Објавено на:

La dolce vita: Дали Италија е новото даночно засолниште за глобалните богаташи?

t

Италија веќе се соочи со критики од француската влада поради даночните олеснувања со кои привлекува богати Французи и други меѓународни жители. Но, со војната на Блискиот Исток што влијае врз земјите од Заливот, Италија станува уште поатрактивна дестинација за богатите, пишува Би-Би-Си.

Данокот не бил главната причина за напуштање на Франција, вели Роберт додека пие кафе на аеродромот „Шарл де Гол“. Тоа била убавината на Италија, начинот на живот, уметноста и музиката. Сепак, за Французинот, купувањето куќа во Рим и стекнувањето статус даночен резидент во Италија било значајна придобивка, бидејќи лицата со висок капитал таму можат да плаќаат фиксна годишна сума данок на целиот приход од странство – без разлика на износот – и да уживаат во дополнителни ослободувања.

Роберт, кој себеси се опишува како „умерено богат“, се преселил во Италија пред осум години по кариера во ИТ-секторот, која ја завршил со продажба на својата компанија. Иако не е меѓу француските милијардери кои избегале од високите даноци, придобивките за него се очигледни.

Доколку купувал куќа во Франција, ќе морал да плати високи нотарски трошоци, од кои најголемиот дел оди во државата. Во Италија, пак, постои ослободување за „прва куќа“. Во Франција, претседателот Емануел Макрон го трансформираше данокот на богатство во данок на недвижности, што значи дека инвестициите на берза не се оданочуваат, но високовредните недвижности носат значителен товар. Таков данок во Италија не постои.

Во Франција се плаќа и данок на имот, додека во Италија тоа не важи за првата куќа, иако постојат одредени локални давачки. Дополнително, во Италија нема данок на наследство за имот до еден милион евра, а над тој праг стапката е релативно ниска – околу четири проценти. Во Франција, прагот е многу понизок, а стапките достигнуваат до 45 проценти.

Сепак, вистинската привлечност на Италија се гледа кај најбогатите. Таа нуди таканаречен „рамен данок“, односно максимален износ што може да се наплати годишно, без оглед на висината на приходот. Овој лимит сега изнесува 300.000 евра.

За оние што плаќаат милионски даноци во Франција, Италија е исклучително примамлива опција. Исклучок се американските државјани, кои и понатаму се оданочуваат на глобалниот приход, без разлика каде живеат.

Според експертите, ваквиот модел нуди предвидливост и јасност во даночниот систем, што е силен мотив за преселување. Сè повеќе богати Французи размислуваат за заминување поради нестабилноста на даночната политика и стравувањата дека условите ќе станат построги во иднина.

Сепак, преселувањето не е едноставен процес. Потребна е целосна посветеност, промена на деловните структури и соочување со таканаречен „излезен данок“ во Франција.

Прашањето за преселување уште поинтензивно се поставува во Обединетите Арапски Емирати. Иако таму нема данок на доход, многумина тешко би се откажале од таквиот режим. Но, војната на Блискиот Исток може да ги натера дел од нив да размислат за алтернативи.

Минатата година, Дубаи беше најпопуларната дестинација за милионери што се селат, но се очекува тој број да опадне. Со своите даночни поволности и привлечниот начин на живот – la dolce vita – Италија би можела да биде најголемиот добитник од оваа промена.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

La dolce vita: Дали Италија е новото…

Италија веќе се соочи со критики од…

Италија одби да му дозволи на Вашингтон…

Италија одби да им дозволи на САД…

Прв случај на птичји грип кај луѓе…

Првиот случај на птичји грип кај луѓе…

Италија ги намалува даноците на горивата додека…

Италијанската влада донесе уредба за намалување на…

(Видео) Огромна лавина затрупа туристи во Италија

Масовна лавина го погоди подрачјето Вал Вени…