Паника во ЕУ: Се бараат итни одлуки, Орбан блокира
Европската Унија е навикната на кризи, но оваа што следува би можело да биде најголемата досега.
Додека 27 лидери на земјите-членки се собираат во четврток во Брисел, сите се свесни дека безбедносниот поредок изграден по 1945 година, кој се потпира на Соединетите Американски Држави, би можел секој ден целосно да пропадне, пишува Politico.
Откако Доналд Трамп се врати во Белата куќа, европските лидери постојано зборуваат за потребата Европа сама да ја преземе грижата за својата безбедност и одбрана. Но иако сите признаваат дека е крајно време зборовите да се претворат во дела, некои веќе се плашат дека сè би можело да тргне наопаку.
Францускиот претседател Емануел Макрон повика на „драматично будење“, а идниот германски канцелар Фридрих Мерц рече дека Европа е „пет минути до полноќ“. Но зад затворени врати расте нервозата дека настаните напредуваат побрзо отколку што Европа може да следи.
Стравот не е поврзан само со САД
„Најлошото можно сценарио е САД наскоро да склучат договор во кој ги прифаќаат повеќето руски барања и ѝ порачуваат на Украина и Европа да се помират со тоа или да останат без ништо“, рече Малколм Чалмерс, заменик-директор на лондонскиот Кралски институт за одбранбени студии.
Но стравот не е поврзан само со САД. Дел од европските дипломати се плашат и од некои свои колеги. Имено, постои сериозна загриженост дека Виктор Орбан, премиерот на Унгарија, би можел да собере проруски блок и целосно да ги урне обидите на ЕУ да најде заеднички одговор.
Толку многу теми се на маса и толку малку единство што самитот лесно може да тргне во целосно погрешна насока. Лидерите ќе дискутираат како итно да ги пренасочат парите во зајакнување на своите војски, но истовремено мора да покажат дека стојат зад Украина. Се очекува да ја потврдат нејзината европска перспектива, но и да најават нови санкции против режимот на Владимир Путин.
Накратко, нема да биде лесно.
„Ќе плаќаме сè додека Трамп не умре“
„Европа се соочува со сериозна и непосредна закана каква што никој од нас не доживеал во својот живот“, порача претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во писмо до лидерите. „Иднината на слободна и суверена Украина, но и на безбедна и просперитетна Европа, сега е на коцка“, порача таа.
Повеќе од три години поминаа од почетокот на руската инвазија на Украина, а Трамп е само шест недели во новиот мандат. Но веќе успеа да предизвика потреси во Брисел. Откако минатата недела Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер се обидоа да ги поправат односите со Трамп, следуваше низа шокови – прво во петокот пропадна состанокот на Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, а потоа Трамп во вторникот ја прекина американската воена помош за Украина.
Иако одбранбеното финансирање досега не беше класична тема на ЕУ, сега лидерите ќе дискутираат за тоа што Унијата може да направи на ниво на сите земји-членки.
„Трошоците за одбрана станаа постојан трошок. Го исклучивме сонцето и сега сме осудени секој ден да плаќаме греење… Секој ден мора да плаќаме муниција, барем неколку години, сè додека Трамп не умре“, рече еден европски дипломат.
Фон дер Лајен сака нови 800 милијарди евра за одбрана
Една од првите теми на самитот ќе биде планот на Урсула фон дер Лајен, објавен во вторникот, со кој ЕУ во следните години би можела да обезбеди до 800 милијарди евра за одбрана.
Најконкретниот дел од тој план предвидува ЕУ да земе 150 милијарди евра заем кои потоа би им ги позајмила на земјите-членки за купување заедничка опрема – од противвоздушна и противракетна одбрана до артилериски системи, проектили, дронови и друго оружје.
Европската комисија предлага и олеснување на правилата за државни финансии за да можат земјите да ги зголемат издвојувањата за војската. Според проценките на фон дер Лајен, ако секоја држава го зголеми воениот буџет за 1,5 отсто од БДП во четири години, во целата Унија би се собрале околу 650 милијарди евра.
Нови предлози за удари врз Русија
Сето ова, велат европските функционери, е само почеток. Но прашање е дали сложената бирократија на ЕУ може навистина да го спроведе тоа.
„Фон дер Лајен се обидува да ја преземе работата во свои раце, но прашање е дали системот ќе ја следи“, рече еден француски министер.
На маса ќе биде и прашањето за замрзнатиот руски имот. Досега се користеа само каматите од околу 200 милијарди евра вредни руски средства, но сè повеќе држави, вклучително и Франција, сè поотворено зборуваат дека би требало да се посегне и по главнината. Противниците на тоа предупредуваат дека тоа би можело да предизвика правни проблеми и финансиски потреси.
Орбан повторно ја блокира помошта за Украина
Се очекуваше во завршната изјава на самитот да се вклучи планот на европската министерка за надворешни работи Каја Калас за Украина оваа година да испратат најмалку 1,5 милиони парчиња артилериска муниција и дополнителна опрема како противвоздушни системи, проектили и дронови.
Меѓутоа, според последниот нацрт на изјавата во кој Politico имаше увид, се бара решение како испораките да продолжат – бидејќи Унгарија, тврдат функционерите, засега сè блокира.
Во текстот на нацртот стои и дека ЕУ „ќе продолжи да ѝ обезбедува на Украина редовна и предвидлива финансиска поддршка“.
За оваа година планирани се 30,6 милијарди евра помош за Украина – 12,5 милијарди преку механизмот наречен Ukraine Facility и околу 18 милијарди од Г7 кредитот во рамките на т.н. Era иницијатива“. Во иднина парите би требало да пристигнуваат и преку планот Rearm Europe, кој фон дер Лајен го најави во вторникот.
Додека европските лидери бараат решенија, од Киев порачуваат дека одлуката на Трамп да ја прекине воената помош ги боли, но нема да ја скрши Украина.
„Многу болно, но не е кобно“, рече еден висок украински функционер за Politico. „Ќе нè чини непотребни жртви и изгубени територии, но нема да доведе до пораз.“
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Полицаец издавал службени тајни од МВР по…
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и…
Левица предлага намалување на работното време од…
Пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, денеска на…
Почина 49-годишен прилепчанец, го удри автомобил додека…
МВР информира дека синоќа околу 21 часот…
Најчевска за Славески: Ги мразам ликовите кои…
Поранешната професорка и граѓанска активистка, Мирјана Најчевска…
Драма на небото над Бугарија: Авион на…
Авион на „Луфтханза“ кој полетал од Франкфурт…