Македонија има најниско ценовно ниво во Европа според индексот на Евростат
За потрошувачката кошничка во Европската Унија во просек се потребни 100 евра, во Македонија се потребни помалку од 50 евра, а во Исланд за истата кошничка треба да се издвојат речиси 184 евра. Ова го покажуваат најновите податоци на Евростат за нивото на цените во Европа, кои уште еднаш ги потврдуваат длабоките ценовни разлики помеѓу северот и југоистокот на континентот.
Сепак, експертите што го толкуваа истражувањето на Евростат нагласија дека овие бројки не треба да се читаат изолирано, при што го подвлекоа фактот дека индексот ја мери цената на стоките и услугите, но не ги зема предвид приходите и куповната моќ на населението, пренесува НОВА МАКЕДОНИЈА.
Исланд останува убедливо најскапа европска држава
Според индексот на ценовните нивоа, Исланд повторно е најскапа држава во Европа. За производи и услуги што во ЕУ чинат 100 евра, таму се плаќаат дури 183,7 евра.
Веднаш зад него се:
- Швајцарија – индекс 181
- Луксембург – 148
- Данска – 140,2
- Ирска – 139,6
- Норвешка – 138,4
Во овие земји високите плати, силните валути и високите трошоци за работна сила се главните фактори што ги туркаат цените нагоре. Особено се скапи услугите – рестораните, сместувањето, личните услуги и транспортот, каде што платите имаат значително влијание врз конечната цена. Интересно е што најголемите економии во Европа не се меѓу најскапите. Германија има индекс од 109,1, Франција 106,4, додека Италија е дури малку под европскиот просек со индекс 98.
Балканот останува најпристапен дел од Европа
Сосема е поинаква сликата во Југоисточна Европа. Македонија е убедливо најевтината држава во Европа, со индекс од 49,7, што значи дека цените се околу 50 проценти под просекот на Европската Унија.
Следуваат:
- Турција – 52,2
- Босна и Херцеговина – 55,7
- Романија – 58,9
- Бугарија – 60
- Црна Гора – 61
- Србија – 62,5
Практично, производ или услуга што во ЕУ чини 100 евра, во Македонија просечно чини само 49,7 евра, што ја прави земјата речиси четири пати поевтина од Исланд.
Што точно мери Евростат?
Индексот на ценовните нивоа не е класична инфлација, туку споредба на цените меѓу европските држави во иста година.
Во анализата се вклучени повеќе од 2.000 производи и услуги – храна, пијалаци, облека, електроника, транспорт, хотели, ресторани, здравствени услуги, образование и други категории на лична потрошувачка. Податоците се пресметуваат преку системот на паритет на куповната моќ (Purchasing Power Parities – PPP), кој овозможува споредба на реалните ценовни разлики меѓу земјите, независно од националните валути. Но Евростат нагласува дека индексот не ги споредува приходите, туку исклучиво цените. Затоа, економистите како попрецизен показател за животниот стандард го користат показателот „реална индивидуална потрошувачка“ (Actual Individual Consumption – AIC), кој ги зема предвид и јавните услуги како здравството и образованието, но и реалната куповна моќ на населението. Токму затоа држави како Луксембург, Данска или Република Ирска, иако се меѓу најскапите во Европа, истовремено се меѓу земјите со највисок животен стандард, бидејќи високите цени се придружени со значително повисоки приходи.
Но нашите соговорници, економисти, исто така издвојуваат и еден сосема различен и, надвор од контекстот на темата, интересен заклучок од извештајот на Евростат.
Имено, тие велат дека сите оние што ќе го прочитаат извештајот, а тој е многу популарен за европските граѓани, препорака од него за туристите и странските посетители е дека „Македонија, според бројките, станува привлечна како една од најдостапните европски дестинации, со релативно ниски цени на сместување, угостителски услуги и секојдневни трошоци“, што е шанса, пак, од еден извештај на Евростат, да се потфати (иако ненамерна маркетиншка препорака) за посета на Македонија од страна на европските граѓани, но и наше организирање за квалитетна и разновидна понуда на услуги.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Македонија има најниско ценовно ниво во Европа…
За потрошувачката кошничка во Европската Унија во…
Драматичен пад на цената на нафтата по…
Цените на нафтата значително паднаа откако САД…
ШПАНИЈА РЕСТАРТИРА РУДНИК СТАР 40 ГОДИНИ: Предност…
Одамна затворениот рудник на ридовите во областа…
СЕ ПРОГНОЗИРА ГОЛЕМ НЕДОСТИГ НА БАКАР ВО…
Снемува бакар, потврди Меѓународната агенција за енергетика…
Македонската преработувачка индустрија лани изгубила 6.250 работници
Преработувачката индустрија – најголемиот работодавач во државата…