ТРИ ГОДИНИ СИТЕ СЕ НЕНАДЛЕЖНИ ЗА ДИВОГРАДБА ВО ШУТО ОРИЗАРИ! Државниот инспекторат го затвори градилиштето по прашањата на Инфомакс!

t

Цели три години институциите молчат додека во Шуто Оризари полека, но сигурно, никнува дивоградба.

Замислете имате земјиште, имате и имотен лист, преку ноќ некој почнува да гради на Вашето земјиште, пријавувате во Општина, Градежен инспекторат, МВР, ОЈО, Вишо обвинителство, Совет на јавни обвинители, Град Скопје и никој не е надлежен или не е во можност да реагира. Точно тоа се случува во Општина Шуто Оризари, каде граѓанин три години се бори со институциите за да докаже дека на неговото земјиште, со нечие премолчено одобрување, никнува дивоградба.

Елвер Демировиќ на 10.11.2022 година до Градежната инспекција на Општина Шуто Оризари поднесува пријава за бесправна градба на катастарска парцела КП бр. 1996/1, Катастарска општина Бутел, Општина Шуто Оризари. Демировиќ во пријавата наведува:

„Сопственик сум на катастарска парцела со Република Северна Македонија, евидентирана со имотен лист број 7952 за КО Бутел, за КП 1996/1 со површина во метри квадратни 2048, видливо од имотен лист издаден од Агенцијата за катастар на недвижности.

На оваа катастарска парцела е во тек градба на куќа, која се гради противправно, без за тоа да се има било каква градежна документација, на земјиште чиј сосопственик сум јас и Република Северна Македонија. Моите обиди да го спречам градителот да престане со градбата на станбениот објект остануваат безуспешни. Барам инспекцијата да излезе на лице место. По утврдувањето на фактичката состојба, да ја спречи понатамошната градба, да го задолжи градителот да ја отстрани градбата и да го доведе земјиштето во состојба во коешто било пред градбата.“

Бидејќи реакција од Општината Шуто Оризари нема, односно според информациите на Демировиќ истите кажале дека немаат овластен градежен инспектор во Општината, оштетениот поднесува пријава и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам. Во пријавата до ДИГУ оштетениот ги наведува истите информции како и во пријавата до Општина Шуто Оризари, додавајќи дека Општината не реагира соодветно. Одговор од Државниот инспекторат добива, но во одговорот е наведено дека „објектите од локално значење се во надлежност на општината во чии граници се наоѓа дивоградбата“.

Оштетениот поднесува пријава и до Град Скопје, од каде нема добиено одговор.

Поради непостапувањето на претходните институции, Демировиќ поднесува пријава за молчење на администрацијата до Државниот управен инспекторат.

Од Државниот управен инспекторат одговараат дека „Управен инспектор презема инспекциски дејствија во Шуто Оризари,

Врз основа на приложените факти и докази, управниот инспектор при Државен управен инспекторат констатира дека Општина Шуто Оризари во моментот нема вработено административен службеник, овластен градежен инспектор ниту пак истата Општина има склучено договор за меѓуопштинска соработка за административен службеник 0 овластен градежен инспектор со некоја друга единица на локалната самоуправа, кој инспектор ќе ги врши работните задачи во име и за сметка на Општина Шуто Оризари.“ Според Државниот управен инспекторат, Општина Шуто Оризари имала поднесено барања до повеќе единици на локалната самоуправа за надминување на ваквата состојба, но не добила позитивен одговор.

Откако веќе споменатите институции не реагираат, Демировиќ поднесува кривични пријави до МВР и ОЈО, најпрво против н.н лице, а подоцна известува дека му е познато лицето кое бесравно гради и до ОЈО ги доставува податоците за тоа лице.

Оштетениот покрај имотен лист има и изготвен стручен наод од овластено лице кој планира да го прикаже пред суд, доколку некогаш воопшто дојде до таа судска постапка, што не е многу веројатно од досегашната ажурност на институциите.

Инфомакс постави прашање до Основното јавно обвинителство Скопје во врска со овој предмет, од каде добивме одговор дека предметот е распределен кај надлежен обвинител, од страна на ОЈО Скопје до МВР се издадени две наредби за конкретниот случај, но од МВР одговор нема.

