ТЕЦ „Неготино“ се подготвува за повторно производство, производствената цена ќе чини околу 170-175 евра за мегават

t

Владата и АД ЕСМ работат на план за активирање на домашните енергетски капацитети, со кој се предвидува повторно производство на електрична енергија во ТЕЦ „Неготино“, поголемо искористување на РЕК „Битола“ и „Осломеј“, како и оптимално управување со хидроцентралите. Паралелно со овие активности, се очекува да започне и транспортот на јаглен од Косово за потребите на домашните термоелектрани.

Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска престојуваше во Делчево, соопшти дека во координација со раководството на АД ЕСМ е изработен финансиски модел за управување со производството во текот на целата година. Целта е преку комбинирање на различните извори на енергија да се постигне економска исплатливост и да се надоместат потенцијалните загуби во зимските месеци.

Според премиерот, се очекува добрата хидролошка состојба во текот на зимата да овозможи поголемо производство од хидроцентралите, што би помогнало во подобрување на финансискиот резултат во пролетниот период и во преостанатиот дел од годината.

„Се подготвуваме за вклучување на ТЕЦ „Неготино“. Со раководството на АД ЕСМ, поранешно АД ЕЛЕМ, подготвивме финансиски модел што ги опфаќа ТЕЦ „Неготино“, блоковите во Битола, термоцентралата „Осломеј“ и хидроцентралите. Очекуваме поволни хидролошки услови во текот на зимата за загубите од зимскиот период да ги надоместиме напролет и во текот на годината“, изјави Мицкоски.

Тој посочи дека производството во ТЕЦ „Неготино“ би можело да биде исплатливо со оглед на актуелните берзански цени на мазутот и електричната енергија. Според направените пресметки, производствената цена би се движела меѓу 170 и 175 евра за мегават-час, додека во одредени периоди електричната енергија на берзите достигнувала цена од 400 до 500 евра за мегават-час.

Финансиската конструкција, како што објасни премиерот, предвидува во периодите кога пазарните услови се поповолни ЕСМ да остварува приходи со кои ќе ги покрива евентуалните негативни резултати од производството во декември и јануари.

Дополнителна поддршка за работата на термоелектраните треба да обезбеди и јагленот од Косово. Мицкоски најави дека во наредните три години од таму треба да бидат ископани и транспортирани во Македонија вкупно три милиони тони јаглен.

Според неговите информации, договорената цена е значително пониска од онаа по која во моментов се набавува јаглен од други соседни држави. Почетокот на транспортот се очекува во наредниот период, а суровината ќе биде наменета за потребите на домашните термоцентрали.

Премиерот оцени дека комбинацијата од повторно активирање на ТЕЦ „Неготино“, обезбедување дополнителни количества јаглен и подобро искористување на хидропотенцијалот може да придонесе за постабилно снабдување со електрична енергија и подобри финансиски резултати на државниот енергетски систем.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Заматена водата за пиење во Кавадарци и…

Заматена е водата за пиење во Кавадарци…

Две измами во ист ден во Неготино…

Во две успешни измами извршени во ист…

Вчера шест обиди за измами со лажни…

На 17.02.2026 во СВР Велес биле пријавени…

Четири лица од Неготино силувале малолетно девојче

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци…

ХОРОР! Двајца мажи во Неготино имале геј-оргија,…

Пријава против две лица поради тешки кривични…