Ахмети бара целосен ветинг со меѓународен надзор и воведување на „извршен Бадентер“

t

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на денешниот партиски Конгрес во Скопје најави иницијатива за нов „Национален договор за напредок“ и побара целосен ветинг со меѓународен надзор за сите носители на јавни функции во изминатите 34 години. Како дел од предлогот, Ахмети се заложи и за воведување на таканаречен „извршен Бадентер“ при избор на Владата, примена на Бадентеровиот принцип во Уставниот суд, како и нова фаза на функционална и фискална децентрализација.

Ахмети истакна дека предложените мерки имаат цел да го зајакнат унитарниот карактер на државата преку еднакво партнерство на сите заедници, да ја зацврстат довербата во институциите и да обезбедат стабилна, функционална и праведна држава.

„Унитарната држава може да биде функционална и стабилна само ако се темели врз довербата и лојалноста на сите заедници што живеат во неа. Затоа предлагаме три клучни мерки кои обезбедуваат правична застапеност, функционална еднаквост и општествена кохезија, во духот на Охридскиот рамковен договор“, рече Ахмети.

Како прва мерка тој го предложи изборот на Владата со двојно мнозинство, односно воведување „извршен Бадентер“, според кој секој нов владин состав би требало да добие поддршка не само од мнозинството пратеници, туку и од мнозинството пратеници кои ги претставуваат немнозинските заедници. Според Ахмети, овој механизам ќе обезбеди двоен демократски легитимитет и реална застапеност на сите заедници во извршната власт.

Втората мерка, како што наведе, е примена на Бадентеровиот принцип и во Уставниот суд. Тој оцени дека законите донесени со двојно мнозинство во Собранието не треба да можат да бидат поништени без двојно мнозинство и меѓу уставните судии, за што најави можни уставно-правни измени.

Како трета мерка, Ахмети го посочи продлабочувањето на децентрализацијата и јакнењето на локалната самоуправа преку поголема финансиска автономија на општините и правична распределба на даночните и таксените приходи.

Во делот за владеењето на правото, лидерот на ДУИ изјави дека партијата ја поддржува идејата за темелна истрага на потеклото на имотот, процесот на приватизација и дејствијата на безбедносните служби од 1945 година до денес, нагласувајќи дека правдата не смее да биде селективна.

Ахмети порача дека „Националниот договор за напредок“ треба да обедини експерти и претставници на сите заедници околу заедничка визија за државата, а упати и повик до младите, жените, професионалците и дијаспората активно да се вклучат во процесот на градење европска иднина.

На Конгресот, Демократската унија за интеграција усвои четири резолуции поврзани со зајакнување на унитарниот карактер на државата, владеењето на правото и независното судство, националниот договор за напредок и европската интеграција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ахмети бара целосен ветинг со меѓународен надзор…

Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ),…

ДУИ денеска одржува партиски конгрес: Најавени се…

Партијата најави дека конгресот ќе биде значаен…

Пратеникот Илир Демири излезе од „Европскиот фронт“,…

Пратеникот Илир Демири го напушти политичкиот блок…

ДУИ: Потребни се итни реформи и уставни…

Извештајот на Европската комисија за 2025 година…

Беџети најави радикални промени во ДУИ

Пратеникот од редовите на ДУИ, Блерим Беџети…