– Пријавата е анонимна, поднесена во ОЈО ГОКК, препратена во ОЈО Скопје и веднаш по приемот е доставена наредба до МВР да се испитаат наводите и да се приберат докази, проверка во чија сопственост е катастарската парцела, дали има одобрение за градба, да се обезбеди пријавеното лице, да се изврши службен разговор.“ – велат од ОЈО од каде додаваат дека по втората наредба, која е стара веќе една година, одговор од МВР не добиле.

Од Министерството за внатрешни работи не одговараат на нашите прашања.

– ОЈО Скопје има испратено до МВР, СВР Скопје наредба за прибирање на докази во врска со предмет КО.бр. 1350/23, за бесправна градба во Општина Шуто Оризари, по поднесена кривична пријава до нив. Со оглед на тоа што веќе неколку месеци МВР нема доставено одговор до ОЈО Скопје, ве замолувам за информации дали се постапува по наредбата и кои дејствија ги презема МВР – е прашањето кое Инфомакс го испрати до МВР на 22.12.2025 година, а одговор не добивме до овој момент.

Од Управата за финансиска полиција велат дека не можат да дадат одговор на прашањата кои им ги поставивме затоа што предметот е во предистражна постапка.

– По однос Вашето прашање, Ве информираме дека согласно член 47 од Законот за кривичната постапка овластувањата што со овој закон и се дадени на правосудната полиција, Управата за финансиска полиција ги има во случаите кога се работи за откривање и истражување за кривичните дела: перење пари и други приноси од казниво дело од членот 273, недозволена трговија од членот 277, криумчарење од членот 278 и даночно затајување од членот 279, сите од Кривичниот законик, како и други кривични дела со противправна имотна корист од значителна вредност.

Согласно член 283 од Законот за кривичната постапка, со предистражната постапката раководи јавниот обвинител, а финансиската полиција како дел од правосудната полиција е должна да постапува по наредбите и насоките на јавниот обвинител како и по полициски извиди под контрола на надлежен јавен обвинител.

Согласно одредбите од член 289 од Законот за кривична постапка сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна. Од тие причини, со цел непречно водење на кривичната постапка и успешно обезбедување на доказите неопходни за утврдување на кривичното дело и неговиот сторител, не сме во можност да откриеме информации во врска со нашето постапување во конкретни случаи. Единствено можеме да потврдиме дека во врска со предметниот кривично-правен настан во тек се проверки и предистражни дејствија со цел утврдување на евентуални неправилности и инкриминирани дејствија во рамките на надлежноста. – стои во одговорот од Управата за финансиска полиција до Инфомакс.

Институционалниот пинг-понг очигледно нема крај, никој не е надлежен, никој не одговара на наредбите на ОЈО, дел од институциите не одговараат ниту на прашањата на Инфомакс.

Државата во овој, а и во низа други случаи, не успева да ја заштити сопственоста, која е уставна категорија. Во членот 30 од Уставот стои:

„Се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон. Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност.“

И иако Државниот градежен инспекторат претходно се прогласи за ненадлежен, сепак, по прашањата кои Инфомакс ги упати до инспекторатот, истите излегле на терен и го затвориле градилиштето. Одговор на нашите прашања до овој момент немаме добиено, но позитивно е што конечно, после три години, некој конечно е надлежен и повикан да го спроведе Законот.

Откако Државниот градежен инспекторат се прогласи за надлежен, се надеваме дека и останатите институции ќе си ја завршат работата и дека бесправно изградениот објект ќе биде срушен, како што налага Законот.

„Недобронамерници“ би рекле „И за Чаир да си дочекаме“. И доколку сме правна држава, како што постојано се декларираме, можеби еднаш институциите ќе си ја завршат работата пред медиумите да почнат да прашуваат за одреден случај.

А.Петровска

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

ТРИ ГОДИНИ СИТЕ СЕ НЕНАДЛЕЖНИ ЗА ДИВОГРАДБА…

Цели три години институциите молчат додека во…

Водата во Скопје е безбедна за пиење

Водата во Скопје е безбедна за пиење,…

Само за еден месец регистрирани 18.318 сообраќајни…

Во периодот од 01.12.2025-28.12.2025 како резултат на…

Украдена бистата на Вера Јоциќ од парк…

На 26.12.2025 во 11:00 часот во СВР…