Сиљановска во Дубаи објаснуваше колку ЕУ не е фер во односот со Македонија

t

Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, им порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамките на Светскиот самит на владите во Дубаи.

Во нејзиното обраќање, на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“, таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Сиљановска го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа „сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија“.

„Мојата земја, оваа 2026 година, одбележува два јубилеја. Празнуваме 35 години од независноста. Но, исто така одбележуваме и горчливо-слатка годишнина: 25 години од потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија. Четврт век, мојата земја формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи. Велам горчливо-слатка затоа што, покрај Турција, ние сме најдолгогодишниот кандидат во чекалната за полноправно членство“ рече таа.

Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. „Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта“ додаде таа, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.

„Нобеловците Дарон Аџемоглу и Џејмс Робинсон ова го нарекуваат „инклузивни институции“. Се оддалечуваме од „владеењето на човекот“, коешто е произволно и кревко, и се доближуваме до „владеењето на правото“, коешто е конзистентно и трајно. За да донесе предвидливост и просперитет, политиката мора да биде во рамките на законот или според законот, а не без законот.

Сепак, регулацијата не е секогаш лек. Замислете ја регулацијата како нишало. Ако нишалото се заниша премногу на едната страна, тоа значи дека има премалку регулација, оставајќи простор за злоупотреба на моќта. Ова го сведочевме во раните години на транзицијата низ Југоисточна Европа. Но, ако нишалото се заниша премногу на другата страна, тогаш ја задушуваме сопствената иднина. Ризикуваме да создадеме реалност на хартија во која иновативните идеи умираат под тежината на усогласеноста. Мојата земја е регионален шампион во хармонизација со европското законодавство. Постојано мора да се прашуваме дали увезуваме решенија или само увезуваме бирократија“ рече претседателката Сиљановска.

Според неа, предизвикот за сите оваа година ќе биде да се пронајде рамнотежата. Рече дека е потребна доволно регулатива „за да ги заштитиме нашите вредности, но и доволно слобода за да дозволиме животот да цвета“. Во нејзиниот говор, таа повторно искористи примери од историјата.

„Во 1936 година, Јосиф Сталин го воведе Советскиот устав. На хартија, тоа беше најдемократскиот документ во светот. Ветуваше универзално гласање, човекови права и еднаквост. Но, во реалноста, ги испраќаше луѓето во гулазите. Немаше вистински проверки и рамнотежи за да се спроведе. Споредете со Обединетото Кралство. Таму дури и нема пишан устав, но има богата уставна традиција и развиен конституционализам. Многу земји низ Комонвелтот и светот се инспирирани од вестминстерските демократски институции. Зошто е тоа така? Верувам дека има врска со нешто што го нарекувам правен или институционален илузионизам“ рече таа.

Нагласи дека како универзитетски професор по уставно право, знае дека изготвувањето на уставот е еден од најважните чекори во создавањето на државата. Сепак, рече дека старите демократии имале луксуз каков што ние не сме си дозволиле, а тоа е дека тие имале векови за полека да ги развиваат своите системи и да ги градат своите институции. Ние, вели Сиљановска, од друга страна, моравме брзо да ги стигнеме. Во еден турбулентен период, со крајот на Студената војна и со насилниот распад на Југославија, имавме малку време да развиваме нови модели.

„Мора да се качите на бродот наречен ’Демократија‘ за да научите како да пловите во демократски води“, напиша Џузепе ди Палма. И, тоа е она што го направивме. И покрај некои недостатоци, успеавме да развиеме систем. Во 1996 година, Советот на Европа објави важна публикација насловена како: „Преродбата на демократијата: 12 устави од Централна и Источна Европа“. Дури и тогаш, македонскиот устав беше пофален за своите демократски, либерални решенија. По Охридскиот рамковен договор, нашите уставни решенија за заштита на правата на немнозинските заедници го надминуваат европскиот просек“ рече Сиљановска.

Сепак, како што вели таа, илузија е да се верува дека можете да создадете институција само со потпишување на парче хартија. Според неа, не може едноставно да се увезе демократија.

„Ја гледаме истата илузија кога гледаме како всушност функционираат владите. Уште од времето на Валтер Багехот, политичките теоретичари го проучуваат односот меѓу луѓето коишто ги донесуваат законите и луѓето коишто ги спроведуваат. Сепак, политичкиот систем не може да се доведе само до неговата уставна институционална рамка. Тој е живо тело. Длабоко и неразделно е поврзан со политичката култура, граѓанското општество, а особено со изборниот и партискиот систем. Правна илузија е да се верува дека совршениот устав значи дека имате совршена влада. Еден ист закон може совршено да функционира во една земја, а целосно да пропадне во друга. Може да функционира денес, а утре да пропадне. Според О’Донел и Шмитер, транзицијата завршува кога абнормалноста повеќе не е централна карактеристика на политичкиот живот, кога се воспоставуваат основни процедури и правила или поточно, уставните, економските и политичките системи. Сепак, нормите и институциите не се доволни за демократијата. Демократијата расте „од долу нагоре“, а граѓанското општество се развива „одвнатре““ нагласи претседателката .

Таа додаде дека во моментов тече 35-тата година од тоа патување и порача дека не смееме сега да застанеме, истакнувајќи дека затоа е создадена нашата Национална стратегија за развој 2024-2044.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Сиљановска во Дубаи објаснуваше колку ЕУ не…

Регулативата не е само за контрола, туку…

Едно лице загина откако се урна индиски…

Индиски борбен авион Тејас (Tejas), од домашно…

Сиљановска-Давкова побара помош од дијаспората во спречувањето…

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчеравечер се обрати на…

Гори облакодер во Дубаи, речиси 4.000 луѓе…

Огромен пожар зафати облакодер со 67 ката…

(Во живо) Филипче открива дали има златна…

Во денешното гостување на лидерот на СДСМ,…