Раководството на М-НАВ поднесе Тужба до Граѓанскиот суд со барање да го спречи штрајкот на контролорите на летање

t

Управниот одбор на Македонска навигација (М-НАВ) денеска до Граѓанскиот суд Скопје поднел Тужба со предлог мерка за забрана за организирање на штрајк од страна на контролорите на летање.

Во рок од 5 дена Судот треба да се изјасни за времената мерка, а потоа и да донесе одлука, пресуда.

Ова уследи откако Струковиот синдикат на контролорите на летање пред една недела најави штрајк на 20 октомври 2025 година, односно за десет дена.

Според најавата за штрајк, нема да има полетувања и слетувања на Скопскиот и на Охридскиот аеродром од 10 до 15 часот на 20 октомври. Ќе се работи само со еден сектор со максимален број на 30 авиони што ќе ја прелетуваат Македонија, односно со намален капацитет за околу 50 посто од постоечката побарувачка и тоа ќе се повторува секој следен понеделник во исто време.

„Можевме да одиме и на варијанта да го затвориме целосно небото, меѓутоа ете одлучивме дека засега ќе одиме само со намален капацитет на 50 посто од бројот на прелети за тој ден“, вели претседателот на Синдикатот на контролорите на летање Александар Тасевски.

Барањата доставени со најавата за штрајк се: да се спроведат одредбите од Спогодбата за прекин на штрајкот во 2023 година, од кои суштинска е Спроведување функционална анализа за потребните работни места и профили во М-НАВ (за да се спречи масовното пренатрупување партиски кадри на измислени и несуштински работни места во претпријатието, на грбот и на трудот на контролорите на летање, инженерите, метеоролозите и другите стручни и експертски кадри), реформулирање на одредбите за работа во ноќни смени, инсталација и ставање во погон на новата опрема со новиот радар и друго.

Директорот на М-НАВ Владимир Ристески за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека раководството на М-НАВ преку суд ќе го спречи штрајкот на контолорите на летање најавен за 20-ти, како што потенцира, само ден по првиот круг од локалните избори.

„Во Тужбата со барање за времена мерка што ја поднесовме изутрина, наведовме дека е прекршена постапката од страна на Синдикатот, односно со одлуката за штрајк не се доставени неговите барања, барањата на контролорите на летање. Не држи вода неисполнувањето на одредбите од Спогодбата потпишана во некое друго време, со некое друго раководство во 2023 година, бидејќи после неа бил потпишан Колективен договор“, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот Ристески, за кого е многу симптоматично дека се најавува штрајк помеѓу двата изборни круга.

На наше прашање зошто не се исполнија барањата на Синдикатот со претходните најави за штрајк кои не беа ни во кругови, ни во избори, а беа откажувани по уверувањата од директорите на М-НАВ и на Владата дека сите барања ќе бидат исполнети и ќе се престане со партиските вработувања, Ристески вели дека на исполнувањето на сите нивни барања се работи, а вработувања нови нема.

„Место да ги решат заедно со нас проблемите што не се решени, директорите на чело со Владимир Ристески се обидуваат да го угушат правото на штрајк, што нема да им го дозволиме“, вели Тасевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мостарец осуден на максимални 45 години затвор…

Кантоналниот суд во Мостар денеска го осуди…

Италија планира казни до 160 евра за…

Италија наскоро би можела да воведе казни…

Форумот за образовни промени поднесе тужба против…

Форумот за образовни промени (ФОП) денеска поднесе…

Скопјанец се заканувал на жена дека ќе…

Триесет и шестгодишен скопјанец бил лишен од…

Урсула фон дер Лајен следната недела во…

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер…