Преспа има годишно по 250 новозаболени од рак, се бори со стерилетет и проблеми со тироидна жлезда, а тоне во ѓубре
На Преспа ѝ треба заедничка акција која ќе тргне од граѓаните, а ќе ја продолжат институциите и од локаната и од централната власт за да се дојде до почиста животна средина која, пак, значи здравје за сиот жив свет, е заклучокот од денешната панел-дискусија „Здрава средина, здрав живот“ во Ресен организирана по повод 26 септември – Меѓународниот ден за животна средина и здравје. Учесниците на дискусијата без задршки зборуваа за проблемите што ги предизвикува колективната негрижа за животната средина. Директорот на болницата за респираторни заболувања, Благоја Китановски, даде загрижувачки податоци за бројот на заболени од карцином во Преспа.
„Има благо зголемување на бројот на заболени од карцином иако бројката на новозаболени од овој регион не го надминува просекот на ниво на Републиката. Ние имаме годишно 250 новозаболени од карцином. Таа бројка беше поголема во претходната година оти за време на ковид-кризата не се правеше дијагностика. За надминување на оваа состојба ние правиме редовни скрининзи за рак на дојка и колоректален карцином кои се малигни заболувања карактеристични за овој регион“, рече директорот Китановски.
Ресенчани без задршки зборуваа за проблемите
Неговиот став е дека вината за состојбата со заболувањата подеднакво ја дели човечкиот фактор со негрижата за животната средина и климатските промени кои го намалуваат водостојот на езерото, го менуваат живиот свет во езерото, а оттаму и на луѓето.
Билјана Стојаноска, која учествуваше на панел-дискусијата како претставничка на аптекарите, го дополни директорот Китановски со уште позагрижувачки податоци.
„Имаме податоци што не смееме да ги игнорираме. Моето децениско аптекарско искуство покажува дека како никогаш досега во Ресен продаваме лекови за карцином, тироидна жлезда, за стерилитет, за алергии. Како фармацевти нема да останеме неми, ќе нудиме едукација и совети за секој што сака да живее поздраво“, рече Стојаноска.
Таа со личен пример потврди дека не е мала бројката на заболени од карцином во овој регион. Пред десет години ѝ бил дијагностициран рак на тироидна жлезда, го излекувала, а сега има рецидив овој пат на дојка.
„До кога ќе молчиме за ова?“, јавно праша Стојаноска на панел-дискусијата.
Давид Здравески во име на Институтот за јавно здравје најави редовен мониторниг на воздухот, водата, храната, почвата и бучавата во Преспа.
„Наша должност и обврска е откога ќе ги добиеме потребните анализи, врз основа на годишните извештаи и епидемиолошки испитувања да дадеме препораки кои обврска има да ги спроведе локалната самоуправа. Тоа редовно го правиме, а така и ќе продолжиме, останува граѓаните да ги почитуваат“, рече Здравески.
Една од главните препораки за ресенчани од Здравески е да носат респираторни маски не само кога одат во овоштарниците за прскање туку и кога го подготвуваат материјалот за прскање.
Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошкиот завод Охрид кажа дека Преспанско Езеро забрзано старее во споредба со останатите природни езера, што се гледа преку прекумерно цветање на алгите во езерото, процес за кој во голема мера придонесува прекумерната употреба на пестициди кои преку реките и подземните води завршуваат во езерото.
„Промените кои ги предизвикуваат се зголемена продукција на фитопланктон, цветање на алгите. Сериозно е тоа што многу често има токсични алги кои го загрозуваат животот во езерото, но понатаму и на луѓето преку исхраната со риба“, рече директорката Тасевска.
На панел-дискусијата како претставник на општината присуствуваше Ајман Ал Мала од секторот за животна средина. Тој за следната година најави измена на низа закони за животната средина, но нагласи дека промената треба да почне од секој од нас.
„Доста веќе се организира чистење диви депонии, тоа треба да се укине. Треба да тргне секој од себе, од дома, од семејството, па понатака да дејствуваат и институциите“, рече Ал Мала.
Тој детално зборуваше за сите акции кои Општина Ресен во моментов ги презема за расчистување на депониите, за селектирање на отпадот и за најавеното компостирање.
Панел-дискусијата ја организираше Институтот за комуникациски студии во рамки на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“ која е поддржана од Европската Унија во рамки на програмата „ЕУ за Преспа“.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Преспа има годишно по 250 новозаболени од…
На Преспа ѝ треба заедничка акција која…
Тепачка меѓу двајца осуденици во Идризово –…
Вчера во раните утрински часови во затворот…
Три лица се сомничат за предизвикување пожар…
Лишени од слобода три лица во Прилеп…
ДУИ: Целта е Македонија да стане дел…
Демократската Унија за Интеграција најостро реагира на…
Николоски: Радарот на Скопскиот аеродром повоторно во…
Радарот на Скопскиот аеродром утрово повторно е…