медицинските високообразовни установи.
„Од другите струки, покрај медицинскиот, втора струка со најмногу студенти е информатичката, со вкупно 6 655 студенти, а трета, со приближно исто толку студенти, односно 6 065, е економската“,се вели во истражувањето.
По одделени факултети, пак, најмногу студенти има на ФИНКИ во Скопје (4 722), потоа на трите државни медицински факултети, во Тетово (3 354), Штип (3 186) и Скопје (2 915), како и на скопскиот Економски факултет (2 022).
Соодветно на генералното намалување на бројот на студенти во земјава, се намалува и бројот на запишани студенти на прва година во високото образование.
„Ако пред десет години имало безмалку 19 илјади бруцоши, сега бројот на новозапишани студенти изнесува околу 15 илјади. Имено, само за десет учебни години, вкупниот број запишани студенти во прва година е намален за 3 612, односно за 19 %. Најмалку бруцоши имало во пандемиската 2020/21 година, малку повеќе од 12 илјади. Оттогаш наваму, односно во последните три години е забележан постојан пораст на бројот на студенти што се запишале на прва година на некоја од високообразовните установи во земјава“,се вели во истражувањето.
И кога станува збор за бројот на бруцоши, најголеми разлики има меѓу државното и приватното високо образование.
Прво, во последните десет години бројот на запишани студенти во државните високообразовни институции бележи пад од 4 168 студенти или 26 %, додека таа бројка е во пораст кај приватните високообразовни институции и тоа за или 550 студенти или 19,4 %.
Второ, за разлика од државните универзитети кои во пандемиската учебна година имале рекордно најнизок број на новозапишани студенти, првпат под 10 илјади, приватните таа година имале пораст на студенти во прва година.
Трето, државните универзитети почнаа да привлекуваат повеќе студенти минатата година, кога бројот на новозапишани се врати на нивото од пред пандемијата, додека на приватните има благо намалување на бројот на бруцоши во однос на досега рекордната 2022/23 учебна година.
Зголемен интересот за студирање исламски науки
Во однос на факултетите за верски науки, и кај двата – Православниот богословски и Факултетот за исламски науки има пораст на вкупниот број студенти во изминатите десет години. Но, ако кај Православниот богословски факултет ова зголемување е 2,5 отсто, кај Факултетот за исламски науки зголемувањето е за 27 %.
„Во однос на бројот на новозапишани студенти, десетгодишната споредба вели дека на Православниот богословски факултет има намалување на бруцоши за 17 %, додека на тој за Исламски науки има зголемување на интересот за студирање за 21 %“,се наведува во истражувањето.
Сите државни универзитети, освен последно основаниот, скопскиот „Мајка Тереза“, бележат намалување на бројот на новозапишани студенти во однос на бројката од пред десет години.
На УКИМ, во последните десет години, има намалување на бројот на запишани студенти во прва година на сите факултети, освен на два – Медицински и ФИНКИ. Таму, последната учебна година се запишале повеќе студенти, отколку пред десет години. И тоа, на ФИНКИ се запишале 37 % повеќе студенти, а на Медицинскиот факултет 11 % повеќе студенти од пред десет години.
Спротивно, најголем пад во бројот на новозапишани студенти има на Правниот факултет во Скопје, дури 392 бруцоши помалку отколку пред десет години, или намалување од дури 61 %. Процентуално, најголем пад на интересот за студирање во последните десет години има на Факултетот за физичко образование, каде бројот на бруцоши за овој период е преполовен.
На битолскиот универзитет „Св. Климент Охридски“ има пад на новозапишани студенти во последните десет години на сите факултети, освен на Педагошкиот каде што сега има 33 % повеќе бруцоши од пред десет години. Најголем пад на запишани студенти се бележи на Технолошко-техничкиот факултет – Велес, 86 %, на Правниот факултет – Кичево, 69 % и на Ветеринарниот факултет, 67 %.
На штипскиот „Гоце Делчев“ има два најголеми добитници и губитници. Најголем пад од 666 новозапишани студенти има на Факултетот за туризам и бизнис-логистика, додека најголем пораст на новозапишани студенти во однос на периодот пред десет години има на Медицинскиот факултет, 636 бруцоши повеќе.
„Слична е состојбата и на државниот тетовски универзитет. Таму, најмногу нови бруцоши во десетгодишниот период има на Медицинскиот факултет, дури 723 повеќе лани отколку пред десет години. Спротивно, најголемо намалување на бројот на бруцоши сега, во однос на периодот пред десет години, имало на Правниот факултет и тоа за 517 помалку бруцоши“,покажува истражувањето на ЦГК.
На приватните факултети, пак, споредено со состојбата од пред десет години, има 550 бруцоши повеќе, што е зголемување за 19 %. Сепак, состојбата по поединечните факултети и универзитети е различна.
Најмногу новозапишани студенти има загубено Европскиот универзитет – 319, односно 85%, додека Универзитетот МИТ има запишано 161 студент или 70 % помалку. Од друга страна, пак, на Меѓународниот Балкански универзитет – Скопје запишани се 558 повеќе бруцоши отколку пред десет години, што е двојно повеќе.
И на приватните високообразовни институции, најмногу интерес меѓу средношколците за запишување во прва година привлекуваат медицинските и информатичките науки.
Расте бројот на наставници
Наспроти намалувањето на бројот на студенти, се зголемува бројот на наставници и соработници. Само за последните десет години, универзитетскиот кадар пораснал за повеќе од илјада луѓе, односно за една третина.
На државните универзитети има за 26% повеќе кадар отколку пред десет години, односно 786 наставници и соработници повеќе. На приватните, пак, кадарот пораснал за 281 лице, односно за 45%.
„Најголем пораст на бројот на универзитетски кадар од сите универзитети во земјава има на Државниот универзитет во Тетово, каде сега има 453 наставници и соработници повеќе отколку пред десет години, што е пораст од цели 128%. На истиот овој универзитет, за истиот десетгодишен период има намалување на бројот на студенти за 5%, а на новозапишани студенти за 23% помалку. Од државните универзитети, единствено мало намалување на бројот на кадарот сега во споредба со пред десет години има на битолски УКЛО за 3% и на охридски „Свети Апостол Павле“ за 38%. На скопски УКИМ има зголемување на 13% на кадарот иако во исто време и за истиот период има намалување на бројот на студенти за 19%, а на новозапишани за 34%“,покажува истражувањето на Центарот за граѓански комуникации.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
За 10 години бројот на студенти се…
Во последните десет години бројот на студенти…
Почнува уписот на УКИМ, слободни над 9900…
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје денеска…
УКИМ доделува над 290 целосни стипендии за…
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје…
МД „Илинден”: Честитки до студентите по македонски…
Македонското друштво "Илинден"-Тирана упатува честитки до првата…
Професори од УКИМ ја пријавија во ДКСК…
Професори од УКИМ ја пријавија во ДКСК…