Радикален пресврт во политиката за пушење: Целосна забрана за сите затворени јавни простори

t

Македонија е на чекор до донесување на најрестриктивниот закон за заштита од пушење досега, со кој радикално ќе се промени односот кон тутунските и никотинските производи и нивната употреба во јавниот простор. Новиот закон, кој е изработен од Министерството за здравство и наскоро треба да биде објавен на платформата ЕНЕР за јавна расправа, предвидува целосна забрана за пушење во сите затворени простори од јавен карактер, без исклучоци, како и драстично ограничување на увозот, продажбата и изложувањето на цигари и електронски уреди.

Според нацрт-верзијата на законското решение, забраната за пушење ќе важи за сите угостителски објекти за исхрана, вклучувајќи ресторани, барови, меани и кантини. Дополнително, пушењето ќе биде забрането и на терасите на кафеаните и рестораните доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни, што значи дека голем дел од досегашните полуотворени тераси повеќе нема да можат да се користат за оваа намена.

Законот предвидува и проширување на забраната на низа други локации и ситуации, меѓу кои и пушење во автомобил доколку во него се наоѓа дете, како и на автобуски и железнички станици, пазари и други јавни простори. Со ова, државата првпат директно навлегува и во приватниот простор, со цел заштита на малолетниците од изложеност на чад и штетни материи.

Новите одредби не прават разлика меѓу класичните тутунски производи и современите алтернативи. Истите забрани ќе важат и за сите типови електронски цигари и вејп-уреди, а предвидена е и целосна забрана за ароматизирани цигари и никотински производи. Во предлог-законот јасно се наведува дека се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови, мерка која директно е насочена кон намалување на привлечноста на овие производи кај младите.

Дополнителен удар за тутунската индустрија и трговците е забраната за рекламирање и визуелно изложување на цигарите. Според новите правила, и обичните и електронските цигари нема да смеат да бидат видливо изложени на рафтовите во маркетите и продажните места, туку ќе бидат целосно тргнати од видното поле на купувачите, по примерот на некои европски земји со строги анти-пушачки политики.

Од Министерството за здравство оценуваат дека ваквите мерки се неопходни и дека целта е спречување на сериозна здравствена криза. Како што наведуваат, предлог-законот воведува појасни и построги правила за заштита на здравјето на граѓаните, со посебен фокус на превенцијата и заштитата на децата и младите, како и на намалување на изложеноста на чад и аеросоли и спречување создавање нови генерации зависници од никотин.

Податоците на здравствените институции ја поткрепуваат ваквата аргументација. Стапката на пушење кај возрасната популација во земјава надминува 45 проценти, што е значително над европскиот просек, а околу половина од пушачите консумираат повеќе од 20 цигари дневно. Статистиката покажува и дека годишно околу 4.000 лица во Македонија го губат животот како последица на болести поврзани со пушењето.

Со предложените измени, Македонија се позиционира меѓу земјите со најстроги законски решенија во оваа област. Доколку законот биде усвоен во ваква форма, секојдневието на пушачите, угостителите и трговците ќе претрпи длабоки промени, а јавната дебата што следи ќе покаже дали општеството е подготвено за ваков радикален пресврт во борбата за јавното здравје.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Радикален пресврт во политиката за пушење: Целосна…

Македонија е на чекор до донесување на…

Стотина семејства од Кичево се евакуирани поради…

И понатаму критична е состојбата со поплавите…

Како може Трамп Како може Трамп да…

Доналд Трамп сака да го земе Гренланд,…

Коце Трајановски се сретна со новата амбасадорка…

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта…

„Господ нè сочува“ – потпорен ѕид се…

„Синот беше тука кога падна ѕидот, и…