МНР го обвинува Радуков дека се меша во внатрешните работи на Македонија

t

Денеска, во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, беше повикан претставник на Амбасадата на Република Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот ја извршува функцијата вршител на работи. Како што велат од МНР, на средбата беше изразено незадоволство од неодамнешната изјава на министерот за внатрешни работи на Република Бугарија, Иван Демерџиев, во врска со случајот со Ива Михајлова, која беше оценета како навредлива и провокативна.

Воедно, беше изразено незадоволство и од изјавата на амбасадорот Желјазко Радуков за бугарската телевизија БТВ, која ја оценуваме како директно мешање во внатрешните работи на нашата држава, имајќи ги предвид изнесените квалификации во однос на работата на надлежните институции.

-Од наша страна беше посебно нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација.

Во тој контекст, беше укажано дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција согласно со одредбите на Виенската конвенција за дипломатски односи, која јасно ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата на прием.

На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна, порачаа од МНР.

Демерџиев во интервју ги нарече македонските власти „српски“. „Ниту ја бараме, ниту ќе ја предадеме на српските власти“, кажа Демерџиев.

Новинарот веднаш го праша дали станува збор за случајна грешка или намерно споменување на Србија. „Беше грешка, но да кажеме дека не беше толку голема грешка“, одговори бугарскиот министер.

Потоа појасни дека мислел на властите на Македонија, но не објасни зошто смета дека мешањето на двете држави не претставува значајна грешка.

Радуков изрази сомнеж за начинот на кој Михајлова успеала да замине, имајќи ги предвид судските ограничувања, одземените патни исправи и полициските мерки за кои зборуваше во интервјуто.

„Тоа не можам да го тврдам, но би бил исклучително изненаден ако не било усогласено“, изјави амбасадорот, одговарајќи на прашањето дали е можно македонските власти да не знаеле за нејзиното заминување.

Според неговите тврдења, пред домот на Михајлова редовно имало полициски патроли, а при нејзините излегувања ја следеле и полициски службеници во цивилна облека. Радуков посочи и дека таа пријавувала присуство на дронови над својот дом во текот на ноќта. На Михајлова, според информациите во прилогот, ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош.

„И одеднаш сето тоа на некаков начин исчезнува и таа ја преминува границата? Ве молам“, рече Радуков.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

МНР го обвинува Радуков дека се меша…

Денеска, во Министерството за надворешни работи и…

ВЛЕН: ММФ и Светската банка ги зголемуваат…

ММФ и Светската банка ги зголемуваат прогнозите,…

ЗНМ реагира на заканувачка содржина насочена кон…

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува…

Петрова и Муцунски во четврток ќе се…

Министрите за надворешни работи на Македонија и…

Жените во Македонија за еднаква работа заработуваат…

И покрај законските гаранции за еднаква плата…