Објавено на:

Андоновски: Укинувањето на роамингот со ЕУ е можно од 1 јануари 2027 година, роковите зависат од Брисел

t

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска изјави дека укинувањето на роамингот меѓу Европската Унија и Западен Балкан зависи од динамиката на Унијата, а според оптимистичко сценарио тоа би можело да се случи на 1 јануари 2027 година.

Според него, роковите не зависат од нашата држава, туку од институциите на ЕУ, при што потенцира дека постои можност процесот да се заврши и порано, но тоа останува отворено прашање.

„Едно оптимистичко сценарио е дека до крајот на годината би ја имале оваа можност за нашите граѓани. Тоа сепак зависи од Европската Унија. Рокот не зависи од нас, но би значело оптимистичко сценарио – роаминг од 1 јануари 2027 година“,

изјави Андоновски на настан посветен на конкурентноста, иновациите и дигиталната трансформација во Западен Балкан.
Потсети дека иницијативата е дел од политиките на Европската Унија за намалување на трошоците за роаминг за граѓаните на Западен Балкан при патување во ЕУ, како и за граѓаните на ЕУ при патување во регионот. Државата, како што рече, веќе ги усогласува регулативите со европското законодавство, вклучително и четири директиви и регулативи на ЕУ, со цел овозможување поевтин или бесплатен роаминг во иднина.

Посочи и дека последните измени на Законот за електронски комуникации се испратени до Европската комисија на мислење, по што, по позитивен одговор, ќе следи нивно усвојување во Собранието.

Според министерот, во меѓувреме започнува и преговарачки процес меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан, при што од македонска страна се номинирани преговарачи.

„Веќе ги номиниравме и очекувам дека прецизниот распоред на рокови ќе биде утврден од наредната недела, по состанокот во Тиват помеѓу ЕУ и Западен Балкан и ќе бидат дефинирани роковите што се на страната на Европската Унија“,

изјави Андоновски, додавајќи дека потоа ќе се дефинираат сите фази – од одобрување на законската рамка, преку преговори, до потпишување на договори меѓу ЕУ и поединечните земји од регионот.
Тој заклучи дека Северна Македонија е подготвена веднаш да влезе во процесот, но дека конечната динамика ќе зависи од Европската Унија.

Европската комисија на 25 февруари годинава објави дека ќе побара одобрение од Европскиот совет за отворање преговори со земји од Западен Балкан за укинување на роамингот за оние што патуваат во државите членки на ЕУ. Ова би се однесувало на Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија.

Сега Советот на ЕУ треба да ѝ даде на Комисијата овластување да отвори преговори со партнерите од Западен Балкан. Откако ќе добие овластување, Комисијата ќе преговара за билатерални договори со секоја од шесте земји.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Андоновски: Укинувањето на роамингот со ЕУ е…

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска…

Тешка несреќа на автопатот Скопје-Велес, повредени три…

Малолетничка и две млади девојки на возраст…

Обвинет за Пулс фотографирал доказен материјал и…

Јавноста е повторно разбранувана по најновото Мислење…

Градежните пропусти, повик за будење на институциите

Ниту се следат прописите за заштита, ниту…

Народот повеќе јаде и пие, а штеди…

Продавниците што продаваат храна, пијалаци и цигари…